Достапни линкови

Ќе има ли брз трансфер на власта?


Протестен марш во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Протестен марш во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Ниту денеска нема информации од претседателскиот Кабинет кога ќе ја обелодени одлуката дали ќе му го додели мандатот на претседателот на СДСМ, кој вчера поднесе 67 потписи. Во меѓувреме, растат стравувањата за дестабилизација.

Политичката јавност е во очекување на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за доделување на мандатот, откако вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев, му достави 67 потписи. По кратката средба од кабинетот на шефот на државата не информираа што следува, а од СДСМ брифираа дека тој им рекол дека ќе им го додели мандатот денес или утре. Но и денеска нема никакви информации од претседателскиот Kабинет кога ќе биде обелоденета одлуката.

Во меѓувреме, од вчера почнаа протести на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ од каде што, меѓу другото, побараа од Иванов да ја исполнел заклетвата и да ја зачувал унитарноста на државата. Се најавува дека ќе протестираат секој ден во 17 часот, а од денеска и во повеќе градови низ земјава.

Секако дека претседателот е под притисок поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ како победник на изборите не успеа да формира влада, а СДСМ ги обезбеди бараните потписи, смета политикологот од Факултетот за општествени науки Митко Гаџовски.

„Притисокот што се прави со овие протести е или да се забави или да се оневозможи трансферот на власта, барем во некое догледно време поради тоа што ќе се овозможи поголем комодитет и повеќе време да се консолидираат редовите на ВМРО-ДПМНЕ”, вели Гаџовски.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, пак, целиот притисок е поради изнудување на широка коалиција, нешто што како што вели, можело да се препознае во неодамнешното интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Од друга страна, тој вели зад притисокот стои и неподготвеноста на владејачката партија по десет години да замине во опозиција. Сето ова, според Незири, придонесува за сè почестите апели на меѓународната заедница за воздржаност на политичките актери.

„Првпат е за политичко прашање да реагира НАТО како безбедносна организација, што значи дека и тие се загрижени дека ваквите политички процеси во Македонија може да водат кон сериозна дестабилизација“, вели Незири.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, викендов преку соопштение ги повика сите страни да се воздржат во своите изјави и дејствија и да донесат одлуки за доброто на сите граѓани. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, пак, наведе дека промените во демократските општества се природни и треба да бидат прифатени, кога се резултат на веродостојни избори. Попречувањето и поткопувањето на таквите напори немаат место во демократскиот процес наведе Хан. И двајцата посочија дека откога едната страна ги собра бараните потписи треба да се даде мандатот на кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Заев, пак, вчера пред да ги предаде потписите рече дека следува мирен и брз трансфер на власта. Досега во Македонија не беше нагласувано прашањето за трансферот на власта и тоа се одвиваше без никакви проблеми- во 1998 година кога власта од СДСМ ја презема ВМРО-ДПМНЕ, потоа во 2002 година кога ситуација беше спротивна и во 2006 година кога СДСМ замина од власт и дојде владата на Груевски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG