Ќе предводам реформска влада која ќе се основа на три клучни темели: економија, силни професионални институции, правда и посветеност на Европската унија и на НАТО, вети мандатарот Зоран Заев во почетокот на своето експозе пред пратениците. Во него ги образложи дел од мерките што планираат да ги спроведат, а при крајот на нешто повеќе од 20 минути долгото обраќање, вети дека ќе биде премиер на сите граѓани.
„Ќе обединувам, а нема да делам, ќе составувам, нема да кршам, ќе обезбедувам перспективи, нема да изолирам. Ќе бидам вашиот премиер без разлика дали на избори сте гласале за мене и за мојата партија на која и припаѓам и за мнозинството во Собранието или не сте гласале. Но, барам од вас почит како што јас ве почитувам сите вас“, рече Заев.
Правда за сите, реформи на правосудниот систем, транспарентна, одговорна и отворена влада, најави мандатарот, барајќи ја поддршката од пратениците за програмата и владиниот кабинет. На предложените министри им порача - не очекувајте да бидам министер наместо вас.
Специјално судско одделение
За економијата, која што ја нарече првиот темел, меѓудругото најави просечна стапка на раст од пет отсто, зголемување на минималната и на просечната плата, поддршка на домашните претпријатија, активни мерки за вработување, промени во даноците и социјалните трансфери. Наша цел е почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок, рече Заев. Во однос на правдата повтори дека ќе има реизбор на судството, според, како што рече, познати европски пракси далеку од рацете на политичарите.
„Ќе формираме специјално судско одделение во Основниот суд Скопје 1 во чија надлежност ќе бидат предметите што ги покренува Специјалното јавно обвинителство. Ќе направиме се што е во наша моќ и надлежност да овозможиме институционално и целосно заокружување на случаите што ги води СЈО“, рече Заев.
Тој нагласи и дека се обврзуваат оти ќе овозможат соодветна употреба на јазиците на заедниците со што сите граѓани полесно и поефикасно ќе ги оствареле сите свои уставни права без на каков било начин да биде загрозен македонскиот јазик.
На администрација, пак, и порача дека е доста од реваншизми и партиски отпуштања. Заев се обврза на ефикасна и професионална администрација а порача и никој да не чувствувал страв за работното место, да не работел под притисок на партиски уцени.
Додека тој зборуваше, во салата беа присутни и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и нивниот претседател Никола Груевски. По единаесет години тие се најдоа на левата страна во собраниската сала, односното местото за парламентарната опозиција. Од другата страна седеа 25-те предложени министри во кабинетот на Заев за кој сега почнува расправата. Таа може да трае најмногу до утре на полноќ по што се гласа за владата во целост.
ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат активни
Ќе бидеме тука активни во работата, нека е добро за Македонија, за секој од нас поединечно е помалку важно, кажа по паузата пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, реплицирајќи на експозето на мандатарот. Забележа на големиот број ресорни министри, малиот економски тим, а пофали и еден кандидат за министер. Според него, за кандидатот за прв човек на здравство Арбен Таравари од Алијансата за Албанците биле спремни да гласаат и тие ако се гласало поединечно.
„На добрите предлози ќе даваме поддршка имајте верба во тоа, поради тоа што нема да ги повторуваме грешките што СДСМ ги правеше во опозиција, на лошите проекти ќе се соочуваме со аргументи, на коректност ќе одговориме со коректност, остро ќе реагираме на каков било судир на интереси, на непочитување на законите и на немање траснпаретност во работата на владата“ рече Димовски.
Тој забележа и дека мандатарот не дал детали за некои важни работи, споменувајќи ги законот за јазиците и проблемот за името.
Процедурални забелешки
Токму јазикот беше причината и за првичните несогласувања на претседателот на Собранието Талат Џафери со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Тој на почетокот на седницата почна да зборува на албански јазик, но потоа на македонски рече дека до почеток на исполнување на, како што наведе, она што е коалициски договор на мнозинството, ќе продолжи да ја води седницата на македонски јазик. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Џафери ги прекршил собранискиот Деловник и Законот за употреба на јазиците. Повтори дека ќе му се обраќаат како на пратеник, а не како на претседател на Собранието, на која функција сметаат дека е поставен нелегитимно.
„Ако продолжите да му се обраќате на пратеникот Талат Џафери, а не на претседателот Џафери, јас ќе ја користам мојата деловничка можност да зборувам на мојот јазик“, реплицира Џафери.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, пак, побара следната точка по изборот на владата по скратена постапка да биде Предлог закон за изменување и дополнувања на Изборниот законик, со кои се бара распишување на локалните избори на 15 октомври годинава но овој предлог не беше усвоен.