Достапни линкови

Мисија „преживување“, повисок стандард само сон


Речиси две просечни плати се потребни за да се наполни потрошувачката кошничка. Според последните податоци на Сојузот на синдикати на Македонија, скоро 74 проценти од месечните трошоци за живеачка завршуваат за плаќање на сметки и за исхрана.

Кога просечната плата во земјава изнесува нешто над 22 илјадиденари, а минималната потрошувачка кошничка за месецот чини 32.325 денари, многу е тешко да се преживее тековниот месец, се жалат македонските граѓани. Сметките за струја, вода, парно, телефон, како и храната која секојдневно поскапува, се голем товар за семејните буџети. Минусно салдо на една платежна картичка, затворање на истото со друга, земање кредити за покривање на одредени трошоци и слично е суровата реалност за многу семејства. Секојдневието покажува дека Македонците се светски феномен во преживување, велат граѓаните кои ги прашавме како се живее во Македонија.

„Ако имаш 300 евра плата за да преживееш или стан ќе дадеш под хипотека, или ќе земеш кредит. Само за да ја наполниш потрошувачката кошничка, за друго не смееш ни да помислиш.“

„Место да јадеш месо секој ден ќе јадеш еднаш неделно, моли бога пиперките и патлиџаните да поевтинат.“

„Не можеш ни да штедиш со основна плата. Преживуваш само за сметки да платиш и за храна, толку.“

„Мислам дека на друго место вака не се преживува како во Македонија. Еве пак преживуваме некако, не знам како ама се потешко е. Задолжени сме сите до гуша.“

„Малку се парите за да си дозволиш да си купиш сè што ќе видиш, нема.“

„Ни пола месец не поминало, а платата веќе ја нема“, велат дел од граѓаните што ги анкетиравме.

Според последните податоци на Сојузот на синдикати на Македонија, синдикалната минимална кошничка изнесува 32 325 денари. Скоро 74 проценти од месечните трошоци за живеачка завршуваат за плаќање на сметки и за исхрана.

Ние живееме во свет во кој се уште зборуваме за потрошувачка кошничка и задоволување на основните потреби, наместо да дебатираме за повисок стандард, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

„Никаде во светот одењето на годишен одмор не се смета за луксуз или посветување поголемо внимание на здравјето кога има најразлични лекови поскапи, а ги нема на позитивните листи. За жал ние се уште зборуваме за преживување, а не за живеење на граѓаните“, вели Најдовски.

Но, според Најдовски државата не може многу да влијае врз потрошувачката кошничка освен на цените на комуналните услуги преку локалната самоуправа. Цените на производите во кошничката се формираат директно на пазарот, објаснува Најдовски и наведува две области преку кои може да влијае на ублажување на соодност меѓу потрошувачката кошница и просечната македонска плата.

„Прво преку подобрување на условите на работниците, односно зголемување на платите, преку стимулации на стопанствениците да ги зголемат платите. Вториот начин е адекватна социјална политика. Социјалните давачки треба да се наменети кон оние кои се на ниво помеѓу минималната и просечната плата“, вели Најдовски.

Кај нас не се сиромашни само невработените и корисниците на социјална помош, туку и најголемиот дел на вработени кои земаат просечна плата, истакнува Најдовски.

Последната анализа на српски Блиц покажала дека најдобар однос меѓу просечната плата и потрошувачката кошничка во земјите од регионот има Романија, а по неа следуваат Хрватска, Унгарија, Србија. Македонија е рангирана на петтото место.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG