Киднапирање и свирепо убиство на дете
Едно понеделничко утро при крајот на ноември се прошири веста дека исчезнало 14-годишно девојче на пат кон училиште во центарот на Скопје. Една недела подоцна пред училиштето во кое учеше Вања ученици, наставници, граѓани палеа свеќи, откако полицијата го пронајдено нејзиното тело.
Полицијата и Обвинителството соопштија дека била киднапирана со намера да бараат откуп за неа, но девојчето било убиено неполни три часа по грабнувањето. Екипата што стои зад грабнувањето и убиството на Вања, го грабнала и убила и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Oсомничениот дека ги испланирал грабнувањата и ги извршил убиствата, Љупчо Палевски – Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција. Неговите соучесници се во притвор во Скопје. Обвинителство е шкрто во објавување на детали, оти истрагата е во тек.
Шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски на 12 декември рече дека материјалните докази во истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски одат во насока на тоа што тројца од осомничените го зборувале во исказите пред полицијата и Обвинителството.
Обвинителот не одговори дали мотивот останува ист – користољубие, како што првично соопшти обвинителството врз основа на исказите од осомничените.
„За тоа ќе се произнесе обвинителството кога ќе ја заокружи фактичката состојба со соодветно обвинение“, вели Бубевски.
Американската амбасадорка Ангела Агелер на 16 декември рече дека системот ја убил 14-годишната Вања Ѓорчевска. Со неа се согласи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е на таа функција безмалку 8 години.
Осомничениот за убиствата Љупчо Палевски – Палчо, е основач на партијата „Десна“. Според објавите на партијата, тој остро се спротивставува на евроатланските интеграции на земјава, а промовира дел од идеите за зближување со Русија. Го промовира и БРИКС, заедницата која се смета дека е под покровителство на Русија и Кина.
Скопје домаќин на Министерскиот совет на ОБСЕ, меѓу гостите и Лавров
Исчезнувањето на Вања се случи во очи на Министерскиот совет на ОБСЕ, чиј домаќин беше Скопје, главниот град на земјата претседавач Северна Македонија. На Министерскиот совет дојдоа делегации од 76 земји од кои 57 членки на ОБСЕ, а останатите беа од партнерски држави од медитеранската и азиската група. Состанокот мина во знакот на меѓусебните обвинувања меѓу шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и западните дипломати за уништување на ОБСЕ. Дел од делегациите го бојкотираа неговиот говор и му порачаа на Кремљ дека војната во Украина треба да прекине.
Американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер, порача дека никој не сака да седи на маса со Лавров и дека Русија останува изолирана во ОБСЕ.
Лавров одржа долга прес-конференција во Скопје, а за тоа кој новинар има право да праша одлучуваше неговата портпаролка Марија Захарова. На новинарот на Радио Слободна Европа не му беше дадено да постави прашање. Три дена, додека траеше состанокот, Скопје беше под силно полициско обезбедување. На состанокот беше избран следниот претседавач – Малта, а за девет месеци им беа продолжени мандатите на четирите главни извршни позиции на ОБСЕ – генерален секретар, директор на ОДИХР, висок претставник за националните малцинства и претставник за слободата на медиумите. На Министерскиот совет не постигнале договор за Буџетот на организацијата.
Претходно изби скандал со тендерот за адаптација на Спортскиот центар Борис Трајковски, кој дојде и пред Антикорупциската комисијата. Тендерот од 1,8 милиони евра го доби фирмата Еуровија во сопственост на најголемиот донатор на владејачката ДУИ.
Метастаза на случајот „Онкологија“
На почетокот на септември луѓе излегоа на протести откако Обвинителството отвори предистрага по пишувањата не медиуми дека на државната Клиника за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, а беа отворени и сомнежи дека пациентите добивале и физиолошки раствор и дека терапијата завршувала на црниот пазар.
Од Обвинителството порачаа дека ќе има брза, но не и брзоплета истрага за случајот. Но и по неколку месеци нема детали до каде е предистрагата.
Министерот за здравство Фатмир Меџити постојано го повикува Обвинителството да го разреши случајот.
„Веќе навистина е крајно време и тие самите да се тргнат од тој товар дека правниот систем не функционира во државата. Нека повелат господата и нека излезат со конкретен одговор и да се знае еднаш засекогаш кој е виновен“, одговори министерот на 15 декември.
Доцниме со избор на обвинител
Државното обвинителство кон крајот на годината доби нов шеф, но само како вршител на должност, додека Собранието да избере нов обвинител. На 22 декември беше избрана Соња Симовска за в.д републички јавен обвинител, на местото на досегашниот шеф Љубомир Јовески. Советот на обвинители назначи в.д. обвинител бидејќи власта не ги започна процедурите за избор на нов републички обвинител навреме.
За обвинител се пријавија три кандидати. Советот на обвинители даде позитивно мислење за обвинителот Љупчо Коцевски, негативно за обвинителката Лидија Раичевиќ и ја отфрли кандидатурата на Фатиме Фетаи поради некомплетна документација. Раичевиќ и Фетаи најавија жалби.
Амнестија за функционерскиот криминал
Септември го одбележа уште еден настан – измените на Кривичниот законик, донесени во брза собраниска процедури и со европско знаменце, што потоа беше критикувано и од домашни и од меѓународните институции.
Со измените се намалија предвидените казни за злоупотреба на службената положба, со што се намалува и рокот за застарување на „функционерскиот криминал“. Кој не добил правосилна пресуда за 10 години откако го сторил делото, е слободен.
Вкупно 36 предмети за 197 обвинети се водат во Основниот кривичен суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластувања кои се таргетирани од измените на Кривичниот законик.
Со измените голем дел од високопрофилните случаи против поранешните функционери обвинети за злоупотреба на службена положба или злосторничко здружување застареа.
Со измените на Кривичен, му застареа и дел од делата на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е азилант во Будимпешта.
Застаре и предметот над предметите – „Таргет-Тврдина“ за тоа кој е виновен за масовното прислушување. Скандалот го објави во 2015, тогашниот премиер Зоран Заев, објавувајќи таканаречени бомби или прислушувани материјали. Отворајќи предмет, тогашното СЈО, формирано за справување со корупција и криминал сторена од функционери, рече дека биле прислушувани 4.614 корисници на телефонски броеви во период од 2008 до 2015.
Дома амнестија, во ЕУ критики
И додека пратениците си носат закони за тивка амнестија за функционерскиот криминал, критиките стигнуваат од странство.
Во ноември Европската унија, објавувајќи го извештајот за напредокот на земјата кон Унијата, нотираше сериозна загриженост за судството и за корупцијата, велејќи дека корупцијата е широко распространета, а напредок во судството нема. А, на тема корупција, Соединетите Американски Држави, годинава неколкупати ја апдејтираа „црната листа“.
Последен на неа се најде поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
Претседателот Стево Пендаровски во последното годишно обраќање во неговиот мандат, рече дека се стекнува впечаток дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата во земјава од нашите институции.
„Меѓутоа, странските санкции не се доволни“, рече претседателот.
Нема Бугари во Уставот, нема продолжување на евроинтеграциите
Северна Македонија не си ја исполни домашната задача и не ги внесе Бугарите во Уставот, иако се обврза на тоа. За возврат Европската унија не одржа втора меѓувладина конференција со Северна Македонија, па на отворање на поглавјата ќе почекаме уште некое време. Во меѓувреме невладините кои го мониторираат расположението на граѓаните за членство во Унијата, бележат никогаш пониска доверба.
„Најмладата категорија на полнолетни граѓани на возраст од 18 до 24 години, се во суштина и најевроскептични“, вели Иван Дамјановски, автор на анализа за процесот на евроинтеграции изработен од Институт за демократија – Социетас цивилис.
На функционерите им се погоди платата
Од април 2023 нешто повеќе од 1000 функционери добиваат повисоки плати за 78 отсто. Власта, иако ветуваше дека ќе најде начин како да ги регулира платите и тие да не бидат толку високи, тоа не се случи.
Повисоките функционерски плати поттикнаа протести на разни групи работници, а на улица ги извадија и пензионерите. Дел од работниците добија повисоки плати, пензионерите сè уште протестираат и бараат линеарно зголемување на пензиите.
Околу 400 луѓе почнаа да постојат и пред државата
Додека едни се борат за плати и пензии, стотици луѓе со години водат битка да докажат дека постојат. Пред крајот на годината, по децениски битки, околу 400 луѓе во земјата за првпат добија матичен број. Битката овие луѓе фантоми да станат видливи за системот започнаа откако две момчиња починаа, а немаа извод од книга на родени. Работите почнаа да се менуваат со усвојување на Закон за матична евиденција, измени на Законот за живеалишта и престојувалишта и Законот за лична карта. Уште стотина луѓе чекаат да добијат свој извод.
Оние, пак, што имаат лични документи се туркаат пред пунктовите да си ги заменат и во нив да биде впишано новото уставно име Северна Македонија. Промената на документите треба да заврши до февруари 2024. Но, и издавањето на такви документи не почна на време, па сега има турканици.