Достапни линкови

Македонија може да профитира од сегашната меѓународна поддршка


Аамериканскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли
Аамериканскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли

Поддршката која Македонија сега ја добива од меѓународната заедница е од исклучителна важност и истата треба да се искористи најдобро што може, оценува стручната јавност. Аналитичарите велат дека доколку покажеме резултати, поддршката може да се преточи и во конкретна финансиска поткрепа.

Домашните аналитичари се убедени дека меѓународната поддршка која Македонија ја добива во поглед на нејзините евроатлански аспирации е искрена и нема да недостасува. Претседателот на Евроатланскиот Совет на Македонија, Исмет Рамадани вели дека првите сигнали на поддршка постојат, но дека конкретната поддршка ќе дојде тогаш кога и ние како земја ќе покажеме резултати во однос на реформите кои од нас се бараат.

“После тоа доаѓа фазата кога ние ќе направиме конкретни чекори во однос на евроатланските интеграции и реформите, а доаѓа и конкретната поддршка која ќе биде експертска. Потоа следува финансиската поддршка и земјата веќе е во интересот на прогресивните сили во Европа и светот. Затоа е реално да се надеваме дека земјата ќе се извлече од политичката и економската криза и ќе го фатиме чекорот во евроатланските интеграции“, изјави Рамадани.

Денешната посета на министерката за надворешни работи на Австралија, Џули Бишоп е една од многуте посети на познати државници кои периодов ја посетија земјава и изразија поддршка за евроатланските аспирации на новата влада. Потврда за американската поддршка на земјава стигна и од потпретседателот на Соединетите Држави, Мајк Пенс кој во телефонски разговор со премиерот Зоран Заев ја повторил поддршката на САД за реформите и евро-атлантските аспирации на Македонија. Во соопштението од Белата Куќа се вели дека потпретседателот Пенс ја истакнал континуираната поддршка на САД на евро-атлантските аспирации на Македонија и го охрабрил Заев да им даде приоритет на реформите кои ќе овозможат напредок на Македонија на тој пат.

Професорот Нано Ружин вели дека поддршката од големите светски сили не треба да се потцени и истата може да се преточи во соодветна дипломатска солидарност и „систем на поддршка“ кој во современите меѓународни односи е од исклучителна важност.

„Знаеме дека светот е глобализиран и многу е важно главните играчи да бидат со вас. Друга придобивка од меѓународната поддршка е можноста за пристап до разни фондови и кредити, јакнење на довербата во стопанството и можноста за инвестирање, кредитните можности и финансиската поддршка, бидејќи очигледно е дека земјава поминува низ голема економска криза, така што во овој момент е многу важно оваа влада да добие поддршка од големите сили кои можат да влијаат врз стабилизација во државата,“ изјави Ружин.

Сепак, аналитичарите укажуваат и на потребата земјава да ги заврши итните реформски приоритети и на тој начин да покаже посветеност и одговорност кон нејзините евро-атлантски аспирации. Тие немаат дилема дека секој покажан резултат од наша страна ќе биде награден со соодветна меѓународна поддршка преку конкретни проекти или програми.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG