Достапни линкови

Што чека Иванов?


Претседателот на СДСМ Зоран Заев му ги достави на претседателот Ѓорге Иванов потписите од 67 пратеници
Претседателот на СДСМ Зоран Заев му ги достави на претседателот Ѓорге Иванов потписите од 67 пратеници

Од кабинетот на претседателот два дена владее целосен молк за тоа кога ќе ја соопшти и каква ќе биде неговата одлука за мандатот откако лидерот на СДСМ Зоран Заев му ги достави потписите. Во меѓувреме неколку сценарија се во игра.

И два дена откако лидерот на СДСМ Зоран Заев ги предаде 67 потписи, од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов владее целосен молк. Ниту по средбата не беше испратено вообичаено соопштение, а последната информација на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук е од саботата, два дена пред да ги добие потписите.

Поради тоа засега сите можни идни чекори на шефот на државата се неизвесни за јавноста, а единствената информација е од СДСМ од каде што велат дека тој им рекол оти ќе им го даде мандатот во вторник, а најдоцна денеска.

Иванов го дава мандатот на СДСМ

Според едното можно сценарио, кое е очекувано во дел од јавноста, Иванов ќе му го даде мандатот на Заев кој го исполни условот што тој го постави, минимум 61 пратеник. Нема информација од СДСМ дали му доставиле и гаранции за другите две барања - зачувување на унитарноста и реформи во безбедносниот систем.

Ако Иванов му го даде мандатот на Заев, тој ќе има уште дваесет дена, рок определен со Уставот да формира мнозинство. Тогаш би се очекувала и одлуката на ДУИ дали ќе влезе во владата или ќе биде опозиција што ќе ја поддржува малцинската влада. Иако одлуката требаше да ја донесат во понеделникот на централното претседателство, состанокот се одложи, а од таму најавија дека ќе се сретнат откако Заев и официјално ќе стане мандатар.

Другите две страни, Беса и Алијансата за Албанците, кои му ги дадоа своите вкупно осум пратенички потписи на претседателот на СДСМ, исто така најавија дека тоа го прават само за да го земе мандатот, а потоа ќе преговараat дали ќе влезат во влада.

Не им го дава мандатот

Другата опција која се засилува како можна деновиве и поради молкот на Иванов, но и поради протестите на граѓанската иницијатива за заедничка Македонија е тој да не го даде мандатот на Заев. Едно од барањата на организаторите на протестот е, како што велат, „претседателот да го почитува Уставот, да не доделува мандат по истекување на рокот кој веќе е истечен затоа што давањето на мандатот за платформа од туѓа држава ќе го направи соучесник во разнебитувањето на Република Македонија“.

Во таков случај можни се нови турбуленции и потреси на домашната политичка сцена, но и засилени активности од странство. ЕУ и НАТО преку писмени соопштенија веќе порачаа дека откога се собрани потписите очекуваат Иванов да го додели мандатот. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан конкретно наведе дека очекува Иванов да му го даде мандатот на „кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието, согласно Уставот“

Иванов ќе одолговлекува

Таквите ставови на бриселската дипломатија и лично може да му ги пренесе и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини која утре пристигнува во Скопје. Европската политичарка која е во посета на регионот се очекува попладнето да се сретне и со партиските лидери за време на неколкучасовниот престој. Една од опциите е Иванов да ја чека гостинката па прво нејзе да и ја соопшти одлуката па потоа и на јавноста.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG