Куманово и Тетово наизменично се соочуваат со исти проблеми. Додека кумановци на високите температури се без нормално водоснабдување, тетовчани ги погоди поплава, за жал и со човечки жртви. Негрижата и неодговорноста без санкции на политичките функционери ги става граѓаните во заложништво, кои пак трпат и молчат.
Количините се тројно намалени и сметам дека ова е дрско и безобразно кон градот Куманово. Очигледно цената е највисока во Македонија, три пати поголема од која било општина, редовно се плаќаат договорени цени од 4,8 дени, има нова цена од 6,8 дени и тоа оди во бесконечност. Не знам, државата мора нешто да направи, тројца луѓе узурпираат право на вода, основна животна потреба на 120 илјади граѓани.Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.
Општината Куманово на Тетово ќе му помогне со половина милион денари за санирање на штетите од поплавата. А по ненадминатиот проблем со водоснабдување не е исклучено и на Куманово да му се случат поплави поради неисчистените речни корита од напластениот пластичен и друг отпад и шут.
Зошто Куманово нема вода е прашањето кое безмалку еднаш месечно се поставува до надлежните од двете јавни претпријатија локалното „Водовод“ и „Водостопанство-Кумановско-Липковско Поле“ во надлежност на централната власт. Копјата помеѓу двете претпријатија се прекршуваат врз грбот на граѓаните, славините во домаќинствата се суви, а политички заматената вода истекува од двете акумулации.
Мислам дека тие си играат со човечката трпеливост и човечкото достоинство.Драги Караџински, советник во Советот на Општина Куманово.
Градоначалникот Зоран Дамјановски, од кого граѓаните очекуваат да ги преземе сите мерки за нормално водоснабдување, вели дека се работи за уцена на локалната самоуправа и „Водовод“ од „Водостопанство“.
„Количините се тројно намалени и сметам дека ова е дрско и безобразно кон градот Куманово. Очигледно цената е највисока во Македонија, три пати поголема од која било општина, редовно се плаќаат договорени цени од 4,8 дени, има нова цена од 6,8 дени и тоа оди во бесконечност. Не знам, државата мора нешто да направи, тројца луѓе узурпираат право на вода, основна животна потреба на 120 илјади граѓани“, вели Дамјановски.
Менаџерите од „Водостопанство“ неодамна преку локалните медиуми побараа оставка од директорот на „Водовод“, како што тоа го правеа и за претходните директори, што во ниту еден случај не е персонален проблем.
„Сега имаме директор кој ревносно ги обавува своите работи, многу дисциплинирано и коректно настапува кон граѓаните, меѓутоа секогаш на таа релација нивните барања се максималистички. Во саботата се дрзнаа и имаше нула литри во секунда проток на вода. По силни притисоци и ургенции на ресорни министерства, потоа дојде до нагло пуштање на водата, па нагло запирање, што пак предизвика создавање на воздушни перници и големи дефекти“, вели Дамјановски.
Според него, ова е неодговорно однесување на Управниот одбор и на менаџерскиот тим на „Водостопанство.“ Тој смета дека не е причината само од материјална природа, туку тенденција за целосно уништување на „Водовод“, кој, пак, секој месец исплаќа просечно по 2,5 милиони денари на нерегуларно формирана цена од „Водостопанство“.
„Ова е чиста политичка пресија на самото јавно претпријатие“, вели Дамјановски.
„Водовод“ има сопствени извори од стотина литри вода во секунда, што е малку во однос на вкупно неопходните околу 380 литри вода во секунда во летните месеци.
„Ако има малку совест, чест, хуманост во партијата на централната власт, треба да се реагира и да се разреши оваа голгота на 120 илјади луѓе во Куманово“, вели Дамјановски.
Драги Караџински, советник во општинскиот Совет, смета дека релевантните фактори не си ја сфатиле сериозно улогата поради што се препукуваат додека населението трпи.
„Мислам дека тие си играат со човечката трпеливост и човечкото достоинство“, вели тој.
Според Караџински и останатите советници неопходни се мерки и за чистење на речните корита и едукација на населението да не фрла отпад во реките, како превентива од поплави.