Достапни линкови

 
Тошковски: Досега 51 починат, над 100 повредени во пожарот во дискотека

Тошковски: Досега 51 починат, над 100 повредени во пожарот во дискотека


Полиција и граѓани пред Клиниката Св. Наум Охридски
Полиција и граѓани пред Клиниката Св. Наум Охридски

Според досегашните податоци на полицијата 51 лице починало, а повеќе од 100 се повредени и пренесени во болниците во Кочани, Штип и Скопје, соопшти на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Министерост Тошковски, заедно со директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, се наоѓаат во Кочани неколку часа откако во раните утрински часови во дискотеката „Пулс“ во градот на истокот избувнал пожар во кој починаа и беа потешко повредени стотина присутни.

Причината за пожарот, според првичните информации кои ги соопшти Тошковски се дека настанал од искри од приотехнички средства, кои биле употребени за светлосен ефект на концертот на групата ДНК.

„Во моментот на активирање на прскалките, најверојатно искрите го зафатиле таванскиот дел кој е од лесно запалива материја и за кратко пожарот се проширил низ цела дискотека и се создал густ чад. За кратко време се пристигнати противпожарни служби од околните градови, амбулантни возила, а активирани се и хеликоптери на МВР за транспорт на повредените на скопските клиники“, изјави Тошковски.

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, прес конференција за несреќата во Кочани
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, прес конференција за несреќата во Кочани

Посочи дека починати лица има во повеќе болници во Северна Македонија, кои по нивна идентификација мора да бидат однесени на обдукција.

„Преку Оперативниот штаб дадено е наптатсвие до сите клиники и болници каде има починати лица, по идентификација на загинатите лица е да ги известат семејствата. Мора да се постапи по насока на обвинител и мора да се изврши обдукција на секое починато лице“, додаде Тошковски.

Во однос на одговорноста за несреќата, минитерот рече дека дел од лицата „се во рамки на соодветна постапка, се приведени и се вршат разговори со нив, а организаторите на настанот се дел од тешко повредените на оваа несреќа.

„Во оваа прилика сакам да изразам најискрено сочувство за најблиските на загинатите во оваа трагедија“, рече министерот.

Утринава, се огласија и од Обвинителството, од каде велат дека точниот број на жртви и повредени допрва ќе се утврдува.

„Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од ОЈО Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид. На кочанското обвинителство ќе му бидат на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување“, соопштија од ОЈО.

МВР и ОЈО координирано работат на терен и најавија дека подоцна ќе излезат со подетални информации.

Повредените хоспитализирани во повеќе болници низ земјата

Вкупно 118 хоспитализирани повредени има низ болниците во Северна Македонија од трагедијата во дискотеката во Кочани, потврди министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиумите.

Според неговите информации од Кризниот штаб во функција се ставени сите капацитети за згрижување, а дел од оние кои првично се згрижени во болницата во Штип се транспортираат во Градската болница Св.Наум Охридски.

„Сите се згрижени, сите капацитети се во функција за да спасиме што повеќе животи на децата кои се повредени. Не би шпекулирал сколку се критичниега ќе одиме на хирургија за да добиеме детални информации. Има тука во болницата 8 ми Септември, во градската болница, на Клиничката болница во Штип, а има и во КАРИЛ каде се уште не сме почнале со реновирање си нема да почнеме додека колку што можеме да ја завршиме успешно оваа операција“, изјави Таравари.

Тој не сакаше да каже какви се повреди имаат хоспитализираните и дали некои од тешко повредените веќе им подлегнал на повредите. Истакна дека веќе се слушнал со директорот од Трансфузиологија и дека за сега нема потреба од крв. Помош била понудена и од Бугарскиот министер но Таравари вели дека нашиот здравствен систем за сега може да го издржи товарот.

Семејствата во очај ги бараат своите блиски, оти никој не знае дали се живи или мртви.

„Ја барам внука ми. Внатре не пуштаат да се влезе, а ние не знаеме каде е. Телефонот и ѕвони, таа не се јавува. Бевме во болницата во Кочани, во Штип, некои се пратени во Скопје. Можеби е повредена и не може да се јави. Мора некој нешто да ни каже итно, каде да бараме“, изјави утринава соговорник на РСЕ од Кочани.

Пред болниците во Кочани и Штип се наоѓаат голем број на блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвен крст прави списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица.

XS
SM
MD
LG