Достапни линкови

Ден на очекување одлуки


Архивска фотографија- средба на претседателот Ѓорге Иванов со партиската делегација од СДСМ
Архивска фотографија- средба на претседателот Ѓорге Иванов со партиската делегација од СДСМ

СДСМ денеска со 67 потписи ќе побара претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот на Зоран Заев да состави влада. Се очекува и одлуката на ДУИ - Дали ќе влезат во владата или ќе бидат опозиција, а ќе ја поддржуваат малцинската влада.

СДСМ претпладнево се координира како и кога ќе му ги однесат потписите на претседателот Ѓорге Иванов за да го побараат мандатот. Кај нив веќе се депонирани пратеничките потписи од ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците, што значи дека Зоран Заев ќе побара мандат за да состави влада со 67 потписи, односно шест повеќе од бараните 61 пратеник. Потоа одлуката ќе биде на претседателот дали ќе му го додели мандатот на Заев, кого неговата матична партија во саботата го избра за мандатар. Според Уставот, потоа тој има дваесет дена за преговори за да состави мнозинство.

ДУИ во петокот, кога одлучија да му ги дадат потписите за да побара мандат, најавија дека се уште немаат одлучено дали ќе влезат во владата или пак ќе бидат опозиција, а ќе го поддржат мнозинството, односно таканаречената малцинска влада.

Според тогашните најави, тие треба денеска ја продолжат седницата на централното претседателство, на која ќе одлучат што од овие две опции ќе прифатат. Засега нема најава кога ќе почне состанокот во Мала Речица.

Слични позиции имаат и Алијансата за Албанците и Беса кои веднаш по неуспехот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да формираат влада, соопштија дека ќе му ги дадат потписите на Заев, но дека тоа не значи влегување во влада, туку дека за тоа ќе разговараат од како тој ќе го добие мандатот.

Викендов еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан рече дека очекува претседателот Иванов да му го даде мандатот на „кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието, согласно Уставот“. Во писмена изјава, еврокомесарот наведе дека промените во демократските општества се природни и треба да бидат прифатени, кога се резултат на веродостојни избори.

„Прифаќањето и почитувањето на изборните резултати и правото на лидерите да се обидат да формираат влада е знак на зрела демократија. Попречувањето и поткопувањето на таквите напори немаат место во демократскиот процес“, напиша Хан.

И генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг исто така во писмено соопштение наведе дека „по еден обид да се формира влада, сега е објавено дека, во согласност со барањата утврдени од страна на претседателот, сега се собрани доволно потписи на пратениците“.

Претседателот Иванов на први февруари по консултациите со претседателите на парламентарните партии покрај условот да се обезбедат 61 потпис за мандат побара и да му се достават гаранции за унитарноста и за реформи во безбедносните структури.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG