Достапни линкови

Мерки кои го решаваат проблемот со аерозагадувањето


Скопјани протестираат против енормното загадување на воздухот.
Скопјани протестираат против енормното загадување на воздухот.

Додека граѓаните бараат решавање на проблемот со аерозагадувањето, градоначалниците од скопскиот плански регион разговараа за можни решенија, но без конкретни мерки.

Градот Скопје со години се соочува со високи концентрации на аерозагадување. Квалитетот на воздухот достигнува алармантно ниво опасно по здравјето на жителите, а тие секоја година, особено во зимскиот период, бараат од властите да преземат мерки за решавање на проблемот.

Градоначалниците од Скопје вчера разговараа за неколку можни решенија: намалување на цената на парното, повеќе домаќинства да се приклучат кон топловодната мрежа, субвенционирање на разни видови греење, забрана на користење на недозволени материјали за затоплување, изградба на велосипедски патеки, прскање на сообраќајниците, барање да се вози пар-непар.

Секоја година се дискутира за слични мерки, вели Никола Нешкоски – инженер за животна средина од невладината организација „Еко-лоџик.“

Но, со оглед на тоа дека транспортот учествува од 20 до 30 насто во аерозагадувањето во Скопје, вели тој, можеби треба да се предложи зголемување на јавните површини, односно на пешачки зони со повеќе зеленило и забранет пристап за автомобили.

Загаденоста во дел од Скопје
Загаденоста во дел од Скопје

„Каде што истовремено ќе се постигне отстранување на автомобилите од тие зони и отстранување на луѓето од автомобилите. Дополнително, би можело да се воведе бесплатен јавен транспорт во одредени денови за одредени категории на луѓе, бидејќи не може да се воведе бесплатен јавен транспорт за сите“, вели тој.

Нешкоски додава дека исто така треба да се преземат мерки за решавање на проблемот со отпадот. Во Македонија нема податоци за тоа како се третира пластичниот отпад, вклучително и гумите, односно колкав дел се согорува на несоодветен начин. Бидејќи во земјава, околу 11 проценти од вкупната количина на комунален отпад е пластика и гума, додека во ЕУ тој процент се движи од еден и пол до пет проценти, вели тој.

„Најгорливите теми се жешките точки, вклучително и ОХИС во Скопје. Потоа, отпадот создаден од градежни работи кои според последните пресметки се вклучени со околу 20 отсто во аерозагадувањето. Количината на прашина и земја од комуналниот отпад во Македонија е од 20 до 25 проценти според официјалните податоци, додека во земјите на ЕУ тој се движи помеѓу од 5 до 8 отсто. Ова треба да се разгледа како сериозна опција, бидејќи градежните работи во изминативе години се вршат со силен интензитет“, вели Нешкоски.

Во некои англиски градови се разгледуваат евтини решенија за намалување на загадувачите во воздухот. Во Бирмингем во Велика Британија одредени компании екпериментираат со поставување на огради со бршлени покрај патиштата, бидејќи листовите на бршленот ги впива загадувачките честички од воздухот.

Градовите кои сериозно се посветени на проблемот спроведуваат урбани реформи кои поттикнуваат пократки патувања, употреба на помалку енергија и трансформација на јавниот простор со ограничено присуството на автомобили, простор за долги пешачки патеки и стеснување на улиците.

Слична мерка е предвидена и во скопската Студија за сообраќајниот систем за подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, преку затворање на сообраќајот на улицата „Димитрие Чуповски“, во најстрогиот центар на градот и во пошироката зона околу Старата скопска чаршија.

Едно од можните решенија е и вложување во енергетска ефикасност. Според податоците на Град Скопје, во градот има од кои 162 илјади домаќинства, од кои 60.000 загадуваат греејќи се на дрва и на нафта, кои во зимскиот период горат 366.000 м3 дрво и 14.000 тони нафта.

Експертите за енергетска ефикасност велат дека алтернатива за овие семејства е помош од државата во преориентација на земјен гас и употреба на топлински пумпи, замена на старите прозорци и поставување на енергетски ефикасни фасади.

Но, воздухот е екстремно загаден во скоро сите населени места во Македонија. Со тешки метали се загадени големи делови од почвите, кои освен воздухот ги загадуваат и подземните води кои потоа ја загадуваат храната.

Педесет милиони евра чини дислоцирањето на 30.000 тони канцерогениот пестицид линдан помешан со земја од депонијата на фабриката „Охис“ во Скопје, вели професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно – математичкиот факултет во Скопје.

Тој истакнува дека оваа мерка е посочена како најскапа и најефикасна во физибилити студија финансирана од Европската унија и оти во студијата се наведени и мерки кои чинат помалку, но точно се знае кои се алтарнативите да се реши проблемот.

„Чекорот треба да биде да се издвојат средства од некоја институција, да се направи изведбен проект и да се избере едно од решенијата за да се реши проблемот. На пример, едно од најбезбедните и најскапи решенија е да се спакува целиот материјал и да се транспортира во некоја од западните земји каде постојат фабрики за уништување на таков вид на отпад. Постојат такви фабрики, бидејќи тоа е многу уносен бизнис“, вели Стафилов.

Во Македонија годишно се генерираат скоро 20 милиони тони индустриски отпад, од коишто една четвртина е опасен кој содржи токсични супстанци за чие отстранување се потребни стотици милиони евра, многу време и знаење.

За утре во 17 часот во Скопје е најавен протест за чист воздух и здрави деца.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG