По процедуралните забелешки за наводно прекршување на Деловникот, пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ го праша премиерот Заев зошто Законот за употреба на јазиците, кој како што рече, е неуставен и спорен, особено поради недостигот на јавна дебата, се носи со европско знаменце?
Премиерот Заев се повика на Европската конвенција за употреба на јазиците, но не се согласи со констатацијата дека за законот немало јавна дебата.
„Мислам дека е еден од законите за кој најмногу се коментирало во Република Македонија. И до ден денеска стојам зад ставовите на Владата. На транспарентен начин сакаме да овозможиме права на граѓаните согласно Устав којшто практично им се потребни“, изјави Заев и додаде:
„Треба да итаме напред во нашето растеретување од предрасудите дали одредени права на помалку бројните етнички заедници треба да ги дадеме или не. Верувам дека aко се растеретиме како општество ќе може да се посветиме на работи коишто се важни и еднакви за сите“, рече Заев.
Димовски упати критика и за кадровските решенија во одредени институции за кои рече дека се нестручни, не ги исполнуваат критериумите и нема јавни огласи.
„Дали господине Заев сте подготвен во моментот да наброите пет кадровски грешки што сте ги направиле во изминатите шест месеци, кои ќе ги исправите во следната недела?“, праша Димовски.
На ова Заев одговори:
„Денеска ако треба прецизно да набројам пет кадровски грешки и одлуки коишто сме ги донеле тоа се несменети началници или раководители на ВМРО-ДПМНЕ“, му одговори Заев.
И економијата во фокусот на пратеничките прашања
Економијата и изборните ветувања во оваа област беа исто така во фокусот на пратеничките прашања. На прашањето на Димовски дали изборното ветување за поврат на ДДВ-то од 15 проценти кон граѓаните ќе биде остварено и зошто не се планирани во буџетот за таа цел, Заев одговори дека таа постапка бара претходна административна подготовка која ако покаже дека функционира, истата целосно ќе се спроведе во 2019 година. Димовски реагираше дека аргументите за актуелната економска состојба не му одат во прилог, на како што рече, популистичкиот говор на Заев.
Пратеникот на БЕСА, Африм Гаши праша кога ќе се направат конкретни чекори за да нема политички монтирани случаи во земјава. Кога ќе се покрене меѓународна истрага за дел од судските случаи?, праша Гаши.
„Ако во процесот како што е „Диво насеље“ направиме паралелна меѓународна истрага тоа ќе го дерогира независното судство согласно Уставот за да може постапката да си продолжи по одлука на Основен суд, Апелација и Врховен суд. Ако дадеме меѓународен коментар во моментот на оваа одлука тоа може да значи пореметување на независноста при носењето на судската одлука и жалбената постапка“, одговори Заев.
Прашање до премиерот имаше и од владината коалиција. Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески праша какви ќе се новите мерки со кои ќе се зголеми за економски раст. Му одговори заменик премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
„Новите мерки се пред сè транспарентни. За да не ни се случи сценариото во коешто ќе финансираме желби. Ние рековме дека ќе се финансираат резултати. А резултатите ќе бидат детерминирани со работењето на компаниите. Субвенциите и помошта ќе бидат за компаниите откако тие ќе покажат резултати. И македонските и странските компании ќе бидат поддржани,тие мораат да покажат раст и да не ги намалуваат бројот на вработени“, порача Анѓушев од собраниската говорница.
Инаку, освен редовните седници за пратенички прашања, кои се одржуваат еднаш месечно, премиерот Зоран Заев побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да се одреди и термин еднаш неделно. Џафери треба да го одреди времето и форматот на пратеничките прашања.