Достапни линкови

Карпентер: Никој не сака да седи на маса со Лавров


Министерски совет на ОБСЕ, Скопје 1 декември 2023
Министерски совет на ОБСЕ, Скопје 1 декември 2023

Амбасадорот Карпентер вели Русија останува изолирана во ОБСЕ и никој не ја поддржува нејзината воена агресија. Лавров, пак, за сите проблеми го обвини Западот, а збесна кога го прашаа дали Русија ќе ја напушти Организацијата. Тој им држеше лекции на новинарите, а кој ќе прашува одлучуваше Захарова.

Никој не сака да слуша лаги, дезинформации и пропаганда на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Ова беше одговорот на американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер, на нападите од Лавров дека западните дипломати се кукавици, што ги кажа на прес-конференцијата на маргините на Министерскиот совет во Скопје каде што ги навредуваше странските новинари.

„Никој не сака да седи на маса со Лавров и да слуша лаги, дезинформации и пропаганда. Неседењето на таа маса, според мене е, акт кој има повеќе смисла ако сте некој што не сака да учествува во мазохизам“, рече Карпентер кој заедно со помошникот државениот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан учествуваше на Советот во Скопје.

Карпентер - Никој не сака да седи на маса со Лавров
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:18 0:00

Лавров, по вчерашниот говор на пленарната сесија на Министерскиот совет, денеска на прес-конференција, на која главен збор добиваа руските новинари и неколку странски, но не и Радио Слободна Европа, иако побаравме, ги повтори обвинувањата кон Западот за уништување на ОБСЕ.

„Секретарот Блинкен и Борел си заминаа. Зошто го направија тоа? Тие се кукавици, се плашат од отворен разговор поткрепен со факти. Мислам дека сакаа да ја нагласат нивната намера да ја изолираат Русија“, изјави Лавров.

Лавров: Блинкен избега, Борел си замина. Тоа е кукавичлук
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:46 0:00

За пресот на рускиот министер имаше голем медиумски интерес и од странските и од домашните медиуми, а руската делегација пред доаѓањето на Лавров бараше новинарите да кажат кој сака да поставува прашања.

Додека се чекаше пристигнувањето на шефот на руската дипломатија, руските медиуми и членови на делегацијата ги снимаа и фотографираа новинарите.

Кој ќе прашува одлучуваше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи (МНР), Марија Захарова, која им праќаше пораки и фотографии од новинарите на членовите на руската делегација за да знаат на кого да го дадат микрофонот.

Лавров ги повтори обвинувањата дека Западот дејствува деструктивно, рече дека е рамнодушен за одлуките од Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје и дека Организацијата функционира спротивно на „сите принципи на ОБСЕ по линијата на лидерите на т.н. демократски институции и човекови права“.

По сите овие критики, тој се разбесни од прашањето на новинарката на „Дојче веле“ дали затоа Русија ќе ја напушти ОБСЕ. Наместо одговор, Лавров почна да ја навредува, а слични напади користеше и кон други странски новинари. Ја праша каде учела новинарство и кој ѝ дал диплома.

Новинарското прашање за „пропаста на ОБСЕ“ го налути шефот на руската дипломатија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:26 0:00

На новинар од македонска телевизија, пак, саркастично му рече дека „прашањето ќе им се допадне на неговите шефови“.

Тој им забележа на медиумите и што објавиле фотографии од неформалната вечера во средата на кои се гледале сите, освен Лавров, со намера, како што рече, да прикажат дека тој е изолиран.

Додека Лавров се разбесни на прашањето дали Русија ќе излезе од ОБСЕ, Карпентер, пак, рече дека самитот во Скопје покажува дека Москва останува изолирана и дека ОБСЕ и натаму ќе функционира што е победа за сите земји-членки.

Според него, тоа го покажува и со постигнатиот консензус Малта да го презеде претседателство со Организацијата од Северна Македонија за 2024 година, како и за продолжување на мандатот за девет месеци за актуелните функционери на четири главни позиции во ОБСЕ.

За САД Русија е агресор и треба да одговара

Американскиот дипломат потенцираше и дека Русија е агресор во случајот со војната во Украина и ќе мора да понесе одговорност.

Карпентер: Русија е земја агресор
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:44 0:00

„Русија е земја агресор, јас ќе го земам секој збор што доаѓа од министерот за надворешни работи Лавров, со должна почит, како голема навреда, не повеќе. Како што реков Русија е агресорска земја, тие дејствуваат брутално“, рече Карпентер.

Наспроти него, пак, Лавров ги обвини западните земјите сакаат да продолжи војната во Украина. Тој рече дека не гледа знаци оти Киев е подготвен да тргне кон политичко решение и дека нема причина Русија да ги менува целите на, како што ја нарекува, „специјална војна операција“.

„Засега нема сигнал ни од Киев ни од западните господари дека разговорите ќе се продолжат. Зеленски доби 18-месечна забрана за такви разговори. За почеток на политичкиот процес потребни се двајца, но луѓето од другата страна не сакаат да играат танго, а за танго се потребни двајца“, рече Лавров.

Двајцата дипломати одговараа и на прашања за односите во регионот.

Карпентер порача дека САД поддржуваат нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

„Нема промена на политиката на САД за Косово. Косово го поддржуваме како демократска и независна држава. Поддржуваме разговори нормализација на односите меѓу Србија и Косово, мислиме дека е важно за регионот, безбедноста. Треба да се продолжи со нив и да се постигне тоа (нормализација)“, рече американскиот дипломат Карпентер.

Лавров, пак, зборуваше и за македонско-бугарските и за односите меѓу Србија и Косово. Коренот на проблемите на релација Скопје – Софија, според него, е во однесувањето на западните сили. А на Србија и порача дека нема да влезе во ЕУ, ако не воведе санкции кон Русија и не го почитува Договорот со Косово.

Министерскиот совет на ОБСЕ, каде присуствуваа и американската и руската делегација заврши денеска (1 декември). Вкупно учествуваа 76 земји – 57 членки, а останатите се партнерски држави од медитеранската и азиската група.

Пораките кои преовладуваа на затворањето на овој настан беа во насока на руската агресија врз Украина. Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, како актуелен претседавач, порача дека руската агресија ги прекршила основните принципи на ОБСЕ и освен што предизвикала страдање на луѓето во Украина донела и сериозни предизвици за егзистенцијата на Организацијата.

Неговиот колега од Малта, Јан Борг, како претседавач во 2024 година, пак, порача дека фокусот мора да биде на завршување на војната велејќи оти „руската агресија против Украина мора да запре“.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG