Достапни линкови

Стршлени скоро убиле прилепчанец


Според изјавите на докторите, ова лето е значително зголемен бројот на медицински интервенции кај лица со убоди од инсекти.

Рубин Дивјакоски од прилепското село Крушеани деновиве едвај ги преживеал убодите од 4 стршлени за време на неговата утринска прошетка низ шумата со синот. Кога се обидел да извади суви гранки во близина на едно дрво, тој не знаејќи допрел гнездо на стршлени. Почувствувал силен убод во надлактицата на едната рака, а околу него се собрале многу стршлени. Свесен за опасноста по здравјето, тој веднаш се појавил во службата за итна медицинска помош во Прилеп.

Бидејќи биле две докторки не можеле да ме кренат, па запреле едно комбе, ме кренале од кола, бидејќи не бев при свест јас, ова ми го кажуваше син ми, воедно ми ставиле противотров, дојдов при некаква свест.
Рубин Дивјакоски, жител на прилепското село Крушеани

Екипа тргнала веднаш на пат, но додека се сретнале во близина на друго село, тој веќе изгубил свест. Неговиот малолетен син, којшто и не знаел добро да управува со автомобилот, со страв го водел таткото на патот кон Прилеп, бидејќи, иако побарале, не добиле помош од полициската станица во Кривогаштани.

Илустрација.
Илустрација.

„Бидејќи биле две докторки не можеле да ме кренат, па запреле едно комбе, ме кренале од кола, бидејќи не бев при свест јас, ова ми го кажуваше син ми, воедно ми ставиле противотров, дојдов при некаква свест, ме прашаа како се чувствуваш, им кажав дека се чувствувам со дишењето подобрено, само со видот и нозете дека ми се здрвуваат, ми ставиле уште една инјекција“, ја раскажува Дивјакоски личната драма што ја преживеал.

Главната прва реакција кај луѓе коишто знаат дека се алергични на тоа е земање на таблета која е од групата на антихистаминици.
д-р Ристо Никоски, специјалист за кожни болести во прилепската болница.

Овој не е единствен случај. Според изјавите на докторите, ова лето е значително зголемен бројот на медицински интервенции кај лица со убоди од инсекти. Речиси и да нема инсекти кои кај чувствителни луѓе не може да предизвикаат алергиски реакции. Но, меѓу најопасните инсекти посочуваат медицинските стручњаци, се пчелите, осите и стршлените.

„Главната прва реакција кај луѓе коишто знаат дека се алергични на тоа е земање на таблета која е од групата на антихистаминици, ставање на ампула хормонална, односно кортикостероидна и ако ескалира алергиската манифестација и натаму, која што може да заврши со најизразената и најопасна манифестација, која се вика анафилакса, вбризгување на адреналин“, вели д-р Ристо Никоски, специјалист за кожни болести, вработен во прилепската болница.

За да не дојде до вакви реакции, како што вели д-р Никоски, луѓето кои се изложени на вакви реакции, треба да ја зголемат превентивата. Во домот и просториите каде што престојуваат треба да се врши дезинсекција, да се избегне секој контакт со инсекти. Со себе да се носат лекови против алергии, и да се бара што поскоро медицинска помош. Лекарите советуваат зголемено внимание кај децата, кај кои што се уште не целосно оформен имунолошкиот систем.

Во Прилеп и помалите општини се преземаат мерки и се врши редовна дезинсекција.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG