Претседателот на Парламентот, доколу е Албанец, како што е сега, да може пленарната седница да ја води и на албански јазик. Предлог измени со кои се предвидува албанскиот да се користи и во релациите на владата со другите институции, потоа и Нотарските акти да можат да бидат на албански. Личните документи по автоматизам да бидат пополнети на мајчиниот јазик на граѓаните. Ова се само дел од измените на Законот за јазици за кои претставници на партиите зборуваа во јавноста како можни измени, но точната содржина на предлог законот не е позната. Партиите не кажуваат ни до кога законот треба да се донесе, но во документ од „Патоказот“ на Владата за Итните реформски приоритети, кој го објавува ТВ21 може да се види дека стои рок август 2017 за донесување на законот.
Професор Осман Кадриу, кој дал свои сугестии при подготовката на нацт-законот, на покана на Алијансата на Албанците, вели дека се постигнало едно компромисно решение за употребата на албанскиот јазик, кое, како што вели, не е до ниво на двојазичност во државата.
„И со овие измени на Законот за јазиците, под услов да бидат прифатени, а претпоставувам дека ќе бидат прифатени, затоа што постои согласност во парламентарното мнозинство, не се добива она од што се плашеа луѓето дека ќе имаме бинационална држава, кантонизација, федерализација.., нема двојазичност во државата, ќе има само одредено авансирање на употребата на албанскиот јазик за одредени органи и во одредени сфери“, вели професор Кадриу.
Тој додава дека нема да се промени содржината на службените печати, нема промени на таблата на Парламентот, на Претседателот, написот останува само на македонски јазик, што според него е доказ дека не станува збор за двојазичност. Кадриу вели дека им сугерирал измените да бидат во рамките на Уставот, оти ако не е така, законот може да падне на Уставен суд.
Професор Кадриу смета дека измените на овој закон треба да се донесат во првите 100 дена од функционирањето на новата влада.
„Би било добро да се случи тоа со оглед на тоа што овој закон доста се политизираше и се проблематизираше, создаде еден сериозен проблем во државата, кој имаше влијание врз меѓучовечките и меѓунационалните односи, но произлезе дека нема ништо страшно“, вели Кадриу и додава дека, читајќи меѓу редови може да се види една тенденција донесувањето на законот да се остави за по локалните изборите. Но, вели дека не е запознаен кои се причините и аргументите за тоа.
Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Македонија е донесен во 2008 година од тогашната коалиција ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, а измени доживеа во 2011 од истата коалиција. Сега коалицијата во изменет состав, СДСМ – ДУИ по трет пат ќе се обиде да донесе закон со кој ќе се унапреди употребата на албанскиот јазик.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети досега неколкупати изјави дека се договорени измените на Законот за јазиците, но не прецизираше кога ќе се донесе. Тој во неодамнешно интервју запрашан дали тоа ќе се случи пред локалните избори, не даде прецизен одговор.
Согласно досегашниот закон во државните органи може да се користи и службен јазик различен од македонскиот. Па така јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во земјата, се употребува во Собранието, во комуникација на граѓани со министерства, судски постапки, изборен процес, издавање на лични документи, локална самоуправа, образование и други места. Со измените во 2011 година на собраниските седници и во работните тела во Собранието, покрај пратениците, на мајчин јазик, различен од македонскиот, може да зборуваат и министрите и други назначени функционери.
При носењето на законот, тогашната опозициска СДСМ не ги поддржа измените на законот, оти според нив се нарушувал Уставот, како и Охридскиот договор. Опозицијата забележуваше и дека законот се носи по скратена постапка, без претходна јавна дебата.
Експертите во изминатиот период посочуваа дека измените на законот за употреба на јазиците кои се предлагаат, не се ништо друго, освен целосно исцрпување на амандманот 5 на Уставот, кој пак дава можност за службена употреба на албанскиот јазик на сите нивоа.
Законот за употреба на јазиците не е меѓу 30-те пакет-закони на новата Влада, кои влегоа во Собранието. Тогаш од владејачката партија рекоа дека нема временски рок за во кој законот би влегол во Собрание. Тоа доведе партијата Беса да има забелешки и да најави дека има алтернатива за решение на ова прашање.
Но, законот за јазиците влезе во владиниот „Патоказ“, за итни реформи за влез во ЕУ. Премиерот Заев рече дека ќе се заложи ова прашање да биде отворено и да се дискутира за него.
Од ДУИ пред постигнувањето конечен договор со СДСМ за коалицирање најавува и можност законот да се гласа и пред формирање на Владата, но тоа не се случи.