Власта тврди дека парите од новиот предлог буџет кој тежи 3,4 милијарди евра се насочуваат кон граѓаните и стопанството. Приоритет на новиот буџет, пак, според ВМРО-ДПМНЕ е богатењето и лускузирањето на владините функционери, а не доброто на граѓаните.
Своите аргументи за и против предложениот буџет во следниве десет дена ќе ги вкрстат народните избраници кои со својот глас одлучуваат дали ќе биде усвоен предложениот буџет.
Во своето обраќање пред пратениците, министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработувањата, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО.
„Предлог-буџетот ја покажува нашата цврста определба за ефикасно, домаќинско, транспарентно и општествено-корисно трошење на државните пари. Како што може јасно да се види од предлогот, народните пари ќе се трошат на вистински мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните, а не на расипништво и непотребни проекти“, рече министерот Тевдовски.
За ВМРО-ДПМНЕ Предлог - буџетот е нереален
Засега главните забелешки на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која поединечно има поднесено 204 амандмани, се дека буџетот предвиден за следната година не покрива во голема мерка повеќе претходно започнати проекти кои требаше допрва да се зголемат.
Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска, која е од ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека новиот буџет не соодветствува на реалноста, а дека приходната страна е вештачки креирана.
„Повисоки планирани приходи се 10 милјарди и 703 милиони денари. Од нив се 8 милјарди даноци и две милјарди придонеси. Ако се знае фактот дека дека прогресивното оданочување ќе биде во 2019 година, тогаш ве прашувам како ќе се зголемат приходите кога во изминатите неколку месеци ние имаме забавен раст на прибирање на приходите? Мала е бројката доколку планирате и казни поголеми да воведете, доколку не планирате да воведете некое ново даночно зголемување, кое пак ќе биде на товар на граѓаните“, праша Кузмановска.
Задоволство од буџетските средства кои се планирани за институцијата Омбудсман изрази народниот правобранител Иџет Мемети. За разлика од тековниот буџет предвидено е 4, 2 проценти зголемен буџет за 2018 година за институцијата Народен правобранител.
„За прв пат се случува институцијата Народен правобранител заедно со Владата да го договори односно усогласи буџетот. Уште повеќе сакам да ве информирам дека имам причина и уверување дека овој буџет ќе успеам да го спроведам без никакви проблеми или попречувања, кои барем досега беа голем хендикеп за институцијата Народен правобранител“, рече Мемети.
Партијата БЕСА поднесе 75 амандмани од кои повеќето се однесуваат на повеќе пари и средства од буџетот за проекти во местата низ Македонија каде претежно живеат Албанци за да има рамномерна и правична застапеност на сите даночни обврзници од кои се полни државната каса.
Аналитичари - Важно е да се реализира ветеното
Економските аналитичари објаснуваат дека не постои совршен предлог буџет. Аналитичарот Арбен Халили позитивно го оценува тоа што овој предлог буџет е насочен кон зголемување на капиталните инвестиции, а намалување на непродуктивните трошоци. Сепак, стравува од можни ребаланси на овој предлог во текот на следната година.
„Потребно е се да се спроведе така како што е прикажано на хартија сега. Ако и овие прават исто како другите, ајде ребаланс за некои 3, 4 месеци и ако од планираните капитални инвестиции се реализира само 30 отсто, тогаш тоа нема да биде професионално и од тој аспект би биле моите забелешки“, вели Халили.
Инаку, Предлог - буџетот предвидува вкупните приходи за наредната година да се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, додека расходите за 4,1 проценти. Со предложениот буџет пари се предвидени за капитални инвестиции, за навремена и непречена исплата на плати, пензии, социјални трансфери, поддршка на домашни компании,
Од даноци пак се планира да се соберат 114,979 милиони денари што е за 7,5 проценти повеќе од годинава. Од придонеси се очекуваат 55,403 милиони денари, односно за пет проценти повеќе од годинава. Ваквото зголемување е од очекуваното раздвижување на економијата, зголемување на вработеноста и на платите на вработените.
Меѓудругото Владата планира намалување на средствата за непродуктивни трошоци. Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 17.463 милиони денари, или за 203 милиони денари помалку пари во однос на оваа година.
Наредната година државата планира да се задолжи вкупно 52,539 милијарди денари на домашниот и странскиот пазар. На домашниот пазар државата предвидува да се задолжи 17,7 милијарди денари, а на странскиот пазар 34,839 милијарди денари.
Со Предлог-буџетот се предвидува македонската економија следната година да има раст од 3,2 проценти, а стапката на инфлација 1,7 проценти.
Неодамна премиерот Зоран Заев изјави дека новиот буџет е буџет за финансиска и економска стабилност на земјата, ветувајќи повеќе пари за повисоки плати во образованието, здравството, одбраната и детската заштита.