Достапни линкови

Загадениот воздух во Скопје опасен по живот


Луѓе се движат по снежни улици во центарот на Скопје
Луѓе се движат по снежни улици во центарот на Скопје

Алармантно е зголемен бројот на смртни случаи како последица на загадениот воздух во Скопје, покажува истражувањето поддржано од ЕУ, а координирано од Метеоролошкиот институт на Финска.

Во Скопје алармантно е зголемен бројот на смртни случаи како последица на токсичниот воздух, а концентрацијата на опасните ПМ-2,5 честички е речиси двапати повисока од најблиските градови во Европа. Особено загрижувачките се наодите од проценките на здравствените ризици од воздухот, според кои во Македонија годишно се губат околу 1300 животи од аерозагадувањето, а три групи на болести се поврзуваат со аерозагадувањето и тоа ракот на белите дробови, мозочните удари и болестите на срцето изјави професор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје.

„Бројките покажуваат дека Скопје е меѓу најзагадените градови, особено ако ги земеме концентрациите на ПМ-2,5 честички, оние поопасните, и сме водечки европски град од она што гостите го презентираа. Ако најблиските градови - Букурешт и Будимпешта се некаде околу 30-40 микрограми на годишно ниво во просек, Скопје има дури 70. Страшно високи концентрации на ПМ-2,5 честички“, изјави Ѓоргев на презентацијата на наодите од проектот поддржан од ЕУ, а координиран од Метеоролошкиот институт на Финска.

Епидемиолошката студија е работена со конкретни податоци од кај нас, односно од месечните причини за смртност доставени од Заводот за статистика. Како што наведе д-р. Ѓоргев, движењето на загадувањето се совпаѓа со движењето на смртноста, пиковите се во периодите кога има највисоко аерозагадување, а тоа е во зима.

„Во овие три години е покажано дека аерозагадувањето, односно болестите кои се поврзани со аерозагадувањето се околу 30-35 отсто, односно кај 30- 35 отсто случаи аерозагадувањето било причина за смртност. Нормално тука се работи кај ранливи групи како хронично билни и стари лица. Тоа се прилично високи бројки. Кај други земји се реферирани 10 до 20 отсто“, вели тој.

Ото Ханинен од Институтот за јавно здравје на Финска, говорејќи за искуствата на неговата земја, рече дека меѓу другото кај нив една од главните работи е промоцијата на централното парно греење како опција, но исто така и развојот на самиот сообраќај.

„Возниот парк во Финска беше еден од најстарите во споредба со ЕУ, но со промена на возилата и обновата на возниот парк се намалија драстично емисиите на загадувачки материи“, изјави експертот од Финска, Ото Ханинен.

Тој вели дека во нивната земја актуелен е проблемот со прашина на патиштата, а дека уште во 80-те години од минатиот век е направен голем напредок во индустрискиот сектор за намалување на штетни емисии во воздухот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG