Достапни линкови

Три месеци без министер за здравство поради партиски сметки


Архивска фотографија - Клиника за гинекологија во Скопје.
Архивска фотографија - Клиника за гинекологија во Скопје.

Владата се уште нема министер за здравство, заменик-министер за образование и еден министер без ресор, откако тројцата на изборите станаа градоначалници. Најмногу внимание предизвикува здравството, а упатените коментираат дека е недозволиво што толку време е без прв човек.

Три месеци Mинистерството за здравство функционира без прв човек, а првиот човек на владата Зоран Заев, неколкупати најавуваше дека ќе постави министер до крајот на неделата. На 15 ноември премиерот Заев рече дека до крајот на неделата ќе се знае името на новиот министер за здравство, десетина дена подоцна рече дека до крајот на месецот ќе се донела одлуката.

Денеска од Косово, каде што престојува во официјална посета, Заев, рече дека вечер има состанок со коалиционите партнери за кој се надевал дека е последен за да можеле да ги пратат имињата на кандидатите до Парламентот. На речиси половина од месец декември и извори од СДСМ велат дека во многу скоро време ќе завршат разговорите со коалиционите партнери и дека назначувањето на нов министер е прашање на денови.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, локалните избори со коалицирањата на нив ги поткренале тензиите и недоразбирањата во владината коалиција што придонело за подолги договарања.

„Тоа влијаеше врз моделот на избор на новите кадровски решенија и ги отвори прашањата дали да се оди со реконструкција на владата што подразбира и промена на ресорите меѓу партиите или да се оди само со именување на министер“, вели Муслиу.

На локалните избори СДСМ одлучи да даде поддршка на кандидатите на ДУИ, а Алијансата за Албанците, вториот владин партнер, во трката за градоначалнички функции коалицираше со опозициската Беса.

Но, настрана од партиските калкулации, професорот во пензија на Медицинскиот факултет Владимир Борозанов, пак, вели дека е недозволиво толку време такво важно министерство да биде без прв човек. Тој додава дека во принцип министерството е административна институција и таа би требало да ги решава проблемите без разлика дали има министер или не.

„Но, кај нас принципите не важат многу и практично ако нема прв човек се закочува работата на целото министерство“, вели Борозанов.

Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари од Алијансата за Албанците беше на позицијата околу три месеци. Во септември тој си поднесе оставка, откако официјално ја поднесе кандидатурата за градоначалник на Гостивар.

Секторот здравство, пак, се смета за еден од клучните. Во меѓувреме изби и аферата со наводни фалсификувани лекови. СДСМ во предизборието, а сега и во владината програма, пак, ветува многу реформи како нова итна медицинска помош, бесплатно болничко лекување, Детска општа болница во Скопје со Ургентен центар, нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар, разни програми за подобрување на здравствените услуги и за условите во кои работи медицинскиот персонал.

Заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, кој овие три месеци го води ресорот, во емисијата Топ Тема на Телма рече дека целосните овластувања од владата ги добил пред една недела, а претходно, како што рече самиот, бил „англиска кралица“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG