Достапни линкови

Скопје под делумна блокада - Ќе пречека 76 делегации на ОБСЕ


Мапа за булевари во Скопје што ќе бидат периодично затворени за сообраќај за време на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје
Мапа за булевари во Скопје што ќе бидат периодично затворени за сообраќај за време на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје

Дел од улиците во Скопје ќе бидат периодично затворени, сообраќајот ќе се пренасочува, градските автобуси ќе имаат изменети траси. Јавната администрација доби слободен ден, училиштата нема да работат. Министерскиот совет на ОБСЕ е најголем настан што досега се одржал во Скопје

Најдобро е утре да не излегуваме од дома, вели утрово скопјанката Марија Биловска, додека го паркира автомобилот близу своето работно место во ресторан во строгиот центар на Скопје.

Марија денеска дојде навреме на работа, малку пред 8 часот. Уште не знае како би стигнала утре.

„Сопственикот одлучи, ресторанот ќе биде отворен, со ризик да нема ниту еден гостин. Во приватен сектор сме, сите мои колеги треба да се на работните места“, ни рече Марија.

Дел од улиците во Скопје ќе бидат затворени за сообраќај, градските автобуси ќе бидат редуцирани, учениците во основните и во средните училишта ќе останат дома, исто како и администрацијата. Градинките ќе згрижуваат деца и болниците ќе примаат пациенти. Движењето со возила ќе биде отежнато, особено низ општините Центар и Карпош.

Вака ќе функционира главниот град денеска од 13 часот и особено утре (четврток, 30 декември) кога во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи Министерскиот совет на ОБСЕ чиј домаќин е Северна Македонија.

Скопје безбедно и чисто пред состанокот на ОБСЕ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:05 0:00

За Самитот на 30 ноември и 1 декември(петок) е најавено присуство на 76 делегации од над 50 земји во светот, со околу 1.000 учесници. Поради тоа ќе има и силно полициско обезбедување, со предвиден трет степен на безбедност.

Како да стигнат на работа и како да се вратат дома, е главната дилема на граѓаните кои работат во општините Центар и Карпош.

„Градот ќе биде блокиран. И со автомобил и со автобус веројатно ќе биде невозможно, ќе мора да се снаоѓаме на друг начин. И ние чекаме насоки“, велат вработени во банка во Карпош.

Министерството за внатрешни работи (МВР) најави дека од денеска напладне повремено ќе биде затворен за сообраќај булеварот „Илинден“ од крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“ кај Владата сè до крстосницата со улица „Љубљанска“ кај трговскиот центар „Сити мол“.

Редовен сообраќај нема да е можен ниту по булеварот „8 Септември“ на потегот од крстосницата со улица „Скупи“ до крстосницата со булеварот „Партизански одреди“.

Овие улици гравитираат околу салата каде ќе се одржи Министерскиот совет и тука ќе биде најголемиот застој.

Во зависност од потребите, денеска и утре е можно е повремено затворање и на други улици, но МВР не прецизира конкретно за кои станува збор.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека полицијата се подготвувала една година. За да се гарантира безбедноста на учесниците, покрај посебните обуки што ги имале припадниците на МВР, ќе бидат вклучени и вработени во армијата, за помош при транспортот на делегациите.

„Апелирам до граѓаните, да имаат трпение за овие денови на одржување на Самитот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници, затоа што нема да имаме целосна блокада на градот и на движењето во него. Меѓутоа ќе имаме блокада на одредени улици, делници по кои што ќе се движат делегациите се со цел да имаме мир и безбедност, и граѓаните и Самитот да протече во најдобар можен ред“, изјави Спасовски.

Вчера полицијата направи тричасовна генерална проба за затворање на улиците.

Изменети линии и во градските автобуси

Поради изменетиот режим на сообраќај, со поинаков режим ќе функционира и јавниот превоз во Скопје. Денеска автобусите ќе возат вообичаено, согласно важечкиот зимски возен ред, а утре ќе сообраќаат по саботен возен ред.

Станува збор за линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118, најавија од јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).

Линиите 8 и 15А наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“.

Генерална проба на МВР за регулирање на сообраќајот во Скопје пред министерскиот совет на ОБСЕ, 28.11.2023
Генерална проба на МВР за регулирање на сообраќајот во Скопје пред министерскиот совет на ОБСЕ, 28.11.2023

Автобусите со број 7, 15, 19, 26, 29 и 59 наместо на крајните терминали во населбите Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ каде што продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“.

Линиите 18, 21А и 118 од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит-пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (кај Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта.

Авиосообраќајот за време на Министерскиот совет на ОБСЕ ќе се одвива вообичаено, не се очекуваат доцнења.

Администрацијата и учениците слободни, болниците ќе работат

Според Одлуката што ја донесе Владата денеска, на 29 ноември, државната и јавната администрација, како и училиштата на подрачјето на Скопје, ќе работат до 12 часот. Утре за нив е неработен ден.

Градинките ќе згрижуваат деца. За нив не важи петочниот неработен ден.

Пациентите ќе можат да отидат на закажаните термини во болниците. Истото важи и за ГОБ „8 септември“, која е во реонот што ќе биде опфатен со делумна блокада на сообраќајот. Здравствените установи добиле упатства да ја организираат работата, но пациенти се жалат дека вчера им биле откажувани термини.

„Одлуката на Владата за слободен работен ден не важи за здравствените институции. Можеби некои лекари на своја рака откажуваат термини, ако процениле дека не ќе можат навреме да стигнат на работа. Но, ние на сите здравствени институции и писмено им укажавме дека в четврток треба да се на располагање на пациентите“, велат од Министерството за здравство.

Владата препорача сопствениците приватните компании во Скопје сами да одлучат дали ќе работат. Тоа особено важи за бизнисите во општината Карпош и за општините кои гравитираат кон Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и хотелот „Александар палас“.

Полицијата стопира возила во рамки на генералната проба за регулирање на сообраќајот во Скопје, пред Министерскиот совет на ОБСЕ, 28.11.2023
Полицијата стопира возила во рамки на генералната проба за регулирање на сообраќајот во Скопје, пред Министерскиот совет на ОБСЕ, 28.11.2023

Министерскиот совет на ОБСЕ ќе биде најголем настан што досега се одржал во Скопје, од аспект на број на учесници и нивниот ранг.

„Тоа е една опсежна акција која треба да ја спроведеме од безбедносен аспект и целосно сме подготвени сите служби - и Секторот за внатрешни работи - Скопје, и Одделот за заштита на определени личности и објекти, Единицата за службени кучиња, воздухопловната единица. Значи сите учествуваме во рамки на својот дел, секако и другите институции. Јас очекувам дека се ќе помине во најдобар можен ред“, рече Спасовски.

Следната 2024 година претседавач со ОБСЕ ќе биде Малта. За 2025 година веќе е донесена одлука и тогаш со Организацијата ќе раководи Финска.

XS
SM
MD
LG