Достапни линкови

Хан ја почнува посетата на Македонија


Архивска фотографија - еврокомесарот Јоханес Хан со премиерот Зоран Заев при презентацијата на планот за првите три месеци
Архивска фотографија - еврокомесарот Јоханес Хан со премиерот Зоран Заев при презентацијата на планот за првите три месеци

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја почнува дводневната посета на Македонија. Денеска ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со неколкумина министри во чии сектори се очекуваат крупни реформи. Според најавата, тој се очекува да се сретне и со партии и со претставници на граѓанското општество.

Работен ручек со премиерот Зоран Заев, па состанок со четворица министри се дел од денешната агенда на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој во Скопје престојува во дводневна посета на која се очекува да разговара за реализирано во првите три месеци од владиниот план за реформи именуван 3-6-9 и за планираната реформска агедна во наредните три месеци.

Во клубот на пратениците по работниот ручек со премиерот најавено е дека двајцата ќе одржат прес конференција. Потоа Хан во Секретаријатот за европски прашања ќе се сретне со делегација на владата предводена од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а во која ќе бидат и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за правда Билен Саљији и за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Според најавата, Османи ќе ги презентира новите реформски пакети шест и девет, кои,како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, претставуваат дополнение не Планот 3-6-9.

„Посебен осврт на реформските приоритети во клучните области, правосудството, реформата на безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, во детали ќе ги презентираат соодветните ресорните министри задолжени за нивна подготовка и имплементација, Спасовски, Саљији и Манчевски“, се наведува во соопштението.

Минатата недела на прашање на Радио Слободна Европа до каде е реализацијата на планот за првите три месеци кои истекоа минатиот месец, од владата одговорија дека од вкупно 73 мерки во 11 приоритети целосно се реализирани 59 мерки, односно околу 81 насто од планираното. Останатите 14 мерки се во тек.

Во одговорот се наведува и дека по области, сто отсто се реализирани мерките во делот на Собранието, Охридскиот договор, медиумите и реформата на јавната администрација. Најслабо оди реализицијата во делот „именувања“ каде што, како што информираат, реализирани се само 33,33 отсто. Под именувања се подразбираат назначувања на членови на управни и надзорни одбори, претставници во дипломатско-конзуларни претставништва, совет на јавни обвинители, уставен суд. Во првите три најслабо реализирани области покрај именувањата спаѓаат и миграциите со 60 отсто и граѓанското општество со 66,66 отсто.

Инаку, минатата недела во Брисел еврокомесарот им беше домаќин на министерот за надворешни работи Никола Димитров и на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. И тогаш на дневен ред беше реформската агенда на Македонија, а македонските претставници порачаа дека за земјава 2018 година претставува историска шанса кога сите коцки се наредени за да се направи клучниот исчекор и конечно да се затвори прашањето за НАТО и ЕУ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG