„Студот уште нестигнат, државата се тресе“ – излезе со наслов Слободен печат во средата, веројатно правејќи алузија на засилените подготовки на државните институции задолжени за изненадувањата што ги приредува времето по есенските потфрлања со поплавите во скопско. Како и да е, останува да се види дали и како снегот ќе го „регулира“ градскиот и меѓуградскиот сообраќај и дали задолжените навистина се толку подготвени како што читаме и слушаме по медиумите.
Инаку, на крајот на декември, грипозните граѓани „тешко можеле да ја најдат „бесплатната“ палета лекови во аптеките, а посебно антибиотици за кои рецептите им важат само пет дена“ – информира Утрински, затоа што „Аптеките се без квоти на крај на месецот, болните во потрага по антибиотик“ – како што наслови истиот весник.
За Дневник, меѓутоа, е поинтересно дека „Грчкиот јавен систем за здравство се распаѓа – умираат пациенти што треба да живеат“ – гласи насловот во весникот за таа информација.
И додека се чекаат Бадник и Божик, „Иванов има уште една недела да го додели мандатот за Влада“ – пишува Нова Македонија, а Утрински излезе со следниов наслов: „Иванов на потег, кој ќе биде нов мандатар – Шефот на државата е пред одлука дали автоматски ќе го даде мандатот на претставник на ВМРО-ДПМНЕ или ќе ги свика партиите на консултации за да види која може да обезбеди апсолутно мнозинство за избор на Влада“. Исто така Утрински објави дека „Партиите се позиционираат пред преговорите за коалицирање“. Дневник од свои извори дознава: „Ахмети ретерира кога сфати дека нема авторитет меѓу лидерите – ќе нема лидерска средба во Скопје за печат на албанската платформа од Тирана – платформата ќе биде ратификувана од партиските органи кои ќе застанат зад неа“.
Во екот на меѓупартиските преговори кој со кого ќе коалицира пред формирањето нова Влада, Вечер пренесува изјава на Орце Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција, се разбира, против Зоран Заев. Требало да си поднесе оставка и да одговара за криминалот што го направил.
Вечер го пренесува и мегаинтервјуто на Груевски за Република, во кое тој, покрај другото, изјавува дека Сорос направил модерна армија од невладините организации во Македонија и дека морало да се најдат средства да се помогне да се развие независен граѓански сектор. Утрински објавува мислења на луѓе од невладиниот сектор дека „Продолжува битката со неистомислениците“, и дека нападите на Груевски врз Џорџ Сорос и домашниот граѓански сектор е „продолжување на континуираниот проект за создавање виртуелни внатрешни и надворешни непријатели што ја турка Македонија во поголема криза и прави притисок врз слободата, демократијата и граѓанските права“.
Во Утрински читаме дека „Шеесетина екс-пратеници ја меркаат апанажата по престанувањето на функцијата“, но и дека „Течат роковите – пратениците треба да достават анкетни листови за имотната состојба до 30 јануари“, оние кои не се влезени во новиот собраниски состав и оние новите.
И една прилично загрижувачка вест со која се занимава Утрински, а што е информација од италијанските безбедносни служби: „На Балканот пристигнале 400 терористи на ИСИС?“ – оди со прашален наслов весникот. Еден од водачите на таа организација и најпознат џихадист од регионот, Лавдрим Мухаџери пристигнал дома во Косово и затоа во безбедносните структури на западноевропските држави е прогласена општа опасност. Утрински го пренесува и демантот на властите во Приштина дека Мухаџери е во Косово.