Генерално граѓаните во државава се доволно информирани за активностите на општината, преку некаков личен контакт, општинските веб портал и локалните медиуми. Во тоа не е исклучок и Куманово. Меѓутоа во донесување одлуки или граѓански иницијативи за реализирање на некој проект, речиси резултатите се поразителни, вели Невенка Логорова-Герова од Штип, координатор од Фондацијата за развој на локалната заедница.
Ова е слика создадена по извршеното истражување за граѓанско учество во процесот на креирање јавни политики и донесување одлуки на локално ниво, а во рамките на проектот за партиципативна демократија, финанскиски поддржан од Европската унија. Анализата е направена на државно ниво за да се види колку граѓаните учествуваат во донесување одлуки и колку тоа е ефикасно, ефективно и соодветно на наодите за давање препораки.
Колку граѓаните се задоволни од информирањето од локалните медиуми, Логорова-Герова, вели дека според анализата тие имаат забелешки.
Во овој проект биле вклучени и некои новинари преку фокус групите.
„Впечаток е дека кога општините имаат со нешто да се пофалат, многу се поотворени да ги споделат тие информации, додека ако се работи за некоја почувствителна тема или горливо прашање, тогаш односот е сосема поинаков“, вели таа.
Кристина Хаџивасилева од Консалтинг за стратешки развој од Скопје посочува дека анализата покажала дека постои комуникација помеѓу општините и граѓаните.
„Меѓутоа, кога се работи за комуникација нагласокот е во информирање на граѓаните, а кога се работи за вистинско партнерско однесување и донесување одлуки, тука веќе се соочуваме со предизвикот на општините.“
Според Хаџивасилева кога се работи за механизми во донесување одлуки, граѓански иницијативи, референдум, тогаш и општините се согласни дека тие се премногу оптоварени со правни обврски и многу тешко се постигнуваат. За илустрација, таа наведува дека на една граѓанска иницијатива потребни се 42 секунди за едно лице во одреден простор да се потпише за да се соберат потписи и да се побара распишување референдум.
„Дури од такви практични работи е отежнато, а да не зборуваме за определени цензуси кои треба да се постигнат за да се спроведат овие иницијативи. Но, општините имаат други средства за да ги информираат граѓаните соодветно нивните потреби. Анализата покажала пак дека граѓаните се уште сакаат директен контакт со општините, значи средби лице в лице, што се однесува на поширока популација, но за одредена група (жените, Ромите, лицата со попречености) е поинаку. Треба да се изнајдат специфични механизми“, вели Хаџивасилева.
Анализата е правена на база на региони и Куманово како дел од североисточниот регион според резултатите не се разликува од состојбите во останатите региони во земјава, вели Хаџивасилева.