Достапни линкови

Груевски бара колективна наместо лична одговорност


Никола Груевски на конститутивна седница на деветиот собраниски состав.
Никола Груевски на конститутивна седница на деветиот собраниски состав.

Пропаѓањето на лидерот на партијата се поистоветува со распад на државата, оти земјата е во заложништво на менталитетот на политичарите. А во „жртвувањето“ на Груевски, аналитичарите гледаат барање за колективна одговорност за товарот кој тој треба да го понесе.

Последните јавни изјави и пишувања на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дел од домашната јавност ги оценуваат како пораки од политичар кој нема повеќе моќ да ги влече конците во политиката и на кој најтешко му е да ја прифати реалноста дека ја губи власта. Во такви околности тезите на Груевски се сосема спротивни од актуелните трендови во политичкиот живот, посочува универзитетскиот професор Никола Дујовски.

„Со интервјуто од синоќа, тој покажа дека нема чувство со реалноста. Во Македонија се сосема нови трендови во прашање. Не се договарањата помеѓу Зоран Заев и албанските партии никаква опасност за земјата. Напротив, ние допрва ќе се соочиме со силната потреба од борбата против криминалот, којашто ќе се покаже како основа за напредок во општеството”, вели Дујовски.

Повиците на протести и масовни излегувања на улица, а со цел да се одбранат националните интереси на државата деновиве се најактуелни на социјалните мрежи, но според аналитичарите тие не треба да не плашат зошто граѓаните нема да наседнат на таквите провокации.

„Груевски не е свесен дека поддршката на своето членство само ја губи со ваквите изјави. Верувам дека и оние коишто се под притисок во јавната администрација, во приватниот сектор повеќе нема толку лесно да се качуваат во автобуси и да доаѓаат на онаа сендвич револуција,“ вели Дујовски.

Македонија постојано е заложник на менталитетот на политичарите, односно на нивната тенденција да ја поистоветуваат државата со личноста и со партијата, а пропаѓањето на лидерот на партијата се поистоветува со распад на државата, анализира Сулејман Рушити, поранешен функционер во Владата.

„Таквите повици можат да бидат проблематични и да предизвикаат тензии, но сметам дека во Македонија полека се освестуваат граѓаните. Повеќето работи се јасни и сигурен сум дека никој нема да подлегне на такви манипулации, односно да се бори за тоа некој да не одговара пред системот на правдата“, изјави Рушити.

Изјавата на Груевски дека доброволно ќе прифати да биде уапсен, затворен и малтретиран, само да не се удри по темелите на државата, аналитичарите ја толкуваат како говор на потсвеста и барање колективна одговорност за индивидуалниот товар кој треба да го понесе.

„Ова е уште една тенденција за манипулација и претставување во јавноста како жртва, но всушност потсвеста на Груевски зборува за апсење и токму тоа му е најголемиот страв“, дециден е Рушити.

Во опширното излагање на својот фејсбук профил, но и на јавен настап на една национална телевизија, Груевски предупреди дека државата е нападната и само народот може да ја одбрани. Груевски вели дека основната причина за целата операција која се спроведува од надворешни центри за рушење на власта и носење на Зоран Заев е „слабеење на државата со цел промена на името и идентитетот на Македонците“ Во јавната понуда до претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Груевски меѓудругото вели дека „ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го поддржи СДСМ како малцинска влада, само доколку Заев се откаже од удирање по темелите на државата заради желбата да е на власт“.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG