Достапни линкови

33 години затвор за 13 велешани за силување малолетничка, пресуда за битка на идните генерации


Кривичен суд - Скопје, пресуда за група велешани кои силувале малолетничка, 20.11.2024
Кривичен суд - Скопје, пресуда за група велешани кои силувале малолетничка, 20.11.2024

Највисоката казна која денеска беше изречена во Кривичниот суд во Скопје е 5 години и 6 месеци затвор, а најниската е условна осуда. Сите 13 млади луѓе на возраст од 22 до 32 години судот ги прогласи за виновни дека сексуално злоупотребиле малолетничка ја снимале и ги препраќале снимките.

„Ова не е битка на мажи против жени туку е битка на идните генерации“, рече судијката Даниела Димовска изрекувајќи ја осудителната пресуда во случајот за сексуална злоупотреба на малолетничка во Велес од страна на 13 млади велешани.

Таа рече дека оваа пресуда е поука за целото општество кое треба да се запраша што се случува со младите во Северна Македонија. Изнесе мал детал од целата постапка откривајќи дека настаните за кои се товарат осудените се случувале под дејство на дрога.

„Наместо портокаловата боја која треба да е симбол на љубов и разбирање во случајов е боја на портокаловата чинија која полна со неограничени количини на кокаин стоела на маса пред младите. Треба да се запрашаме дали тие имаат контрола, дали знаеме каде се движат малолетните, дали кокаинот е единственото нешто што ги прави среќни, дали родителите знаат што се случува со нивните деца и дали тие можат да создаваат здрави врски кои ќе градата здрави фамилии? Ова се прашања за цело општество“, рече Димовска.

Инаку најмладиот од осуденитеима 22 години додека најстариот е 32- годишен, но делото го сториле пред три години кога биле уште помлади.

Пресудите кои беа изречени се, за првообвинетиот пет и пол години, за двајца од обвинетите, четири и пол години, а за двајца се по четири годишни затворски казни. Петмина добија затворска казна од една и пол година, додека последниот обвинет доби условна осуда од две години затвор која ќе се изврши само ако во наредните пет години не стори кривично дело.

Судењето започна на 19 септември 2023 година против 13 обвинети, при што уште на стартот еден од нив призна вина. Дел од нив се товареа за трговија со дете, дел за полов напад и силување, а само еден од нив доби обвинителен предлог за Производство и дистрибуција на детска порнографија.

На стартот на судењето судијата кој тогаш го водеше случајот Осман Шабани, по барање на јавната обвинителка Милица Гаврилова одлучи судењето да се одвива зад затворени врати за да не се направи поголема штета на оштетеното девојче.

Тогаш беше речено дека ќе бидат изнесени детали и од приватниот живот на обвинетите како и лични и интимни околности.

Освен изрекувањето на пресудата, нејзиното образложение и денеска беше затворено за јавност. Претходно обвинетите се обидоа да ги избегнат новинарските екипи за да не бидат снимани во судницата и покрај тоа што судијката Димовска им кажа дека сите екипи имаат дозвола за снимање од Врховниот суд.

Нивните адвокати не се задоволни од пресудата.

„Ќе ја обжалиме пресудата, одлуката за неа е донесена без докази и се базирано само на исказите на жртвата. Побарајте и заинтересирајте се за нејзиното минато и ќе видите дека не е се така како што е претставена нејзината личност тука во судот“, рече Валентин Зафиров, адвокат.

Сите дојдоа од слобода и покрај тоа што првично Кривичниот суд им одреди притвор, а само на еден домашен притвор.

Сепак, во текот на судењето Апелациониот суд ги прифати гаранциите дадени во имот на нивните родители и ги ослободи.

Речиси сите од осудените немаат имот или се невработени или многу малку имотни, беше прочитано од судијката која е претседател на судечкиот совет.

На изрекувањето на пресудата обвинителката повторно побара притвор за сите освен за оној кој доби условна осуда. Судот за првите петмина обвинети одреди домашен притвор.

Судење затворено за јавноста, што пишуваше во обвинението?

Според соопштението на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое беше објавено во јануари 2023 година првообвинетиот, дваесет и петгодишен велешанец, започнал комуникација со девојчето кое се уште немало наполнето 14 години преку апликацијата „Инстаграм“.

И ветил дека ќе започнат љубовна врска, но уште на првата средба ја снимал со телефон.

„На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед“, пишуваше во соопштението.

По ова во периодот од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 со употреба на закана над детето поврзани со снимките кои ги поседувал, им овозможил на другите обвинети и на други непознати луѓе да вршат полови дејствија со што таа станала и жртва на трговија со луѓе, по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.

Според обвинителството забавите се случувале во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале повеќемина кои прво конзумирале дрога и алкохолни пијалоци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето.

Обвинение беше поднесено против 15, но двајца тетовци се спогодија со обвинителството и добија условни казни. На стартот на судењето пак еден од обвинетите ја призна вината и доби три годишна затворска казна.

Извори од обвинителството за РСЕ потврдуваат дека целиот случај беше откриен како резултат на друга истрага поврзана со продажба на дрога од страна на двајцата тетовци. Во нивните телефони биле пронајдени порнографските материјали по што започнало да се истражува целиот случај.

Обвинет давал лажни докази

Еден од осудените во случајот во неговата одбарана дал лажни докази. На ова се сомнева обвинителството кое сега води паралелен процес против него.

Од ОЈО ГОКК за РСЕ велат дека обвинителката при истражната постапка утврдила дека на осомничениот му помагал неговиот адвокат, сопственик на хотел и посредник.

„Осомничениот, неговата одбрана и уште едно лице сториле кривични дела приложувајќи лажни докази со цел лажно прикажување на фактите во предметот што се водеше. Како резултат на ова предметниот обвинител спроведе предистражна постапка во која беа опфатени четири лица.

Еден од обвинетите во текот на постапката ја призна вината и е осуден на алтернативна мерка - условна осуда, а за останатите беше поднесен Обвинителен предлог“, се вели во одговорот на обвинителството за РСЕ.

Инаку обвинетиот се бранел дека наводно престојувал во хотел во Велес, во времето кога се случувала забавата на која било злоупотребено девојчето и дека не бил присутен на неа. Како доказ прикажал хотелска книга на гости, но обвинителството се посомневало во вистинитоста на доказот.

Поднело обвинителниот предлог и сите четворица се обвинуваат дека сториле кривично дело Фалсификување или уништување деловни книги, Попречување на правдата и кривично дело Поднесување лажни докази. Сопственикот на хотелот признал вина, а за останатите во тек е судска постапка.

Пресуда донесена на Светскиот ден на детето

Додека се изрекуваше пресудата во кривичниот суд во Скопје, во Владата на Северна Македонија се одбележуваше Светскиот ден на детето одржувајќи владина седница под слоганот „Слушнете ја иднината”. Обединетите нации пак 18 ноември го прогласија за ден посветен на превенција од сексуална злоупотреба на деца.

Според ОН, 18 ноември не е ден за славење, туку е потсетник дека треба да се слушнат жртвите на насилство за да знаат дека не се сами.

Според последните истражувања, во светот жртви на сексуално насилство во повеќето случаи се девојчињата. Се проценува дека приближно 120 милиони жени помлади од 20 години доживеале различни форми на сексуално насилство во изминатата година.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG