Господине Касами, кои се вашите очекувања за перспективите на владината коалиција? Може ли некоја од партиите на Албанците да излезе од власта или очекувате фокусот да биде ставен на евроатлантските интеграции и решавањето на спорот со Грција за името?
Сигурно како што одат работите оваа влада, оваа власт мора да расчисти со криминалот на претходната. Во овој правец ние ги поздравуваме постапките и одлучноста на премиерот да расчисти со тие случувања, особено со случувањата од 27 април, кои беа црна дамка на демократијата. Истовремено сме свесни дека уште позначаен дел од таа претходна криминална власт денеска е дел од оваа власт. Го охрабруваме премиерот следните постапки да бидат да расчисти со тие проблематични елементи кои се дел од сегашната власта, како биле дел од претходната власт.
Прашањето беше дали очекувате некоја од партиите на Албанците да излезе од власта?
Кога премиерот би бил одлучен да расчисти со сето тоа што и се случи на Македонија во претходните 10 години сигурно дека може да се стави под знак прашалник учеството на ДУИ во постојната владина коалиција. Кога тоа би дошло во прашање како последица на одлучноста на премиерот, сигурно дека и ние би ја разгледале нашата позиција и би помогнале и би биле поактивно вклучени во некои разговори за да бидеме дел од власта без да калкулираме какви позиции во идната власт ќе ни припаднат. За нас и сега и во иднина е поважен реформскиот курс на оваа влада, отколку позициите на одделни политички партии, па и на Движењето Беса.
Имате ли амбиции за министерстко место во владата? Министерството за здравство и натаму е без челник.
Не сме размислувале за таа позиција, во духот на тоа што го реков претходно – пред да размислуваме за министерски позиции, ние размислуваме за курсот на државата, за позицијата на Албанците во Македонија, но сигурно дека сме во комуникација со премиерот и кога би седнале да разговараме за каква било позиција на Беса во идна влада, прво би разговарале за курсот, а потоа за ресорите кои Беса би ги добила.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираат седниците на Парламентот. Дали е можно да се комплицира ситуацијата во Парламентот? И како ги коментирате притворите на шестмината пратеници?
Кога ќе се ориентира толпа демонстранти да влезе во тој храм на демократијата, да посегне по народните пратеници, значи тоа мора да се расчисти. Јас сум свесен дека повеќето од активистите, односно гласачите на ВМРО-ДПМНЕ би сакале да се расчисти со таа ситуација и да се начисто дека тоа не беше организирано од ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, туку од поединци кои се на чело на таа политичка партија. Ако не се расчисти, тоа ќе остане црна дамка на целата политичка партија и на сите тие кои беа дел од тие протести . се надевам дека она што се случува во ВМРО-ДПМНЕ, особено со најавената оставка на претседателот на партијата ќе донесе нов дух во водењето на партијата. Сигурно дека нема да биде лесно да се промени курсот на една сериозна политичка партија како ВМРО-ДПМНЕ, но сум свесен дека нејзините челници веќе се освестија дека единствен курс на Македонија е да биде дел од ЕУ, од НАТО, од сите механизми кои создаваат стабилност, безбедност и подобра економска перспектива.
Целото интервју со претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.