Со стотици амандмани почнува собраниската расправа за ребалансот на буџетот. ВМРО-ДПМНЕ поднесе 706 амандмани, кои како што вели Илија Димовски, координаторот на едната од десетте пратенички групи на опозициската партија, може да се поделат во три области.
Димовски прецизира дека четириесетина амандмани се, како што вели, стратегиски и се однесуваат на поголеми суми пари за значајни проекти, околу 300 се од локално значење за граѓаните, а останатите се поврзани со работи кои СДСМ пет-шест години ги ветувал, а сега не ги вклопил во ребалансот на буџетот.
„Се што СДСМ зборуваше до изборите сега спротивно прави. СДСМ сега предлага поголемо задолжување во остатокот од годината, а предлагаат и драстично намалување на капиталните расходи. Ужаснати сме што планираат драстични кратења во делот на образованието и во делот на здравството и здравствената заштита“, вели Димовски.
Буџетот е донесен во минатата година од тогашната влада и е кроен како што на неа и одговарало, па затоа не може да биде реализирани со ребалансот некои од клучните економски постулати, вели пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов. Според него, ваквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ и поднесувањето стотици амандмани се, како што вели, евтин популизам. Капиталните инвестиции во буџетот, онаков каков што тие го имаат зацртано минатата година, се реализирани во многу мал дел додава тој.
„Не можете да држите пари на ставките од буџетот за работи за кои што ниту се спроведени тендери, ниту се започнати тендерските постапки, а стојат како капитални инвестиции“, вели Шилегов.
Пратеничката група на СДСМ нема поднесено амандмани, а за нив, како што додава пратеникот, е важно што со него ќе се исполнеле две важни прашања - зголемување на минималната плата и укинување на радиодифузната такса.
И од ДУИ, кои се дел од владината коалицијата, немаат поголеми забелешки за ребалансот оти велат дека тој е одраз на програмата на владата. Сепак, пратеникот од оваа партија Реџаиљ Исмаили вели дека и тие поднеле три амандмани.
„Еден од нив е за универзитетот Мајка Тереза, еден е за Домот на албанската азбука во Битола и еден е за Центарот за управување со кризи, бидејќи тој има потреба од пари оти знаеме дека во времето на жештини има потреба од интервенции“, вели Исмаили.
Инаку, во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, каде што почна расправата за ребалансот, министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека основна цел на предложениот ребаланс е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада. Тој истакна дека на расходната страна сериозно намалување има кај расходите за стоки и услуги кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција. Расправата по предложениот ребаланс, според Деловникот на Собранието, во Комисијата може да трае 10 работни денови.