Последниот потег на претседателот на собраниската комисија за европски прашања Артан Груби со кој го тргна од дневен ред на комисијата законот за употреба на јазиците, според политичките аналитичари, е да се остави простор за битните реформски приоритети, но и да не се прават дополнителни поделби.
Една од причините за одложувањето, според аналитичарот Џељаљ Незири, се кусите рокови за конкретни реформи кои ги даде еврокомесарот за проширување Јоханес Хан при посетата деновиве. Овој закон, смета Незири, би се употребувал за добивање политички поени од сите партии, па преку собраниската дебата би се потрошил целиот период до Нова година, за кога и Хан спомена дека ги очекува реформите.
„Мислам дека тоа е причината, но не ја исклучувам и можноста ДУИ да калкулира и со можното актуализирање на ова прашања по овој шестмесечен период кога на Македонија треба да и се случат најголемите чекори во приближувањето кон ЕУ“, вели Незири.
Одложувањето на седницата на Комисијата за европски прашања се случи ден откако еврокомесарот рече дека владата и другите фактори во земјата треба да се фокусираат врз законите и условите кои се релевантни за добивање препорака, а дека Законот за употреба на јазиците не е дел од она што е договорено во овој контекст.
И во средата, пред заминувањето од Скопје, еврокомесарот не го спомена директно законот, но рече дека очекува сите да бидат фокусирани врз ургентните реформски приоритети конкретно реформите во судството, во разузнавачки служби и администрацијата.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, пратеникот Артан Груби пак, тврди дека одложувањето не било поврзано со изјавата на Хан, а дека го сторил тоа за да не се дефокусира јавноста од итните прашања и по неговата процена дека неделава е многу значајна за други реформски прашања.
Моментот во кој се правеше обидот да се протурка законот е погрешен, смета Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки. Сега се бара поголемо единство и соработка меѓу власта и опозицијата и граѓаните поради процесите важни за земјава што се случуваат на меѓународен план, додава тој.
„Поради тоа сметам дека ќе се направеше уште поголема поделеност по етничка линија, а во овој момент мислам дека тоа е најмалку потребно и затоа ДУИ ретерираше со носењето на овој закон“, вели Гаџовски.
Инаку, пратениците во минатата недела изгласаа предлог-законот за употреба на јазиците да оди на второ читање, а за него досега се поднесени 90 амандмани, од кои 84 од ВМРО-ДПМНЕ, четири од СДСМ и два од Беса.
Според она што досега, пак, е ставено на официјалната интернет страница на собранието, до петок на дневен ред нема закони поврзани со итните реформиски приоритети. На дневен ред на седницата закажана за в сабота, прва точка на дневен ред е избор на нов јавен обвинител, а потоа следуваат измените на законите поврзани со судството. Тоа, заедно со администрација и безбедносните служби, се трите области кои Хан ги спомена како итни за реформи.