Докторите се незадоволни од примањата, од системот кој е оптоварен со бирократија наместо со грижа на пациентите, како и од недостиг на материјал за работа. Недостигот на кадар дополнително им ја отежнува работата на лекарите во помали здравствени домови, каде што многу доктори се за во пензија, одат во приватни болници или пак заминуваат за странство. Ниските плати се уште еден демотиватор, вели претседателот на матични гинекологизи, Душко Филиповски, кој неодамна изјави дека специјалистите во земјава не се ценети доволно.
„За споредба, вреднувањето на нашиот ангажман, гинеколозите кои се грижат за репродуктивното здравје на жената и грижата на другите лекари во грижата за општото здравје на пациентите соодносот изгледа вака: четири снаи е еднакво на една свекрва ако е над 65 години, или четири внуки се еднакви на една нивна баба. Сакам да кажам дека капитацијата за четири снаи или внуки и да се бремени и да не се е 50 денари месечно за една од нив, додека грижата за општото здравје на една свекрва или баба е 220 денари месечно“, објасни Филипоски.
Од друга страна, пак, пациентите велат дека со години се незадоволни од услугите и бирократскиот лавиринт низ кој треба да поминат за да добијат здравствена услуга. Недостигот на реагенси за биохемиски и микробиолошки испитувања е само дел од проблемот кој ги мачи граѓаните. Оваа тема во јавноста се отвори неодамна по смртта на двајца гостиварци на Инфективната клиника, каде што се позајмувало реагенси од соседните земји за да се испита болеста. Но, оваа болка е стара. Во микробиолошката лабораторија на табла секојдневно стои известување за кои испитувања нема реагенси.
Пациентите се жалат дека политичарите само ветуваат, но малку исполнуваат и дека за едно снимање чекаат и со месеци. Дел од анкетираните сметаат дека треба да им се даде време на новите власти за да го реформираат системот.
„Велат сè ќе биде, ќе биде и на крај не биднува ништо, само го лажат народот. Јас лани во декември закажав за снимање за спондилоза, но ме снимаа дури сега во мај.“
Добро работи човекот, не треба да го напаѓаме, тој е еден и не може на сите да им влијае, треба народот малку да се стиши и да не критикува многу, многу за да биде добро“, велат дел од анкетираните.
Во новата владина програма е наведено дека ќе биде отворена нова самостојна јавна здравствена установа за итна помош, дека ќе се воведе бесплатно болничко лекување, дека ќе стартува процес на зголемување на платите на сите здравствени работници и дека до 2020 година платите на докторите специјалисти ќе достигне 1.600 евра, а „мој термин“ ќе се замени со систем кој ќе гарантира брза и квалитетна заштита на секое ниво и помали административни обврски на лекарите. За еден месец истекува и рокот од сто дена во кој се очекува новиот министер за здравство да даде отчет за тоа дали некое од овие ветувања се стартувани и што досега е сработено и детектирано како проблем во здравството.