Достапни линкови

Битолчани нападнати од инсекти


Скакулци, комарци, стршлени... Битолчани се жалат на наезда од инсекти. Надлежните велат дека редовно вршат дезинсекција.

Во домот на битолчанец влегол скакулец голем над десет сантиметри. Комарци искасале десетгодишно дете на петнаесет места, стршлен убодел битолчанка. Ова се само дел од поплаките на битолчани до надлежните и медицинските служби во градот.

На завесата забележавме огромен скакулец. Почна да скока по креветот, ни го потресе детето. Одвај го фативме, ништо не го тепаше. Го удривме со мувалото, а потоа го фрливме надвор и таму замислете оживеа.
Миле Саздовски, жител на Битола.

„Беше вечер, а во спалната соба прозорецот отворен, кога на завесата забележавме огромен скакулец. Почна да скока по креветот, ни го потресе детето. Одвај го фативме, ништо не го тепаше. Го удривме со мувалото, а потоа го фрливме надвор и таму замислете оживеа“, вели битолчанецот Миле Саздовски.

„Комарци има доста, има гасеници по дрвјата. Се снаоѓаме како што можеме со затворање прозорци, врати, ги бркаме, нешто со прскање спрејови. Но, треба да се испрска, градот државата да преземи мерки“, вели Јаким Симјановски.

Годинава има исклучително поволни услови за развој на инсектите, посебно на комарците.
Тони Коњановски, епидемиолог од Центарот за јавно здравје.

Од Центарот за јавно здравје потврдуваат дека имаат поплаки од граѓани, но дека редовно вршат дезинсекција. Доктор Тони Коњановски, епидемиолог од Центарот вели:

„Сведоци сме од дојавата на граѓани дека има денови кога има зголемена популација на комарци. Годинава има исклучително поволни услови за развој на инсектите, посебно на комарците. Сведоци бевме на блага зима, но и на период со влага, бујна вегетација, дождливо време и сега интензивни сончеви периоди кои им годат на оние застојани локалитети кои ги мапиравме и ќе се третираат како потенцијални жаришта“, вели Коњановски.

За годинава предвидени се три фази на дезинсекција. Првата беше извршена во мај, а втората е предвидена за овој месец. Ако септември биде топол ќе има и четврто прскање. При дезинсекцијата се врши и ларвицидно третирање.

„Се третираат околу 1600 хектари во Општина Битола, тоа е доста голема површина. Тоа е поделено во неколку зони. Постојат места со постоечки води и новооткриени. Го третираме и делот на Тумбе кафе, кој е рекреативен центар за битолчани, пошумен со доста вегетација и претставува голем проблем, а го третираме и каналниот систем околу градот“, додава Коњановски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG