Намалување на непродуктивните трошоци, обезбедување мерки за зајакнување на социјалната кохезија и поддршка на домашните компании се основните цели на предложениот ребаланс на буџетот, образложи првиот човек на министерството за финансии, Драган Тевдовски во обраќањето пред македонските пратеници. Ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот.
„Кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните претпријатија. Тие мерки се минималната плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средни претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и сл. Со други зборови тоа е дел од програмата на новата влада што може да се реализира на краток рок. Останатите планирани мерки кои граѓаните и фирмите ги очекуваат се дел од подлабоки системски промени и оттаму ќе бидат вклучени почнувајќи од Буџетот во 2018 година на кои како министерство веќе работиме“, рече министерот Тевдовски.
Предложениот ребаланс на буџетот не предвидува ниту еден предлог кој ќе значи подобрување на животот на граѓаните, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Владимир Ѓорчев вели дека предложениот буџет не нуди зголемување на платите и пензиите, ниту пак, нуди нови инвестиции во привлекување на странски или домашни инвестиции.
„Ние се враќаме на период во којшто имаме целосно економско замирање, имаме намалување на средства за образованието, намалување на средства за патишта, за ранливите категории, за градинки итн. Овој предложен буџет е буџет за вегетирање на македонската економија, буџет кој не обезбедува развој“, изјави пратеникот Ѓорчев.
Од поднесените 706 амандмани на опозицијата, парламентарното мнозинство не прифати ниту еден, што според Ѓорчев е нешто непознато досега.
„Досега сите влади на ВМРО-ДПМНЕ во сите ребаланси имаат прифатено амандмани на опозицијата на ребаланс на буџет или кога се составувал буџет. За првпат имаме ситуација каде што буквално ниту еден амандман не е прифатен, што значи дека апсолутно немаат слух за оние предлози кои се однесуваа на подобрување на животот на граѓаните“, изјави Ѓорчев.
На предложениот ребаланс на државната каса, 63 амандмани поднесоа и од партијата Беса, но ниту еден од нив не беше прифатен. Од Беса реагираат дека се подготвува буџет за изборни активности, односно буџет кој не е развоен и не е во функција на подобрување на стандардот на граѓаните.
„Се намалуваат средства во области како што се образованието, здравството итн. Ние имаме забелешки и во однос на тоа дека нема посебен интерес за деловите каде што живеат Албанците. Значи се продолжува со стариот тренд, нема средства за значајни проекти во тие области, за училиштата, за регионалната депонија на Полог на пример итн“, изјави заменик-координаторот на пратеничката група на Беса, Фадиљ Зендели.
Според предложениот ребаланс, се предвидува дефицитот на Буџетот да остане 2,9 отсто од БДП, а предвидениот раст да изнесува 2,2 проценти наместо првично предвидените 3 отсто. Предвидено е кратење на расходите од 48,7 милиони евра и на капиталните инвестиции за исто толку, а предвидено е да се реализираат сите веќе започнати инфраструктурни проекти, како и да се додаде изградба на некои нови училишта во источна и во западна Македонија. Проекцијата на приходите е проектирана на 3,003 милијарди евра. Кај расходите, проекцијата 3,305 милијарди евра. Дефицитот останува проектиран на 302 милиони евра.