Достапни линкови

Дипломата во џеб и правец „само не тука“


​​Главните причини поради кои илјадници млади луѓе годишно ја напуштаат земјава се подобро платена работа или подобро образование.

Дојдов до заклучок дека повеќе се исплати да отвориш партија отколку фирма, денес се мислам да си аплицирам во агенција за иселување.

Оти за името на државата се грижиме, но не и за луѓето кои живеат во државата. Ете затоа ќе си одам од земјава.
Коментар на граѓанин на социјалните мрежи.

Ако не знаеш колку луѓе се во фаза на иселување од Македонија види само колку миленици се подаруваат поради заминување во странство.

Невработеноста се намалува од ден на ден со иселување, е тоа е добар маркетинг потег.

Оти за името на државата се грижиме, но не и за луѓето кои живеат во државата. Ете затоа ќе си одам од земјава.

За вработување сите бараат искуство и тоа барем неколку години искуство. Мислам и праксата сега, затоа што е задолжителна, обично ни велат не мора да доаѓаш, ќе ти дадам печат дека си доаѓал, само да не правиш гужва. А, потоа најверојатно треба со врски да се вработиш некаде, затоа што друг начин јас не гледам.
Јана Андева, постдипломка по архитектура.

Ова се дел од коментарите на младите луѓе на социјалните мрежи на тема иселување. Најголем дел од младите кои живеат надвор од Скопје сакаат својата иднина да ја градат надвор од Македонија, а сè помалку и главниот град им ја нуди перспективата која ја посакуваат, велат од невладините организации. Тоа го покажува и последното истражување на Реактор, според кое околу 40 проценти од младите одговориле дека за пет години својата иднина ја гледаат во друга држава. Според статистичките податоци, во Скопје, Битола, Прилеп, Куманово и Тетово живее 40 отсто од вкупното население во земјава.

Има многу Македонци, мислам дека им е подобро таму, повеќето се, да не кажам сите, задоволни од тоа како заработуваат.
Драгана Ќориќ, македонска постдипломка во Прага.

Иако државните институции не кажуваат колку луѓе ја напуштиле земјата, службата за статистика на ЕУ, Еуростат, објави дека од 1998 та до 2012-та, 230 илјади луѓе официјално се иселиле од земјава и имаат регулиран престој во странство. Тоа претставува повеќе од 10 отсто од вкупното население во Македонија. Од нив, 170 илјади Македонци се со привремен престој во земјите од ЕУ. Најголем дел од иселениците во ЕУ живеат во Италија, потоа следуваат Германија, Австрија, Словенија. Во периодот од 2002 година до 2008 година се забележува и масовно одобрување странски државјанства за македонските граѓани. Во тој период околу 5.000 луѓе годишно добивале пасош во друга земја. Но, се претпоставува дека бројката е многу поголема, бидејќи не се знае колку луѓе имаат нерегулиран престој.

Ако на светско ниво младите се застапени со 10 проценти во мигрирањето, во Македонија во 2012 година, 16 проценти од граѓаните коишто мигрирале во странство, постојано или привремено, се млади.
Ивана Давидовска, претседателка на Националниот младински совет.

Главните причини поради кои илјадници млади луѓе годишно ја напуштаат земјава се пари, подобро образование, подобро платена работа. Различни се начините на обезбедувањето на работна виза, со желба само да се замине тие се спремни да работат секаква работа таму, склучуваат фиктивни бракови, бараат врски и пријатели кои ќе им го гарантираат престојот.

Младата Драгана Ќориќ веќе неколку години живее во чешката престолнина Прага. Таа објаснува дека одлуката да замине од земјава ја донела откако година и пол по дипломирањето во Скопје не можела да најде работа. Таму сега е на постдипломски студии и вели дека, иако е странец, воопшто не се чувствува така, затоа што ужива во многу студентски бенефиции.

Ставката на преселување на млади кон Скопје е драстично намалена, значи веќе за младите ни Скопје не е атрактивен град, односно не гледаат перспектива дури и ако се преселат во Скопје.
Неда Коруновска, НВО Реактор.

„Многу подобри услови за студенти, многу повеќе бенефиции, и навистина постојат тие сите студентски бенефиции коишто би требало да ги имаме и овде. И тука ги ветуваа тие бенефиции, но ништо од тоа не видов, а во Прага сум многу позадоволна. За студентските бенефиции, да тргнеме прво од безброј студентски попусти што ги добивам, како одење на театар, кино, јавниот превоз, многу книги, библиотеки и ред други работи. Со тоа што државата овозможува и многу стипендии, а стипендијата ја покрива месечната кирија“, вели таа.

За разлика од неа, Јана Андева која неодамна ги заврши студиите по архитектура и продолжи на мастер студии вели дека студентските бенефиции, особено финансиските олеснувања во Македонија се мисловна именка.

„Многу пари ни одат, затоа што по цели денови сме на факултет или во читална, а реално немаме никакви попусти за ништо, ни за храна некаде, ни за превоз, за ништо немаме попусти“, вели Андева.

Нискиот квалитет на живот се должи на неколку параметри и тоа најмногу на неможноста за вработување, односно огромната стапка на невработеност, особено меѓу младите во Македонија.
Марјан Забрчанец, извршен директор на Младинскиот образовен форум.

Таа додава дека најголем проблем на студентите им се финансиите.

„Затоа што многу пари ти се потребни како студент, а реално немаш време да заработуваш за самиот себе, а и родителите не можат баш сè финансиски да дозволат“, вели таа.

Ќориќ се надева дека по завршувањето на магистерските студии ќе успее да најде работа во Прага затоа што верува дека таму има поголема шанса за напредок во однос на Македонија.

Иако постојат многу мерки за поддршка за вработување на младите, тие од една страна како и да не веруваат во институциите на системот, а од друга страна, пак, тие се соочуваат како со пречка за нивниот степен на образование.
Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.

„Завршив во Скопје додипломски студии, година и пол бев дома, со тоа што редовно и активно барав работа, меѓутоа за година и пол не најдов работа по струка. Завршив на Филолошки, отсек македонски и чешки јазик, не можев ништо да најдам, дури ни како преведувач, со тоа што преведував неколку пати, меѓутоа тоа не беше начин за заработка, можам да кажам дека тоа е повеќе како хоби. Истото го правам и таму, давам и часови по македонски јазик, меѓутоа многу подобро се заработува и од аспект на тоа би била позадоволна ако останам“, вели таа.

​Што се однесува до вработувањето во Македонија, тоа е најголемата мака на младите. Фактот што младите луѓе зависат од семејниот буџет и не можат да создадат сопствен живот е најлошо за нив. По завршувањето на студиите многумина се чувствуваат како да влегле во магичен лавиринт од кој нема излез затоа што компаниите не сакат да ги вработат без претходно работно искуство, а од друга страна, пак, и не можат да најдат каде да го стекнат, а дипломата сама по себе не ги прави подготвени за вработување. Андева објаснува дека предавањата одземаат многу време и не останува доволно за да волонтира во некоја фирма.

Ова проблематика и тоа како треба да се третира, бидејќи ако ние како земја демографски старееме и треба да го покачиме наталитетот и да ги задржиме младите да останат во Македонија, тогаш треба покрај државата која што е еден систем кој што треба да им овозможи на овие млади луѓе да бидат вработени исто така треба да добијат и одредени сервиси и помош и поддршка не само од државата туку и од медиумите.
Сашко Јованов, Македонска платформа против сиромаштија.

„А во принцип кога гледам за вработување сите бараат искуство и тоа барем неколку години искуство. Мислам и праксата сега, затоа што е задолжителна, обично ни велат не мора да доаѓаш, ќе ти дадам печат дека си доаѓал, само да не правиш гужва. А, потоа најверојатно треба со врски да се вработиш некаде, затоа што друг начин јас не гледам“, вели Андева.

Ќориќ вели дека Прага изобилува со нејзини сонародници кои од Македонија побегнале поради егзистенцијални причини.

„Има многу Македонци, мислам дека им е подобро таму, повеќето се, да не кажам сите, задоволни од тоа како заработуваат, со оглед на тоа дека овде ако би ја работеле таа, да не кажам најдолна работа, знаеме како општеството гледа на нас, но таму е нормално и заработуваат за еден нормален живот, сигурно не живеат луксузно, иако голем дел од нив можат и тоа да си го дозволат, но за еден нормален живот да си го издржат семејството успеваат“, вели Ќориќ.

Младите од Македонија мигрираат за 60 отсто повеќе од светскиот просек. Во последната деценија, од Македонија се иселило 12 отсто од населението, од нив голем дел млади. Еден од клучните предизвици е да им се овозможи на тие што сакаат да се вратат во земјава, да се реинтегрираат и да го применат наученото во странство.

„Ако на светско ниво младите се застапени со 10 проценти во мигрирањето, во Македонија во 2012 година, 16 проценти од граѓаните коишто мигрирале во странство, постојано или привремено, се млади. Причината за миграцијата е различна, но генерално е водена од економски причини“, вели претседателката на Националниот младински совет Ивана Давидовска.

Таа додава дека без разлика кои се причините за мигрирањето, многу е важно на младите кои се вратиле во Македонија да им се даде шанса да се реинтегрираат и да ги употребат вештините што ги научиле во странство.

Неда Коруновска од невладината Реактор вели дека слабата економија и недостатокот од работни места се причините зошто 40 проценти од младите ја гледаат својата иднина некаде подалеку од дома. Таа додава дека последните нивни истражувања покажеле оти Скопје повеќе не е привлечна дестинација за младите од внатрешноста.

„Ставката на преселување на млади кон Скопје е драстично намалена, значи веќе за младите ни Скопје не е атрактивен град, односно не гледаат перспектива дури и ако се преселат во Скопје, па моментално само 3,7 проценти од младите би се преселиле или се гледаат за пет години во Скопје наспроти 16 проценти во 2005 година“, вели Неда Коруновска од Реактор.

Истражувањата на Младинскиот образовен форум покажува дека најголем проблем за младите е невработеноста и лошата економска ситуација. Извршниот директор на Младинскиот образовен форум, Марјан Забрчанец, вели дека заедничкиот содржател на сите младински проблеми е нискиот квалитет на живот.

„Нискиот квалитет на живот се должи на неколку параметри и тоа најмногу на неможноста за вработување, односно огромната стапка на невработеност, особено меѓу младите во Македонија. Македонија е лидер во Европа по младинска невработеност. Други наоди кои што МОФ ги има утврдено по однос на лошиот квалитет на живот е недовербата на младите кон институциите, но во исто време и недовербата кон самите себе дека младите можат нешто да сменат нешто во општеството“, вели Забрчанец.

Тој објаснува дека младите во основа се исклучени од процесите на одлучувањето кои доаѓаат од институциите.

„Самото образование придонесува за нискиот квалитет на живот, бидејќи кај нас имаме образовни политики кои што се стремат кон квантитет наместо кон квалитет и во таа насока и слабиот фокус на државата кон обезбедување на неформално образование за младите. Дополнителен товар врз квалитетот на животот на младите се и поделбите по сите основи, од етнички, верски, па до урбани и рурални и културни поделби кои што се иницирани од политичко – партиските естаблишменти и често резултира дури и со насилство меѓу младите“, вели Марјан Забрчанец од МОФ.

Извршниот директор на Коалицијата на младински организации СЕГА Зоран Илиески вели дека младите не се доволно запознаени со можностите за вработувањето.

„Иако постојат многу мерки за поддршка за вработување на младите, тие од една страна како и да не веруваат во институциите на системот, а од друга страна, пак, тие се соочуваат како со пречка за нивниот степен на образование. Сè уште постои нестручна спремност кај младите или процесот во образованието за вработувањето не е доволно изграден“, вели Илиески.

Тој вели дека младите не веруваат дека можат да ја обезбедат својата иднина во Македонија и би ја искористиле секоја прилика за да заминат.

„Тука треба да се размисли и од аспект на бизнис секторот, што е она што треба да го понудат, дали ниските примања коишто ги обезбедуваат за младите коишто првично се вработуваат во нивните компании се многу ниски и не се доволно интересни или не се ни доволни за секојдневните потреби, а да не зборуваме за формирање на семејство и останување во државата“, вели тој.

Сашко Јованов од Македонска платформа за борба против сиромаштија вели дека младите од помалите градови имаат помалку шанси за напредок.

„Во помалите градови доколку се остане, всушност ако и немате работа вие треба да бидете товар на својата фамилија, и ќе чекате по 100 денари, по 200 денари да ви дадат за да имате некој социјален живот, да излезете на кафе со другарите и така натаму“, вели Јованов.

Младите од помалите градови честопати се исклучени од процесите на донесување на одлуки во локалната заедница од страна на институциите, објаснува Јованов.

„Значи ако во одредени краеви им е замрена индустријата, значи може да имаме некој си рурален развој во однос на да речеме на пример туризмот или што било и на некој начин да ги инволвираме овие млади луѓе да бидат вклучени во процесот на донесување на одлуки и да им најдете можни или евентуални вработувања во помалите градови“, вели тој.

Ниската минимална плата е уште една причина која ги обесхрабрува младите да бараат работа во Македонија.

„На нашите фокус групи ни кажуваат дека можеби со 8.050 денари ќе најдете некоја работа, меѓутоа не можете да издржите доколку живеете во друг град, во однос на плаќање на кирија, во однос на сметки и во однос на социјалниот живот. Меѓутоа, кажуваат дека ако вие работите за таа плата, значи за таа ниска плата, вие не можете да мислите за оформување на семејство, бидејќи таа не е доволна за еден човек, а камо ли за повеќечлено семејство ако другите членови се невработени“, вели Јованов.

Дополнително загрижува фактот што младинските теми и проблеми не се доволно застапени во медиумите, а тоа директно влијае врз довербата во медиумите, вели Забрчанец.

„Во однос на квалитетот на содржината која младите ја добиваат од медиумите, 47 проценти од сметаат дека медиумите често пласираат лажни факти, 36 отсто сметаат дека употребуваат јазик кој стимулира поделби, а 33 проценти сметаат дека медиумите ги структурираат вестите на пропагандистички начин. Тоа што младинските теми не се застапени во медиумите директно корелира со тоа што младите имаат ниска доверба кон медиумите, и дополнително тоа што речиси половина од младите не се чувствуваат слободно да изразуваат сопствени општествени политички ставови преку медиумите“, вели Забрчанец.

Тој додава дека доколку им се отстапи повеќе простор на младите во медиумите, не само што ќе се намали јазот, туку може да се очекува и поголем интерес на младите за активизам и за општествените случувања.

„Истражувањето покажа дека младите интернетот најмногу го користат за информирање и едукација, овие два параметри влијаат и врз нивниот порив за граѓански активизам, доколку би биле повеќе застапени и во традиционални медиуми, верувам дека информацијата и едукацијата која што би ја добивале преку традиционални медиуми би влијаела и врз нивниот граѓански активизам“, вели тој.

Јованов објаснува дека на младите им останува гласното говорење за проблемите да го споделуваат на социјалните мрежи кои што се повеќе се застапени во ова ново време.

„Ова проблематика и тоа како треба да се третира, бидејќи ако ние како земја демографски старееме и треба да го покачиме наталитетот и да ги задржиме младите да останат во Македонија, тогаш треба покрај државата која што е еден систем кој што треба да им овозможи на овие млади луѓе да бидат вработени исто така треба да добијат и одредени сервиси и помош и поддршка не само од државата туку и од медиумите“, вели Јованов.

Креирање на специфични стратегии за вработување на младите кои нема да останат само на хартија како декларативни заложби, потоа да се подобри образовниот систем кој треба да се поврзе со бизнис секторот и наместо да печати дипломи да создава квалитетен кадар кој лесно ќе се снајде на пазарот на трудот се само дел од решенијата кои што ги нудат невладините организации.

Поради летните одмори, денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 15 февруари годинава.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG