Позитивни пораки и очекувања за брз напредок на Македонија во европските интеграции искажаа премиерот Зоран Заев и еврокомесарот Јоханес Хан на денешната прес конференција по работниот ручек во Скопје. Работите одат во добра насока, но треба уште да се работи на реформите на разузнавачките служби, судството, јавната администрација. Тоа се области во кои ни се потребни конкретни резултати до крајот на годината, рече еврокомесарот.
„Постигнавме многу, но сега е важно да се истрча последниот километар или половина километар за да се заврши овој маратон, нешто да се направи“, рече Хан.
Јас и мојот тим сме посветени и очекуваме во почетокот на следната година да се случи нешто. Сега сме повеќе сигурни отколку претходно дека нашите земји членки ќе дадат одобрение за ваква препорака, рече еврокомесарот.
Премиерот Заев, кој даде преглед на досега реализирано и оцени дека посетата на бриселскиот дипломат доаѓа во клучна фаза на проценка на исполнетото од планот 3-6-9, очекува Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена да биде соопштена во февруари наредната година.
„Очекуваме да добиеме чиста препорака за влез во ЕУ и датум за претпристапни преговори на ЕУ со Македонија. Ние ќе испорачаме резултати, затоа што овие реформи пред сѐ се за наше добро, но во исто време очекуваме нивно соодветно вреднување од европските институции“, рече Заев.
Еврокомесарот, пак, упати порака и до опозицијата. Важно е таа да ја одигра својата улога и да биде одговорна, додаде тој. Побара од сите опозициски партии да бидат критички, но како што рече, конструктивно критички за да се испочитувале сите рокови и датуми за да се постигнел потребниот напредок.
„Како што знаете јас сум долго во политиката и не сум наивен, иако се трудам да ја зачувам наивноста меѓутоа ако се работи за цел од национално значење и ако се работи за евроатлантската перспектива и ако е тоа национална цел неколкупати изразена од клучни фактори и поддржана од 75-80 проценти од вашата јавност очигледно е дека целта може да се постигне ако сите одат во ист правец“, рече Хан.
Одговорајќи на новинарско прашање тој рече и дека Законот за употреба на јазиците не е дел од она што е договорено во контекст на условите што се релевантни за добивање позитивна препорака. Сега е важно да се работи на она што треба итно да се сработи, а ако може и законот за јазиците, во ред, рече Хан кој во Македонија останува и утре за кога е најавено уште едно негово обраќање.