Граѓанскиот активист и новинар Петрит Сарачини, вели дека овој период терминот „двојазичност“ се злоупотребува со цел да се создаде страв кај Македоците. Според Сарачини, не станува збор за двојазичност, туку за право на Албанците да си го употребуваат нивниот јазик во комуникација со институциите на системот во земјата и да добиваат повратни документи и информации на мајчиниот јазик кој е веќе во во службена употреба во Македонија.
Сепак, преку конкретни примери тој објаснува дека и посточекиот закон за употреба на јазиците, не секаде се применувал како што требало, што преставува проблем за граѓаните од албанско етничко потекло во секојдневното остварување на нивните права и обврски.
„Отидете на страницата на Бирото за развој на образование, на Министерството за образование. Тоа биро треба да има план, програми, насоки, совети за наставниците за да ги предаваат предметите соодветно. Тие исти програми треба да бидат и на албански јазик за наставниците Албанци кои им предаваат на нивните ученици. На страната ги има документите само на македонски јазик. Или пак проверете ги веб страниците на сите институции каде што раководител не е Албанец, ќе видите дека на веб страницата албанскиот јазик или не постои, или постои доколку претходно имало раководител Албанец, но таа страница не се ажурира редовно“, вели Сарачини.
Ако и досега се спроведувала двојазичноста во земјава, тогаш во што е проблемот? Зошто тогаш се организираат протести со образложение дека унитарноста на државата е загрозена и дека двојазичноста значи кантонизација?
Дел од учесниците на протестите за „Унитарна Македонија“ се свесни дека Албанците и досега ги остваруваа своите права и го применуваа јазикот таму каде што треба. Но најновата платформа на албанските партии подготвена во Скопје, но потпишана во Тирана од страна на албанските политички партии на состанок на кој бил и премиерот на Албанија Еди Рама, ја сфаќаат како наметната обврска дека секој требало да го научи и зборува албанскиот јазик. А тоа ги лути подржувачите на ВМРО-ДПМНЕ кои секоја вечер протестираат во Скопје.
„Во Македонија скоро на 80 проценти од територијата живеат Македонци, па сега албански ли да учам? Доста е што децата учат англиски и други светски јазици, па сега и албански да учат? Ќе си научат тие што имаат работа со Албанците, а не со закон да го спроведуваш тоа“, вели Јани Христовски, еден од демонстрантите.
Всушност се работи за недоразбирање, смета Петрит Сарачини кој ги отфрла ваквите стравови како невистина.
„Ниту досегашнаата легислатива, ниту пак, она што сега се предлага, никој не ги тера Македонците да учат албански. Се работи само за потребата институциите да комуницираат и на албански јазик со граѓаните од албанско етничко потекло во Македонија“, дециден е тој.
И додека ВМРО-ДПМНЕ ја претставува таканаречената „двојазичност“ како вовед во операцијата за уништување на државата поттикната од надворешни сили, СДСМ и албанските партии се обидуваат да објаснат дека двојазичноста веќе е регулирана со постоечкиот Закон за употреба на јазиците од 2008 година. Со истиот се предвидува јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, покрај во Собранието, да се употребува и во комуникација на граѓаните со министерствата, со народниот правобранител, во судските и во управните постапки, во извршување на санкциите, при изборниот процес и референдум, при издавање лични документи, водење матична евиденција, примена на полициски овластувања и во други области.
И универзитетската професорка Беса Арифи објаснува дека законот за употреба на јазиците кој се предлага со платформата не значи ништо друго, освен целосно исцрпување на амандманот 5 на Уставот, кој пак дава можност за службена употреба на албанскиот јазик на сите нивоа. Според неа, платформата на албанските партии е последен обид на партиите да ги надминат меѓуетничките теми и да направат нешто во врска со унапредување на етничките колективни права.
„Мислам дека тоа не ја намалува важноста на овие етнички и колективни права, бидејќи тоа се многу значајни права кои и припаѓаат на таа етничка заедница со Уставот и законите. Меѓутоа треба да се разбере еднаш засекогаш дека доколку нема правна држава, ниту едно право и граѓанските и колективните не може да се реализираат“, вели Арифи во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.
Сарачини пак е убеден дека платформата е употребена во дадениот политички момент со цел да издејствува поповолни преговарачки позиции како на албанските политички партии, така и на ВМРО-ДПМНЕ.