Достапни линкови

Економски силна жена или мајка?


Како да се зголеми наталитетот, а при тоа да се заштити жената од дискриминацијата при вработување е прашањето што се наметна по иницијативата наречена „Пеленска револуција“ со која се бара продолжување на породилното отсуство на 18 месеци. Жените од бизнис секторот со спротивставени мислења, експертите бараат сеопфатен пристап кон проблемот.

Времетраењето на породилното отсуство и некористењето на ова право од татковците е само дел од големата слика за тоа каква е состојбата со родовите и семејните политики, велат антрополозите. Подобрувањето на состојбата не треба да се одвива еднонасочно, туку потребно е да се направи сеопфатна анализа за тоа, како од една страна да се подобрат работните услови за вработените родители, а од друга страна да се адаптира работата на градинките според потребите на родителите за да им се помогне на семејствата во грижата за децата, велат дел од експертите. Тие посочуваат дека за почеток е неопходно да се изнајде квалитетно решение со кое ќе се оневозможи индиректната дискриминација врз жената при вработување во приватниот сектор.

„Особено треба да се работи на тие законски мерки кои ги имаме, тие да се спроведат, да се најдат механизми со кои ќе се спречи дискриминацијата и да се спречи отпуштањето на жената од работното место, да бидат жените сигурни дека работното место ќе ги чека, да се најдат некои механизми да се спречи таа индиректна дискриминација што се прави врз жени кои не се во брачна заедница и кои допрва ќе треба да формираат семејство“, вели професорката по антропологија Сузана Симоновска.

Таа додава дека иницијативата за продолжување на породилното отсуство која сега е пред пратениците е добра мерка од аспект на семејството и грижата за детето, но во овој период, кога очигледно е дека не се почитува законот за антидискриминација, стравува дека таа може да го зголеми притисок врз приватниот сектор за дискриминација врз жените. Неодамна и од Здружението на бизнис жени во писмено соопштение посочија дека таквите законски измени може да се зголеми родовиот јаз меѓу вработените мажи и жени, а со тоа да се намали амбицијата на жената да напредува во кариерата и економски за јакне.

„Како жени ја разбираме загриженоста и потребата да се биде повеќе со сопственото новороденче, но за тоа би требало да се најдат поволни решенија со кои ќе бидат задоволени сите засегнати страни“, се наведува во соопштението од Здружението на бизнис жени.

Во него како како можни предлози за надминување на ситуацијата ги посочуваат зголемувањето на бројот на градинките и прифатниот број на деца по градинка и зголемувањето на персоналот и стручниот кадар, стимулирање на користењето на родителското отсуство и кај мажите/татковците, воведување на флексибилно работно време и помал број на работни часови, во договор со работодавачот, за мајки со деца до 3 години.

Од друга страна, извршната директорка на Стопанската комора за туризам Биљана Пејоска Ристеска не се согласува дека мајката вработена во приватниот сектор професионално ќе заостанува, затоа што смета дека доколку вработената професионално си ги завршува обврските, таа и по 18 месеци лесно ќе се вклопи во работата. Но, додава дека не секаде е исто.

„Има индустрии каде што тоа не се почитува, јас и како мајка и како жена, морам да кажам дека тоа е разочарувачки, ако се работи за кожарската или текстилната индустрија. Затоа треба ако не може да се обезбедат финансиски средства да им се обезбеди продолжување на породилното отсуство, тогаш да се оди на варијанта подобрување на условите за згрижување на новороденчињата што е можно подобро“, вели Пејоска Ристеска.

Таа додава дека во големите западни корпорации во своите деловни објекти имаат одвоено простор за згрижување на децата на нивните вработени кои по породилното отсуство се враќаат на работа. Со тоа од една страна мајката ќе биде блиску до своето дете за да го нахрани доколку има потреба, а од друга страна работодавачот ќе добие позадоволен вработен кој поради тоа ќе биде и поисполнителен.

Минатата година во Македонија биле родени 23 илјади деца. Според податоците на Фондот за здравство, 9.914 од родилките биле вработени и корисници на породилно отсуство. Во споредба со претходната 2015 година се забележува пораст на вкупниот број породилни отсуства за 700. Притоа, зголемување од 25 отсто има во бројот на осигуренички кои се вратиле на работното место порано од предвидените 9 месеци породилно боледување, односно кои го искористиле правото покрај платата да добиваат половина од утврдениот надоместок за породилно отсуство.

Експертите велат дека продолжувањето на породилното отсуство е еден од начините за стимулирање на наталитет, но не е единствен. За да се одбегне дискриминацијата и уназадувањето на вработените жени кои сакаат да бидат мајки, треба да се скршат стериотипите и да се потикнат вработените татковци да го користат правото на породилно отсуство со што ќе се намали родовиот јаз.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG