И во овие пеколни горештини, кога има максимално зголемен обем на работа, службата за Итна медицинска помош во Прилеп се соочува со недостиг на кадар, лекари, медицински сестри и технички персонал. Службата пружа 24 часовна медицинска помош за општина Прилеп и за двете рурални општини: Долнени и Кривогаштани. Во моментов на располагање се 14 доктори, од нив двајца со договор на дело, а четворицата други лекари се на возраст над 60 години. За барањата на службата, повторувани со години, Министерството за здравство немало слух.
„Доста е голем проблемот со кадар во итна медицинска помош. Оптимално за да функционира итна помош, како што треба и за да ги задоволи потребите на целата прилепска општина, идеално би било да работат 16 доктори со 18 медицински сестри. Потребен е и технички персонал, зашто и возачи се малку. Се правеа напори да се задоволат потребите од кадар за итна медицинска помош, но тоа зависеше од највисото раководно ниво. Постојано се укажуваше на тој проблем, на секој состанок разговаравме“, вели д-р Снежана Петровска, началничка на Службата за итна медицинска помош во Прилеп.
Според неа проблемот се зголемува уште повеќе, затоа што во многу населени места во руралните општини недостигаат и матични амбуланти.
„Мислам дека најгорлив проблем во моментов е недостигот на лекари по руралните општини, а службата работи како отворена амбуланта 24 часа. Ова морам да го напоменам, значи работиме како обична амбуланта, затоа што мораме да ги згрижуваме пациентите што доаѓаат од селските општини“, истакнува Петровска.
А, бројот на интервенции е за 20 до 30 отсто поголем во однос на истиот период минатата година. Во викенд се регистрираат и до 170 интервенции за 24 часа.
„Кардиоваскуларни заболувања, значи хроничните болни обично овој период не го поднесуваат, зголемен е и бројот на мозочни удари и сообраќајни несреќи. Интервенциите некаде во просек се околу 80 до 100 или 110. Со тоа што во викенд период кога матичните одредени амбуланти не работат, тоа е период кога бројот на пациенти што бараат итна помош достигнува и до 170 за 24 часа“, вели доктор Натали Танеска Спиркоска.
Медицинските стручњаци им советуваат на сите граѓани, колку што можат повеќе да ги избегнуваат пеколните горештини, најкритичниот период од 11 до 17 часот да го поминуваат во затворени и проветрени простории, да консумираат течности и лесна храна богата со витамини, а на хроничните болни редовно да ја примаат препишаната терапија.