Достапни линкови

Тешка соработка власт - опозиција


Архивска фотографија - Седница на совет на општина Куманово
Архивска фотографија - Седница на совет на општина Куманово

Градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој раководи со општината 12 години, вели дека нема никаква соработка со централната власт. Градоначалниците од владејачката коалиција, пак, се задоволни.

Проблемот со загадувањето на воздухот на Куманово е системски, а централната власт дозволи енормно сечење на дрва, увоз на половни возила и легализација на дивоградби со што се узурпира дополнително просторот на кој може да се прошири зелена површина, вели во интервју за Радио Слободна Европа градоначалникот на таа општина, Зоран Дамјановски. Тој додава дека усвоиле мерки за борба против загадувањето, но инсистира дека за решавање на проблемот потребно е подолго време и реакцијата и на државата. Се жали на несоработка со централната власт во сиве овие години додека е градоначалник и за сите прашања.

„Во овој кабинет, освен кога има воена криза или некои елементарни непогоди нема дојдено ниту еден министер, нема дојдено премиер, ниту претседател на државата. Што ви зборува тоа? Дека релацијата централна-локална власт и тоа како е исполитизирана“, вели Дамјановски.

Тој не е единствениот градоначалник од опозицијата кој се жали на несоработка со централната власт. На локалните избори во 2013 година СДСМ и опозицијата освоија само четири градоначалнички места. Покрај во Куманово, кадри на опозицијата ги водат Струмица, Центар и Ранковце, а сите се жалат на тешка комуникација.

ВМРО-ДПМНЕ доби пак 56 општини, а доскорашниот владин коалициски партнер ДУИ 14. Деновиве, додека траат преговорите за повторно коалицирање гостиварскиот градоначалник Невзат Бејта, кој е и потпретседател на ДУИ, а во чија општина влезе финансиската полиција обвинува дека тоа е реваншизам поради неговото отворено противење партијата повторно да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.

Според Темелко Ристески, професор на Факултетот за општествени науки, видливо е како што вели дека актуелната владејачка гарнитура нема соработка со локалната опозициска власт.

„Тоа е стил на актуелната владејачка гарнитура која не поаѓа од тоа дека власта е сервис на граѓаните без оглед на тоа кој се наоѓа на функцијата градоначалник“, вели Ристески.

Но, за разлика од ваквите ставови, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека соработката се одвива одлично. Бев градоначалник како опозиционер, но и сега како претседател на ГРОМ чија партија е дел од владината коалиција и никогаш не сум имал проблеми, тврди Јакимовски.

„Секогаш соработката била на највисокото можно ниво особено и во претходниот мандат и сега соработката е особено добра со градот Скопје. Никакви пречки не сме имале затоа што и владата има проекти во Општина Карпош и ние сме имале, така што едни со други секогаш сме си ги поддржувале проектите“, вели Јакимовски.

Дамјановски во неделното интервју вели и дека се уште не знае дали ќе се кандидира и за четврти мандат во Куманово. Според измените во Изборниот законик од јануари 2014 година, локалните избори треба да се одржат годинава во првата половина на мај.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG