Достапни линкови

Нема брзо решение за недостигот на медицински кадар


Илустрација
Илустрација

Недостигот од лекари специјалисти нема брзо да се реши. Додека новите да специјализираат, старите ќе одат во пензија и повторно ќе има недостиг. Проблемот може да се премости со подоцна заминување во пензија на стручњаците.

Микробиолози, патолози, анестезиолози, гинеколози се само дел од медицинскиот кадар кој во изминативе 10 до 15 години е во дефицит, а ќе биде проблем за кој нема брзо решение и во наредните неколку години и тоа во цела Македонија, вели министерот за здравство во заминување Арбен Таравари. Тој објаснува дека поголемиот дел од докторите сакаат да специјализираат интерно и хирургија.

Според владината програма, решението е долгорочно со одредување на државни квоти за специјализации, кои ќе бидат распишани по локалните избори и тоа во сегментите каде што најмногу недостигаат лекари.

Но, ваквото решение е на долг рок и недоволно, затоа што додека лекарите да ги завршат специјализациите кои траат и до пет години, во одредени сектори повторно ќе се отвори јаз, затоа што дел од лекарите ќе заминат во пензија. На пример во областа гинекологија, според Статегијата на претходната Влада, недостигаат најмалку 150 матични гинеколози во земјава, и додека новите да почнат за работа, од досегашните 144, најмалку 20-тина ќе одат во пензија, изјави неодамна претседателот на Здружението на матични гинеколози Душко Филиповски.

„Еве колешката што работеше спроти мене отиде во пензија, останаа шест илјади картони на жени кои сега немаат матичен гинеколог, каде ќе одат тие? Ние сме сите преоптоварени, со возраста работоспособноста ни опаѓа, не можеме да ги примиме, немаме капацитет, физички не можеме да постигнеме“, вели Филиповски.

Таравари во интервју за Радио Слободна Европа вели дека по средбите со претставници на ова здружение, заклучиле дека едно од решенијата е брзо распишување на специјализации по локалните избори, додавајќи дека инстант решение нема.

„Да увезуваме гинеколози, никој не би дошол за вакви плати во Македонија, единствено можеме да им предложиме да не се пензионираат на 65, туку на 67, да размислуваме опција за одредени гинеколози да имаат дополнителна работа во приватни ординации за да ги искористиме максимално тие човечки ресурси и нивните капацитети“, вели Таравари.

Според дел од анализите за состојбата во здравството, во последниве три години од Македонија се иселиле најмалку 500 млади лекари, бројка што дополнително ја отежнува ситуација во која се наоѓа медицинскиот кадар. Поранешниот директор на болницата „8 Септември“, Сашо Стојчев, јавно истакна дека токму поради недостиг на кадар се затворени неколку операциони сали и одделенија. Информативните портали редовно пишуваат за алармантни состојби во болниците низ земјава, каде што, народски кажано, се кубури со медицински персонал.

Филипоски вели дека неопходно е секоја година да излегуваат по 10 специјализанти за да може да се фати континуитет со цел да се надомести кадарот кој заминува во пензија, а потоа и да се постават кадри каде што недостигаат.

„Еве земете го за пример реканскиот крај. Ростуше, Битуше, Јанче, Лазарополе, Гари, Галичник, најблискиот гинеколог им е или во Дебар или во Гостивар или во Струга. Што се случува таму, има ли бремени во тој крај? Ростуше имаше одлични услови за работа, имаше и родилиште, ама нема персонал таму. Дојран нема гинеколог и сега жените од таму одат во Гевгелија, во Валандово, која каде ќе стигне. Ако треба раѓање да се врши во Дојран, кој ќе ја породи“, вели тој.

Според податоците од Фондот за здравство, во земјава има 144 матични гинеколози од кои 43 се наоѓаат во Скопје. Има активни 17 родилишта, но мнозинството раѓања се вршат во Скопје, затоа што голем дел од родилишта немаат анестезиолози, па не можат да извршат породување со царски рез. Од друга страна, пак, граѓаните од внатрешноста немаат пристап ни до основна здравствена услуга, како што е проверка на брис во микробиолошка лабораторија на сметка на Фондот, затоа што, според адресарот на Министерството за здравство, лаборатории има само во помалку од 15 градови.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG