Достапни линкови

Реформи во три фази за приближување до ЕУ


Владата со план 3-6-9 за приближување до ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:36 0:00

Владата со план 3-6-9 за приближување до ЕУ

Владата најави демократски Парламент, реформи во судство, во медиумите, борба против корупцијата, реформи во администрацијата, реформи во безбедносните служби, услови за фер избори...

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи го презентираа планот 3-6-9 на итните реформски приоритети што Владата го усвои на вчерашната седница. Планот ги опфаќа реформите што треба да се спроведат во наредните 3, 6 и 9 месеци, а кои, како што вели Заев, се сериозен пробив на патот кон ЕУ.

„Ја покажува нашата силна определеност да бидеме максимално одговорни кон обврските што ги презедовме“, рече Заев.

Тој додаде дека за три месеци Владата треба да ги заокружи првите реформи и до одржувањето на локалните избори да се обезбеди аргументација за Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на преговори. За шест месеци треба да се заокружи вториот реформски круг за пред Советот на ЕУ во декември да се покажат сериозни резултати во повеќе области за да се „зацврсти перцепцијата за Македонија како сериозна држава-кандидат за ЕУ“. За девет месеци треба да се заврши третиот круг реформи за во следниот извештај за Македонија на ЕК „да ги насочиме земјите членки на ЕУ кон дискусија за утврдување датум за претпристапни преговори на ЕУ со Република Македонија“.

Заев најави демократски Парламент, реформи во судство, реформи во медиумите, борба против организираниот криминал и корупцијата, реформи во јавна администрација, реформи во безбедносните служби, услови за фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и сите други релевантни меѓународни организации, кохабитација со претседателот на државата и соработка со граѓанското општество како рамноправен партнер.

„Ќе овозможиме опозицијата да се вклучи во спроведувањето, надзорот и консултациите околу мерките во владата, како и сите други поединци, групи, партии, организации, експерти... Сите реформи сакаме да ги направиме врз принципиелна основа, низ темелно согледување на состојбите и систематско решавање на проблемите, а не избрзани или половични решенија“, рече Заев.

Вицепремиерот Османи рече дека најавените реформи ќе ја приближат Македонија до западноевропските стандарди за демократија. Тој најави поддршка за ДИК пред изборите согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, прифаќање на забелешките на ЕК за правосудството и укинување на законот на утврдување факти и дисциплинска одговорност на судии, зајакнување на кадровските капацитети на Народниот правобранител и поддршка за СЈО.

Османи рече дека владата ќе изготви нов предлог закон за употреба на јазиците, укинување на владините реклами на комерцијалните телевизии, објавување на сите трошоци за рекламирање на владата и критериумите по кои се прави, враќање на демократскиот амбиент и политичкиот дијалог во Парламентот.

„Спроведувањето на овие реформи не претставува само обврска која ја имаме преземено пред нашите меѓународни партнери, туку и неопходен предуслов за да изградиме функционална демократија, стабилно општество и компетитивна економија. Долгото чекање пред вратите на ЕУ нè влече назад и како што видовме во изминатите 2-3 години, нè однесе во длабока политичка и институционална криза. Овој прогрес на можноста што сега ни се отвора, овој нов моментум на севкупен оптимизам, како во земјата, така и во земјите-членки на ЕУ мора да го искористиме и мора да испорачаме“, рече Османи.

Тој рече дека ова не е процес само на една влада или една политичка гарнитура и ги повика и опозицијата и мнозинството да покажат политичка зрелост и да учествуваат во реформите.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ќе прави на 2 Август, дали ќе оди во Црна Гора, каде треба да го пречека американскиот потпретседател Мајк Пенс или заедно со бугарската државна делегација ќе го одбележи празникот, премиерот Заев рече дека засега има план да ги изменаџира двата настани. Едниот од плановите е дел од одбележувањето на Илинден со бугарската делгација да се случи на 1 август и рано утрото на 2, за потоа да замине во Црна Гора и да биде ко-домаќин на Пенс.

На 26 минатиот месец еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и премиерот Зоран Заев на заедничка прес конференција рекоа дека Владата со помош на ЕУ работи на подготовка на итните реформски приоритети во земјата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG