Достапни линкови

САД, ЕУ и ОБСЕ го повикаа Иванов да ја преспита одлуката


Бејли: Разочарани сме, Иванов да ја преиспита одлуката
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:51 0:00

Бејли: Разочарани сме, Иванов да ја преиспита одлуката.

Додека до претседателот Ѓорге Иванов стигнуваат повици да ја преиспита одлуката да не му додели мандат на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, претставниците на политичките партии се во очекување на средбите со шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини.

САД се разочарани од тоа што претседателот Ѓорге Иванов одби да им понуди да формираат влада на претставниците кои формираа јасно парламентарно мнозинство, изјави денеска американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли. Слични пораки упатија и други претставници на меѓународната заедница.

„Веруваме дека ова не е во согласност со основните демократски принципи и со владеењето на правото, што се основни вредности на северно-атлантската организација. Како стратегиски партнери на Македонија, како пријатели и со целосно почитување на суверенитот на земјата, го повикуваме претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука“, рече амбасадорот Бејли.

Во исто време, тој ги повика и соседите на Македонија да покажат сила и да бидат конструктивни во моменти кога политичката чуствителност во земјата е затегната.

Ваквите реакции доаѓаат откако претседателот на државата Ѓорге Иванов вчера одлучи да не му додели мандадот за формирање на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Бејли претходно на Твитер изрази загриженост дека Македонија ги напушта принципите на демократијата и владеењето на правото, кои се суштински вредности на НАТО, истакнувајќи дека се согласува со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој вели дека во една демократија парламентарното мнозинство мора да биде признаено, дури ако тоа некому не му се допаѓа.

„Сите лидери, вклучително и претседателот мора да го почитуваат исходот од неодамнешните избори“, напиша на Хан на Твитер.

Хан истакна дека очекува од сите лидери и институции да дозволат да течат демократските процеси во интерес на сите граѓани.

Загриженост за развојот на настаните во Скопје изрази и генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер. Тој на Твитер напиша дека резултатите од декемвриските избори се солидна основа да се формира влада која ќе им служи на интересите на сите граѓани.

„Владеењето на правото може да надвладее. Ќе го посетам Скопје следната недела, ќе се сретнам со официјални лица, политичари и граѓанското општество“, вели Заниер.

Инаку, Иванов при вчерашното објавувањето на одлуката дека нема да му го додели мандатот на Заев, упати и порака до меѓународната заедница, наведувајќи дека штом се воздржала од осудување на Платформата на Албанците што ја загрозувала сувереноста и унитарноста на државата, требало исто така да се воздржи и од наметнување решенија кои би биле во спротивност со државните интереси на Македонија.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини денеска во Скопје се среќава со лидерите на партиите и со претседателот Ѓорге Иванов.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG