Достапни линкови

Протести, лажни пари и политички тензии во Битола


Илустрација: Широк сокак во Битола.
Илустрација: Широк сокак во Битола.

Земјоделци, уметници и граѓани во Битола протестираат против, како што велат, разнебитувањето на Македонија. Непознати сторители испишале навредливи поради и на домовите на пратениците на СДСМ од градот.

Во Битола дење протестираат земјоделците со блокади на магистралниот пат за Прилеп, а попладне приврзаниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ со свирежи и фрлање петарди пред штабот на СДСМ. Се лепат лажни банкноти со албанско знаме низ Широк Сокак, се ставаат налепници на патоказите со испишано име на градот на албански јазик, се чкртаат имотите на пратениците од СДСМ. Станува сè потензично откако Заев ги доби потписите од албанските партии и побара мандат за идна Влада, а претседателот Иванов не му го даде, обвинувајќи ги дека работат на остварување на платформа на туѓа држава.

Меѓу најгласните за, како што велат, одбрана на унитарноста на државата се јавија земјоделците, уметниците, актерите.

Тоде Беделовски од село Крклино вели дека, иако е земјоделец, се разбира од политика:

„Тука сме за да ја одбраниме Македонија од предавниците што ја нападнаа унитарноста на земјата. Тие не знаат како е изградена оваа библиска Македонија. Мојот родител на сремски фронт беше рануван за таа Македонија. Ми се плаче, верувајте“, вели тој.

Културните работници понудите од ЕУ ги нарекоа фаустовска тема и продавање на душата и оти со блудничење се сака да се искриват историските факти.

„Ние немаме друга држава, нема каде да одиме. Мора да ја одбраниме неа. Не постои ни една цена поради која ќе ја погазиме крвта на оние кои ја лееле за ние денес да го имаме ова. Сите оние блага, азна кои ги нуди Европа и меѓународната заедница се Фаустовска тема. Тоа е она продавањето на душата поради кои не смееме да потклекнеме“, рече оперскиот пејач Цветан Стојановски.

„Во заблуда е тој што мисли дека со едно блудничење ќе се дозволи бришење на историски факти“, рече актерот Никола Пројчевски.

„По професија сум актер и единствената алатка со која се служам на сцена е македонскиот јазик. Работам во институција каде 70 години се негува македонскиот јазик и не сакам преку ноќ, поради желбата на некој, тој мој театар да добие документ напишан двојазично и на албански јазик зашто некој така посакал“, истакна актерот Васко Мавровски.

Покрај протестите, пред домовите на неколкумина функционери од СДСМ во Битола осамнаа графити. Пред домот на пратеникот Васко Ковачевски некој напишал „спремен си да ја продадеш Македонија“, а пред домот на потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски напишале „дали Битола заслужува да зборува албански?“

На ова возврати Кирацовски велејќи:

„Ниту јас ќе паднам на провокации, а ниту битолчани на лаги и манипулации! Одговорноста која на мафијата му следува по закон, нема да исчезне со вакви непримерни глупости! Нервозата на нарачателите доаѓа од фактот што СДСМ успеа да постигне договор со кој Уставот не се менува, државните симболи не се менуваат, се зачувува унитарноста на државата и се обезбедува изградбата на едно општество за сите граѓани во Република Македонија!“

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG