Министерството за финансии интензивно работи на ребалансот на буџетот, кој веројатно ќе биде предложен до крајот на наредниот месец, велат извори во Министерството. Велат дека во буџетот ќе бидат предвидени пари за зголемување на минималната плата на 12 илјади денари, што беше и предизборно ветување на СДСМ.
Изминатите денови има консултации со министрите и се прават пресметки за тоа каде и колку може да се крати, а каде треба да се додадат пари. Во Министерството за финансии најавуваат дека ќе се крати на непродуктивни и дискрециони трошења, но оти просторот за кратење е многу мал и оти промените повеќе ќе бидат во начинот на трошење, отколку на сумата.
Дел од министерствата веќе се пожалија дека нивните буџети пред промената на власта биле потрошени над 60 проценти во првите пет месеци од годината.
Официјалните податоци на Министерството за финансии покажуваат дека во првите четири месеци, односно во првата третина од годината, се собрани 31 насто од планираните приходи и се потрошени помалку од 30 насто од парите предвидени за до крајот на годината. Поради ограничувањата што ги имаше техничката влада по изборите, и буџетскиот дефицит е помал од планираното, односно во првите четири месеци од годинава е направена само една петтина од планираната буџетска дупка, односно околу 58 милиони евра од планираните над 300 милиони евра. Со ребалансот веројатно нема да има намалување на дефицитот, велат во министерството.
Економскиот аналитичар Зоран Витанов вели дека има простор за кратење.
„Ние имаме вишок од 100 илјади административци од коишто еден добар дел седат дома, не одат на работа и земаат плата. Да скратиме од нив и ќе имаме за сè, ќе ја преживееме зимата, што би рекол дедо ми. Ако кажат дека немаат маневарски простор, тоа значи дека не сака на својот компањон, сопартиец да му скрати тоа што не го заслужува. СДСМ вети дека нема да ја крати администрацијата. ВМРО-ДПМНЕ затоа паднаа, оти вработуваа и кај што треба и кај што не треба и тоа без критериум компетентност, туку припадност. Сега истото ли ќе го гледаме само во различни дресови“, прашува Витанов.
При првата средба со новинарите по преземањето на функцијата, пред околу две недели, новиот министер за финансии Драган Тевдовски рече дека надворешниот долг ќе се враќа со парите од еврообврзницата која беше земена минатата година, додека министерството прави анализи дали буџетскиот дефицит ќе го покрива со задолжување на странскиот, како што сега е предвидено во буџетот, или на домашниот пазар, каде, како што рече, има вишок замрзнати пари.
„Клучно е, јас прво нешто што размислувам е која е цената која ќе ја платат граѓаните и второ, мене ме интересира дали таа цена, таа каматна стапка ќе биде пониска од растот на економијата. Домашниот пазар во моментов тоа го обезбедува“, рече тогаш Тевдовски.
Гувернерот Димитар Богов, при презентирањето на Извештајот за работењето на Народната банка во 2016 година, пред Собраниската комисија за финансирање и буџет пред неколку дена рече дека сега е важно да се стабилизира јавниот долг и го советуваше министерот да се задолжува на домашниот пазар зашто има вишок пари.
„Во последните години ликвидноста кај банките е многу висока, тие нема каде да ги пласираат средствата и добро е во такви услови дури и повеќе да пласираат во домашни државни хартии од вредност. Јас истиот совет би го дал и до сегашниот министер за финансии дека банките имаат висока ликвидност, има простор за домашно задолжување, потребно е и странско задолжување, но треба да се прави некаков баланс“, рече пред неколку дена Богов.
Народната банка предвидува растот на економијата годинава да биде 2,5 насто. Јавниот долг на крајот на март бил 4,739 милијарди евра, односно 46 проценти од БДП-то.