Црвената линија ја поминавте, црвено жолтата нема да ја поминете симболично порачаа денеска на протест неколку илјади граѓани против, како што велат, поделба на Македонија и воведување на двојазичност на целата територија. Ваквиот собир денеска доаѓа по вчерашниот повик на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, народот да си ја заштити државата.
Демонстрантите денеска побараа од политичарите да не прифаќаат платформи, за кои посочија дека се создадени за да штитат туѓи интереси во, како што велат, туѓи држави, а чија цел е разнебитување на Македонија.
Со извици „Нема да ви помине“, пеејќи патриотски песни, дел од организаторите на протестот од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, прочитаа проглас со кој овој протест го нарекоа четврти Илинден.
„Бараме ниту една политичка партија на Македонија да не ја потхранува и уважува дискриминаторската политика на одреден земји. Бараме ниту една политичка партија да не прифаќа платформи дадени за туѓи интереси, од туѓи држави, без изборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме“, изјави Игор Дурловски.
Граѓаните кои што ги анкетиравме велат дека излегле спонтано за да искажат револт против менувањето на Уставот, двојазичноста и федерализацијата.
„Дојдена сум за да дадам поддршка за унитарноста на Македонија, затоа што тука не живеат само Македонци и Албанци. Ако се стави двојазичност, унитарниот карактер ќе го нема никаде.“
„Го молам цел народ во Македонија да се исклучи од овие платформи и да кажеме доста е“, велат анкетираните.
Во текот на протестот организаторите постојано се обидуваа да ги смират демонстрантите кои извикуваа навредливи слогани за Албанците. Дел од демонстрантите ги навредуваа и некои медиуми, извикувајќи дека се предавници затоа што ги следеле протестите на Шарената револуција.
Во меѓувреме, организаторите порачаа дека секој ден во пет, ќе излегуваат на протести.