Платформата за прв пат влезе во игра од страна на ДУИ по средбата на челните луѓе на партијата со Алијансата за Албанците, набрзо после изборите и пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да го добие мандатот за формирање нова влада. Десетина дена подоцна и Беса се приклучи на платформата. Ден пред да го добие мандатот од претседателот Ѓорге Иванов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се закани дека доколку неговата партија не формира влада ќе се врати на голема врата и не одговори директно дали е прифатлива платформата. Претседателот Ѓорге Иванов на 9 јануари набрзина, формално и без воопшто да ја спомне платформата само му го предаде мандатот на Груевски.
Тогаш ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги започнаа преговорите за формирање на влада и вклучително за платформата. И двете партии беа оскудни во информациите за јавноста до каде се со приближување на ставовите. Оворени беа прашањата за продолжување на мандатот на СЈО и двојазичноста.
Додека траеја преговорите, Иванов ниту еднаш не излезе во јавноста со став за платформата на албанските партии и дали ВМРО-ДПМНЕ треба да ја прифати или не. ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада до крајниот рок 29 јануари откако ДУИ не постигна согласност за коалицирање со нивниот досегашен партнер. ВМРО-ДПМНЕ не објасни во јавноста зошто не бил постигнат договор туку само побараа спроведување на нвои избори.
Во јавноста како причина се наведуваше продолжувањето на мандатот на СЈО, кое за ВМРО-ДПМНЕ не било прифатливо како барање од платформата.
Рафиз Алити од ДУИ го тврдеше истото и изјави дека ВМРО-ДПМНЕ се согласиле со сите нивни барања од платформата, освен за продолжување на мандатот на СЈО, што било и главна пречка за коалицирање на двете партии. Тој посочи и дека неговата партија добила писмен документ и од ВМРО-ДПМНЕ за време на преговарачкиот процес.
Од ВМРО-ДПМНЕ демантираа дека им дале писмени гаранции на ДУИ, но повторно не посочија што конкретно било проблематично во преговорите.
Откако заврши крајниот рок на 29 јануари и ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада, Иванов го услови мандатот. Побара прво потврда за мнозинство во Собранието па потоа мандат и посочи уште некој услов.
„Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритети – прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија“, рече Иванов.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев иако успеа да ги собере бараните потписи со кои се обезбедува мнозинство во Парламентот денеска не го доби мандатот од Иванов поради останатите услови на шефот на државата.