Две прашања се наѕираат во пресрет на министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје.
Прво - дали ќе се појави еден од нив, Русинот Сергеј Лавров? И второ - кој по Северна Македонија ќе ја преземе едногодишната ротирачка фотелја за следната година?
Двете прашања во извесна смисла се меѓусебно поврзани. Но, во двата случаи може пред состанокот веќе да се заклучи дека Русија излезе на врвот, користејќи го своето вето за да го добие, и столчето што го сакаа, и присуството што им е потребно за да ѝ покажат, и на домашната, и на меѓународната публика дека Русија сè уште во голема мера е политички играч на кој треба да се смета за континенталните прашања.
Да ја премотаме лентата на претходниот министерски состанок на ОБСЕ во полскиот град Лоѓ, во декември минатата година, на кој Полска одлучи да го забрани присуството на Лавров.
Варшава, која претседаваше во 2022 година, истакна дека тој е на списокот со санкции на ЕУ по руската целосна инвазија на Украина. Полска дејствуваше сама, објавувајќи неколку недели однапред за нивните намери - потег што нивното Министерство за внатрешни работи имаше право да го преземе.
Ова право важи и за Северна Македонија. Земјата-кандидат за ЕУ досега се усогласи со сите санкции на ЕУ кон Русија - вклучувајќи ги сите поединечни мерки за руските официјални лица и забраната за руски летови.
Но, во овој случај постои финта: ЕУ на Лавров му наметна само замрзнување на имотот, а не забрана за издавање визи. И дури и да имаше забрана за визи, тоа може да биде отфрлено од земјите-членки на ЕУ и земјите како што е Северна Македонија, со цел да присуство на меѓународни конференции, како министерскиот состанок на ОБСЕ. Истата дупка постои и за руските летови, ако тие, на пример, превезуваат важни руски дипломати. Со други зборови, тој може да биде добредојден во Северна Македонија без земјата да прекрши никакви правни или политички обврски. Северна Македонија потврди дека ќе го дозволи летот на Лавров, а Бугарија даде дозвола авионот на Лавров да го користи нејзиниот воздушен простор на пат кон Скопје.
Извори од ОБСЕ посочија дека руската делегација може да има до 85 лица, вклучувајќи го личниот лекар на министерот за надворешни работи, неговиот заменик Александар Грушко, Марија Захарова - познатата директорка на Одделот за информации и печат во руското МНР, детално големо обезбедување и 24 руски новинари.
Додека Скопје ја донесе оваа одлука на своја рака, јасно е дека ја исполнуваше желбата на повеќето членки на ОБСЕ, кои тврдеа дека би можело да биде корисно овојпат Лавров да биде присутен во македонскиот главен град. Освен потенцијалното соочување со него во врска со Украина, дипломатите на ОБСЕ, под услови на анонимност, посочија и на уште една причина за негово присуство: решавање на прашањето кој треба да го преземе претседавањето со ОБСЕ следната година и пополнувањето на четирите врвни позиции на организацијата, вклучително и улогата на генерален секретар, чиј мандат ќе биде обновен на крајот на годината.
Естонија долго време беше единствениот кандидат да претседава во 2024 година, а се пријави уште во 2020 година. Но, Русија постојано го одбиваше тоа и истото го направи повторно оваа година. Аргументот што го изнесе Москва е дека не сака со ОБСЕ да претседава уште една земја по Северна Македонија и Полска; Русија ги обвини двете земји дека постојано ја покренувале темата за „тековната руска агресија против Украина“ на неделниот Постојан совет на ОБСЕ, на којшто се состануваат амбасадорите и дека двете земји на различни форуми на ОБСЕ ја отфрлиле идејата дека може да има „бизнис како и обично“ додека трае конфликтот. Прашањето се појави неодамна во австриската престолнина со извори кои ми кажаа дека рускиот претставник се појавил без вратоврска, видно алкохолизиран и дека им им држел предавања на присутните за тоа како треба да се води организацијата.
Вообичаено,за тоа кој ќе претседава со ОБСЕ се одлучува најмалку една година однапред преку едногласност меѓу земјите-членки. Би било без преседан ОБСЕ да влезе во новата година без земја претседавач - сценарио кое може да доведе до пропаст на целата организација.
На пример, веќе е одлучено Финска да претседава со ОБСЕ во 2025 година, по повод 50-годишнината од Хелсиншкиот финален акт на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) - претходник на ОБСЕ. Оваа одлука беше донесена многу пред Финска да стане членка на НАТО.
Естонија долго време не ја повлекуваше својата кандидатура, откако доби целосна поддршка од другите 26 земји-членки на ЕУ - вклучително и од министрите за надворешни работи на блокот кога се состанаа во Брисел на 13 ноември. На крајот, Талин мораше да се откаже, додека Малта објави подготвеност да го преземе претседавањето. Стравот од влегување во 2024 година без земја претседавач се зголеми во Виена – особено ако се земе предвид дека земјата на оваа позиција игра доста важна улога во секојдневната работа во австрискиот главен град преку посредување консензус, водење состаноци на сите нивоа и поставување приоритети.
Написот на ѕидот за Талин стана сè поочигледен кога во една политичка нота од Соедиметите Држави, видена од РСЕ, упатена до земјите-членки на ЕУ, беше подвлечено дека „САД ја ценат подготвеноста на Естонија да претседава во 2024 година и дека ја поддржуваат Естонија како принципиелен и способен кандидат за идно претседавање“.
Клучно, сепак беше додадено дека: „Но Русија јасно стави до знаење дека нема да се приклучи на консензусот за друга членка на НАТО како претседавач“. Исто така, се додава дека „ОБСЕ итно треба да идентификува земја способна да добие консензус да биде претседавач во 2024 година. Неуспехот да го стори тоа е победа за Русија“.
Но, прашањето е: дали западните земји ѝ дадоа на Русија победа или две со тоа што ѝ ги исполнија желбите на Русија и за нејзиното присуство на високо ниво и за нејзиното инсистирање за отстранување на кандидатурата на Естонија?
Кремљ се согласува со Малта претседавач, но би сакале Лавров да го потврди тоа на министерството во Скопје. И тие сè уште не кажале „да“ за да ги пополнат четирите врвни позиции во ОБСЕ за уште една година, нешто што исто така сакаат да го направат додека се во македонскиот главен град, но веројатно не без да побараат нешто за возврат. Што може тоа да биде е ничија претпоставка. Но, ублажувањето на критиките на ОБСЕ за руската војна во Украина, не би било премногу луда претпоставка.
На крајот се чини дека ОБСЕ - единствената меѓународна организација во Европа во која Русија сè уште е членка - ќе живее уште една година. Но, некои, вклучително и незадоволното трио на балтичките земји, Полска и Украина ќе се запрашаат по која цена. Тие забележуваат дека Москва ја расипува работата на неколку важни политички досиеја на ОБСЕ во последниве години, како што е блокирањето на три теренски мисии во Украина и целиот буџет на ОБСЕ за последните две години и дека најверојатно ќе продолжи да го прави тоа.
Во секој случај, оптиката во Скопје нема да биде одлична за Киев и неговите најголеми поддржувачи, со тоа што Русија ќе се врати на највисоко политичко ниво во организација каде што сè уште може да го диктира секој важен чекор. Како резултат на тоа, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, веќе посочи дека нема да учествува, а други можеби ќе го следат примерот.