Достапни линкови

Се „крчкаат“ нови измени на Кривичниот законик


Илустрација
Илустрација

Според новиот министер за правда Игор Филков, се бара решение како да се поправи штетата предизвикана од ланските контроверзни измени на Кривичниот законик со кои застареа кривични дела сторени од функционери. Правниците тврдат- штетата не може да се поправи, може само да се превенира.

Додека македонските институции чекаат одговор од Европската комисија за новиот предлог закон за Кривичниот законик, кое како обврска произлегува од билатералниот скрининг за Поглавјето 23, Министерството за правда се одлучи на нови чекори - ќе предложат измени на веќе постоечкиот закон со кој група поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ обвинети во предметите кои произлегоа од аферата за масовно прислушување беа ослободени поради застарување на делото.

Во Министерството за правда забрзано се работи на измени и дополнување на постоечкиот Кривичен законик, за, како што брифираат оттаму, да се отстранат штетните последици од избрзаните и политичките наменски направени измени во 2023 година.

Контроверзните измени на Кривичниот законик направени во лани во септември, кога власта беше во рацете на СДСМ и ДУИ, ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери, како поранешниот премиер Никола Груевски, првиот човек во разузнувањето Сашо Мијалков и нивни блиски соработници кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство.

За тие измени низа критики упати меѓународната заедница, а последната беше во извештајот за владеење на правото што минатата недела го објави Европската комисија (ЕК).

Сега за прв пат, власта и опозицијата се сложија дека тие измени се штетни за владеењето на правото во земјава. Опозицискиот лидер Венко Филипче јавно призна дека пред десет месеци згрешиле со носењето на измените на кривичниот законик.

Филипче и побара од новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ да го стави на јавна расправа, новиот кривичен законик кој го подготвуваше експертска работна група предводена од универзитетскиот професор Владо Камбовски. Тој предлог, според Филипче, е направен во целосна координација со меѓународните институции и како модел за него се користел германскиот Кривичен законик.

За ваквото барање, од Министерството за правда велат дека истите што аминуваа ослободување за сторени кривични дела, сега бараат измени. Новиот министер за правда Игор Филков брифира дека сега се прават обиди со нови и стари членови во работната група да направат измени на постоечкиот закон со кој, како што вели, би се поправила делумно штетата од минатогодишните измени.

„Тој што злоупотребил функција нема да остане неказнет, ние сега бараме решение за тоа, оставете простор да видиме дали можеме во тие измени да ги опфатиме и нив“, вели Филков.

Но, според македонското право, новите измени кои се „крчкаат “ нема да важат за оние функционери кои ја злоупотребиле функцијата додека во сила е актуелниот закон.

Во оваа ситуација нужно е потребно да се измени актуелниот Кривичен законик, но не затоа што може да се исправи штетата, туку да се превенира идна штета, вели Дарко Аврамовски од Коалцијата „Сите за правично судење“.

Тоа значи дека сите функционери кои сториле кривично дело сега, а кое не е откриено, како и оние за кои веќе е отпочната некаква кривична постапка, ќе одговараат според поблагиот закон каде што се намалени можните казни за корупција, објаснува тој. Новите измени ќе се однесуваат на тие што во иднина ќе се огрешат пред законот, односно ќе се однесуваат на крвични дела сторени по носење на измените.

„Штетата не може да се поправи затоа што во правото секогаш се применува поблагиот закон за сторителот, тоа е единствениот исклучок кога има ретроактивно дејство еден закон, доколку се донесе нов закон кој што предвидува поблаги последици за делото кое што го имате сторено, само тогаш може да се примени ретроактивно, но, не и кога е обратно“ вели Аврамовски.

Според него,проблем се честите измени на Кривичниот законик, затоа што придонесуваат за голема правна несигурност во земјата, па како што вели, токму затоа и беше отпочнат процес на нов кривичен законик за да може да се систематизираат. Но, додава дека сега е нужно да се измени постоечкиот закон што е можно побрзо.

Со последните измени на Законот за кривична постапка, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата. На пример за кривичното дело злосторничко здружување, затворските казни од една до десет години беа намалени на временска рамка од шест месеци до пет години.

Во целосно новиот Кривичен законик, според првиот човек на работната група, академик Владо Камбовски, се враќа делото „злоупотреба на службената положба при јавни набавки“, кое како резултат на бришењето на став од членот 353 во ланските спорни измени, сега не подлежи на кривична одговорност.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG