Кумановските новинари се против акредитација за следење на седниците на Советот на Општината, бидејќи сметаат дека на тој начин им се одзема слободата за извршување на нивната работа. Во кружната сала во зградата на поранешниот Комитет, која една деценија е времено решение за одржување на седниците, нема основни услови за работа, ниту за 33-та советници, од кои речиси половина постојано се шетаат, како и за бројната администрација.
Кратко време ги следам седниците, но можам слободно да кажам дека условите во кои работат новинарите се страотни. Нè поттурнуваат каде што ќе стигнат и оние од администрацијата, исто така и од советниците, нè критикуваат кога треба да поминат. Затоа мислам дека пред сè треба да се обезбедат други услови, па тогаш акредитација.Елена Георгиевска, новинарка.
Новинарите пак, како нужно зло, се стуткани во еден дел од салата пред чии нозе врват „шетачите“. На снимателите, пак, им е овозможено да снимаат само од средина, за да не им ја нарушуваат „приватноста“ и да не ги деконцентрираат советниците. Советниците само декларативно се залагаат за слободно извршување на новинарската работа и за слобода во медиумите. Овој проблем се очекува да се надмине дури кога ќе биде завршено реновирање на големата сала. Со оглед на досегашното однесување кон новинарите, неизвесно е дали нешто ќе се смени.
Новинарките Елена Георгиевска и Сузана Андоновиќ и снимателот Небојша Кипријановски не се задоволни од третманот на новинарите од некои од локалните политичари.
Во писменото известување што го добив, наведено е од каде може да се снимаат кадри, што и кога може да се снима. Мене тоа ми пречи и доколку некој ме предупреди што можам да снимам, а што не, јас нема да ги следам седниците на Советот. Во времето кога се бориме за слобода на медиумите и за слобода во информирањето, некој да те ограничува е без врска.Сузана Андоновиќ, новинарка.
„Кратко време ги следам седниците, но можам слободно да кажам дека условите во кои работат новинарите се страотни. Нè поттурнуваат каде што ќе стигнат и оние од администрацијата, исто така и од советниците, нè критикуваат кога треба да поминат. Затоа мислам дека пред сè треба да се обезбедат други услови, па тогаш акредитација“, вели Георгиевска.
Георгиевска вели дека повеќето од новинарите кои работат во локални, се и дописници за некои од националните медиуми, а во редакциите се распоредени и по рубрики, така што доколку еден новинар се акредитира, а не може да дојде, неговото место ќе биде празно, како и уште многу други случаи кои не се земени предвид.
„Мислам дека не е само да се обезбеди бројката на новинарите, туку дека тоа има и некоја заднина. Дали сум во право, ќе видиме. Инаку, мислам дека новинарите во Куманово воопшто не се почитувани од политичарите, но и тие не си ја почитуваат својата професија. Доколку покажат која е моќта на медиумите, мислам дека ќе се смени однесувањето на политичарите кон нив“, вели таа.
Затоа, според Георгиевска, доколку не се смени односот кон новинарите за следење на седниците, тие ќе ги бојкотираат.
Андоновиќ додава дека во времето кога сите се залагаат за слобода на медиумите, ваквиот начин на акредитација е некомпатибилен.
„Во писменото известување што го добив, наведено е од каде може да се снимаат кадри, што и кога може да се снима. Мене тоа ми пречи и доколку некој ме предупреди што можам да снимам, а што не, јас нема да ги следам седниците на Советот. Во времето кога се бориме за слобода на медиумите и за слобода во информирањето, некој да те ограничува е без врска“, вели Андоновиќ.
Камерманот Небојша Кипријановски вели дека условите во кои се одржуваат седниците не се соодветни ниту за советниците, ниту за новинарите.
„Нема доволно простор за новинари, а и советниците немаат доволно простор за нив. Политичарите сепак сакаат да ги има во медиумите, особено кога имаат потреба“, вели тој.
Акредитацијата значи обезбедено столче на кое новинарот ќе треба да седи мадро од почеток до крај на седницата или, пак, до пауза. Снимателите, пак, откако ќе снимат неколку кадри на почетокот од седницата ќе треба да си заминат. Неизвесно е како овој проблем ќе се надмине и дали воопшто тоа ќе се случи дури и во новата сала.