Господине Митревски, Законот за работни односи во последниве години претрпе многу измени, кои според критичарите ги кратат работничките права. Колку честите интервенции во законот се показател дека правата на работниците не се доволно заштитени?
Во принцип веднаш да кажам дека не би се сложил дека се кратат работничките права, бидејќи ако направиме анализа, фактички имаме драстично подобрување на работничките права со овие измени кои беа неколку пати направени, така што мислам дека не се аргументирани тие настапи на одредени критичари.
Ако, како што велите, има подобрување на работничките права зошто тогаш, како што и самиот имате изјавено, се зголемени жалбите за прекршување на работничките права во минатата година во однос на 2012?
Немаме кажано дека се зголемени бројките, туку се намалени.
Но 3.633 работници во минатата година се пожалиле дека им се прекршуваат работничките права што е зголемување за 844 жалби во однос на 2012?
Значи, не знам кои параметри се гледаат, дали вкупните параметри или од она што значи добивање на спорови или прикажување по однос на грански синдикати. Значи, од 2012 година па наваму бележиме пад на бројот на пријавувани повреди на работни односи или повреди кои биле предизвикани од страна на работодавачите. Од друга страна, ако ги земете параметрите дека имаме драстично подобрување и на добивање на работните спорови, во тој случај јасна е позицијата дека голем дел од дилемите и прашања кои биле предмет на спор, сега ги решаваме, со оглед на тоа што направивме дел од измените во Законот за работни односи, и тоа е јасен показател дека сме на добар пат да ги унапредуваме работничките права.
Тогаш зошто ве обвинуваат дека ги штитите интересите на власта, а не на работниците ако веќе бележите успеси?
Не знам, различни се позициите на тие критичари. Секогаш ќе има и критичари, но би било добро критиките да се аргументирани. Не знам како би бил некој обвинуван за некоја узурпација на работнички права кога прв пат после 20 години добиваме Закон за минимална плата, каде што над 65 илјади работници добиваат драстично подобрување на социјално економската положба, ако за прв пат по осамостојувањето добиваме Закон за европски работнички совети, ако за прв пат по осамостојувањето добиваме Закон за забрана за психичко вознемирување, односно мобинг, ако она што порано беше мисловна именка, да развиваме социјален дијалог во Република Македонија, сега го развивме социјалниот дијалог, формиран е националниот економско социјален совет, формиравме во 10 општини локални економско-социјални совети каде што синдикатите учествуваат во донесувањето на одлуките, во креирањето на социјалните економски политики, ако не дозволивме како синдикат да има масовни отпуштања, ако не дозволивме да има намалување на плати, напротив, имаме зголемување на плати, имаме зголемување на плати и оваа година, минималната плата ќе биде зголемена за 9,6 отсто, идната година исто така за 8,2 отсто, ако не дозволивме задолжително зголемување на пензиската граница, мислам дека таквите аналитичари во секој случај се критички и треба да бидат критички и кон самите себе.
Воведувањето на минимална плата го нарековте историски успех. Колку може да се смета успех тоа што Македонија последна во регионот ја дефинираше минималната плата, која воедно е и најниска?
Историски успех е самиот факт што се донесе законот. Тоа е основата од која што тргнуваме. Историски успех е што во старт платата беше зголемена за скоро 100 отсто. Значи, пред донесувањето на Законот за минимална плата, најмалите плати беа од 4.500-5.500 денари. Сегашната плата на почетокот беше утврдена на 8.050, сега ќе биде некаде околу 8.800 денари, идната година ќе биде 9.560, таа по неа ќе биде 10.080 денари. Околу 65 илјади работници во Република Македонија пред донесувањето на овој закон примаа плата до 4.500 денари. Ние не велиме дека е премногу висока, но ако направиме споредба во однос на претходно кога воопшто немаше ништо во делот на оваа регулатива, во секој случај има огромен напредок.
Господине Митревски може ли да се преживее месецот со 8050 денари приход? Вие лично би можеле ли?
Ние не зборуваме дали може да се преживее или не може, ние зборуваме за утврдување на минимум егзистенција. Значи, не можеме да ја поврзуваме минималната плата со основа за реализација на еден нормален живот на четиричлено семејство. Затоа ние имавме параметри преку кои ја утврдувавме висината на потрошувачката кошничка, нашата идеја е постојано да се унапредува тој систем на зголемување на плати во Република Македонија, ние ја афирмиравме идејата дека зголемувањето на платите во Република Македонија треба да оди во чекор со зголемување на трошоците за живот. Ако ги направиме и параметрите дека платата од март ја зголемивме за 9,32 отсто, а трошоците за живот претходната година беа зголемени за 3,3 до 4 отсто, значи одиме во една насока на зголемување на платите. Платите се ниски во Република Македонија, тоа е апсолутно точно, меѓутоа ако почнете од една скоро нула па доаѓате до едни вакви позиции, сигурно дека периодот кој доаѓа ќе предизвикува зголемување на платите и подобрување на стандардот на работниците.
Колку македонскиот работник може да биде задоволен од месечните примања кога земјата е на последно место во регионот по висината на просечната плата? Воедно повеќе од половина работници според Државниот завод за статистика земаат до 12 илјади денари плата, а голем дел се и под просекот.
Податоците покажуваат дека 80 отсто од вработените во Република Македонија примаат плата меѓу 12 и 20 илјади денари, само 3,2 отсто имаат плата над 30 илјади денари и тие 65 илјади работници кои ги споменавме кои примаат плата во висина околу минималната. Тоа е поттик за нас како синдикат и синдикатите никогаш нема да бидат и не смеат да бидат задоволни со висината на платите, туку напротив, постојано се трудат да ги зголемуваат. Значи, ова е нашата агенда и во овие неколку години, барем откако е дојдено ова раководство, покажува еден тренд на постојано зголемување на платите.
Измени има и во Законот за безбедност со тоа што и синдикатот за прв пат ќе се вклучи во нивното спроведување. Закон имаше и досега, но и покрај тоа секоја недела по еден работник го губи животот, според податоците на Македонското здружение за заштита при работа?
Добро, може да се види колку недели се поминати, па дали има толку загинати работници. Значи, бројката не е таква каква што се прикажува, но тоа не значи дека ние не треба да работиме на подобрување на состојбата за безбедност и здравје при работа. Тоа беше и причина што, покрај тие неколку историски чекори кои ги направи синдикатот во Република Македонија, направивме уште еден чекор, тоа се измените на Законот за безбедност и здравје при работа. Ние утврдивме дека има сериозни проблеми при безбедноста и здравје при работа и од тие причини побаравме, уште за време на нашата првомајска кампања, да дојде до измени на Законот за безбедност и здравје при работа, така што самиот факт што кога ја почнавме кампањата, минатата година до овој период имаше некаде околу 284 несреќи, во првиот квартал се покажа дека во Република Македонија се забележани 184 несреќи, тоа значи пад на тој тренд. Самиот факт што ја започнавме кампањата доволно влијаеше дури и превентивно да се влијае да се зголеми степенот на одговорност на работодавачите, но и контролната функција на синдикатите, така што мислам дека ефектите од овој закон ќе бидат уште посилни во иднина.
Работодавците имаат обврска на работниците да им исплатат К-15 до крајот на годината. Како синдикатот ќе се осигура дека работниците го добиле надоместокот и што со оние работодавачи кои не ја завршиле обврската?
Јасна е определбата на синдикатот дека ова работничко право мора да се реализира. Предвидени се повеќе активности од страна на ССМ, во сите оние претпријатија каде што имаме синдикат будно ја следиме состојбата. Нашата крупна анализа којашто беше направена покажува дека некаде околу 40-45 отсто веќе имаме исплатено К-15, останува таа бројка од околу половина која треба дополнително да се исплати до крајот на годината. За сите оние работници каде што не е исплатено, ССМ ги понуди услугите бесплатно да поведува судски спорови, да покренува тужби за сите неисплатени, а секаде каде што ќе утврдиме дека работодавачите вршат злоупотреба, во таков случај ќе поднесуваме и кривични пријави. Исто така имаме направено договор со Министерството за труд и социјална политика, таа ажурност во делот на инспекциите околу спроведувањето на ова право да биде позасилена, така што очекувам во текот на овој период до крајот на годината да биде реализирано ова работничко право.
Владата најави дека ќе мора да се плаќаат придонеси и за хонорарците. Зошто не се побунивте товарот за плаќањето на придонесите да падне врз работодавачите, а не врз хонорарците?
Има неколку ситуации. Дали во текот на годината хонорарецот работи кај ист работодавач или работи кај неколку работодавачи. Во зависност од тоа кај колку работодавачи работи, во тој случај исплатата на придонесите се префрла кај самиот вработен, доколку работи кај еден работодавач, во тој случај работодавачот е должен да ги исплаќа придонесите, но крупната поента во донесувањето на измените во овој закон е во делот на спречувањето на злоупотребите. Ние не можевме да дозволиме голем дел работници да работат скоро секојдневно, да работат месечно, да работат годишно, а притоа да не им биде регулиран ниту стажот, ниту, пак, здравственото осигурување. На некој начин се правеше нелојална конкуренција, се злоупотребуваше законот и на крајот на краиштата се проблематизираше работниот однос на оние работници кои се јавуваа во улога на хонорарци. Дури и со цел да се зголемуваат платите, и таму каде што имавме предвидување за зголемување на платите, најчесто се користеше состојбата да се исплаќа само минимална плата, а за другиот дел да се потпишуваат хонорарни договори, пак сè со цел да се изигра од една страна и работникот, од друга страна и државата, која секако треба да собира средства како би ги алиментирала потребите на другите социјални категории.
Во последно време имаме новини во законите, кои отвораат можност штрајкот на одредени работници да биде прогласен за нелегален. Колку на овој начин се обезвреднува правото на работниците на штрајк?
Штрајкот во Република Македонија е јасно дефиниран дека е ставен во корпусот на апсолутни права кои ги заслужува и кои треба да ги спроведува работникот. Штрајкот претставува крајно средство во делот на реализација на правата на работниците во оние моменти кога ќе се утврди дека и по пат на дијалог не може да се решат проблемите. Не случајно ние како ССМ ја промовиравме идејата за развој на социјалниот дијалог. Во секој случај и ССМ има заземено генерален став дека сите измени на законите кои го поврдуваат правото на штрајк треба да бидат во согласност со Конвенциите на Меѓународната организација на трудот, во согласност со препораките и директивите на ЕУ, како и во согласност со оние насоки кои ги добиваме од Светската конфедерација на синдикати и Европската конфедерација на синдикати. Значи, во услови на криза секаде префериран модел на разрешување на проблемите беше социјалниот дијалог.
Господине Митревски, дали сте набавиле нови службени возила?
Мислам дека ова е депласирано прашање, често пати провејува низ јавноста. Нормално е секој субјект кога ќе утврди дека има еден стар возен парк кој е поврзан со ризик за патување на сите тие кои ги вршат секојдневните функции, да го промени, така што менувањето на возилата по пат на лизинг е вообичаена практика насекаде во светот и би било демагогија да зборуваме за безбедност и здравје при работа, а притоа да се возиме со коли од 1997 година.
Од каде се обезбедени парите?
Како и сите граѓани, како и сите компании кои тоа го прават, и барем сега во Република Македонија има можности да се набавуваат возила преку лизинг, со исплаќање на рати, тоа го направи и ССМ.
Дали парите беа обезбедени од членарините?
ССМ има повеќе извори на финансирање, покрај членарините имаме и други извори.