Претседателот на партијата Движење Беса, Биљал Касами изјави дека власта треба докрај да ги расветли случувањата со индициите за криминал на претходната влада и оти е важно да не бидат толерирани и поединци во ДУИ за кои тие сметаат дека се криминогени, како резултат на нивната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа власт мора да расчисти со криминалот на претходната. Ние ги поздравуваме постапките и одлучноста на премиерот да расчисти со тие случувања, особено со случувањата од 27 април, кои беа црна дамка на демократијата. Истовремено сме свесни дека уште позначаен дел од таа криминална власт е дел од оваа власт“, изјави Касами, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Ако премиерот ги толерира и понатаму ДУИ со сите елементи кои ние цениме дека се криминогени, како резултат на нивната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нема да има некоја сериозна криза во владината коалиција, вели Касами. Но, според него, ако владата продолжи со одлучноста да расчисти со сè што и се случи на Македонија, тогаш, како што вели Касами, може да дојде до посериозна криза и ДУИ би размислила дали би била дел од Владата.
„Кога премиерот би бил одлучен да расчисти со сето тоа што и се случи на Македонија во претходните 10 години сигурно дека може да се стави под знак прашалник учеството на ДУИ во постојната владина коалиција. Кога тоа би дошло во прашање како последица на одлучноста на премиерот, сигурно дека и ние би ја разгледале нашата позиција и би помогнале и би биле поактивно вклучени во некои разговори за да бидеме дел од власта без да калкулираме какви позиции во идната власт ќе ни припаднат“, изјави Касами.
Експертите очекуваат Јавното обвинителство во моментот кога целосно ќе биде комплетирано да започне истраги за целосно расчистување на сите индициите од т.н бомби, без оглед на партиската припадност на сторителите на кривични дела.
„Доколку Владата сака да ја задоволи потребата за правда кај граѓаните поради која и беше избрана, а тоа подразбира целосно важење на правото и казнивоста на сите сторители, тоа значи дека доколку има сторители меѓу коалициските партнери, истите треба да бидат предмет на судски процес“, изјави Марко Трошановски од Институтот за Демократија.
Во т.н бомби што ги објавуваше премиерот Заев кој тогаш беше претседател на опозицискиот СДСМ можеа да се слушнат индиции за наводна поврзаност на функционери на ДУИ со злоупотреби на службена должност, а предизборите имаше и обвинувањата за аферата Маџар Телеком.