Планот за реформи за следниве месеци владата ќе го објави оваа недела, велат од владината прес-служба. Идната недела пак, работно ќе им почне со состаноци со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој самиот ја најави посетата на неговиот профил на социјалната мрежа Твитер.
По состаноците вчера во Брисел со министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, тој напиша дека се радува на посетата идната недела на Скопје и на политичките средби и размената на мислења со граѓанското општество.
Инаку, планот за реформите за првите три месеци беше објавен во почетокот на јули, па трите месеци за неговото реализирање истекоа минатиот месец. Од владата велат дека од вкупно 73 мерки во 11 приоритети целосно се реализирани 59 мерки, односно околу 81 насто од планираното. Останатите 14 мерки се во тек.
По области, сто отсто се реализирани мерките во делот на Собранието, Охридскиот договор, медиумите и реформата на јавната администрација, наведуваат од владата. Најслабо оди реализицијата во делот „именувања“ каде што, како што информираат, реализирани се само 33,33 отсто. Под именувања се подразбираат назначувања на членови на управни и надзорни одбори, претставници во дипломатско-конзуларни претставништва, совет на јавни обвинители, уставен суд. Во првите три најслабо реализирани области покрај именувањата спаѓаат и миграциите со 60 отсто и граѓанското општество со 66,66 отсто.
Хан,пак, во најавата на Твитер за посетата на Скопје наведува и дека „верува оти владата ќе го искористи позитивниот момент и дека ќе се виделе резултати од натамошните реформи до крајот на годинава“.
„За ова е потребна конструктивна соработка со сите политички сили вклучително и опозицијата“, наведува Хан.
Според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, покрај тоа што еврокомесарот на некој начин ќе направи ревизија на сработеното од страна на владата, ќе упати и порака до опозицијата за дијалог. Во тој контекст Гаџовски споменува дека една од темите можно е да биде и идејата на европратеникот Иво Вајгл за средба на претставници на власта и опозицијата во Париз.
„Мислам дека точката на врзување меѓу власта и опозицијата ќе биде таа средба во Париз затоа што ние не гледаме кохабитација тука во Македонија меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека прва и основна точка на таа средба ќе биде соработката во однос на тоа што треба да се донесе како реформи за евроинтегративниот процес“, вели Гаџовски.
Еврокомесарот во Скопје беше на владината седница на која се презентираше планот за првите три месеци. Тогаш во интервју за Радио Слободна Европа рече дека предлогот за реформите на владата е вистинскиот пат напред, дека опозицијата била посветена на тоа да биде фокусирана на реформите, а дека министрите требале да работат заедно.
Пред да пристигне во Скопје кон крајот на јуни тој најави дека повторно во земјава ќе пристигне тимот предводен од експертот Рајхард Прибе, кој подоцна дојде да ја скенира состојбата. Очекувањата се дека нивните забелешки ќе бидат вклучени во реформите.