Достапни линкови

Афера прислушување – обвинетите на слобода, државата ќе обесштетува?


Илустрација
Илустрација

Тоа што „Таргет“ застаре, според адвокатот Медарски, нема да влијае врз барањето отштета и тој најавува дека ќе ја продолжи граѓанската постапка што беше прекината. И адвокатот кој ја доби битката во „Големото уво“ пред 20-тина години, смета дека простор за тужба постои и правните основи се исти.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска (31 октомври) продолжи судскиот процес за предметот „Таргет-Тврдина“, но само за делот за уништување на опремата за следење на комуникацијата, додека тој за масовното прислушување застаре и никој нема да одговара за тоа.

За прислушувањето, се спасија поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков и уште петмина обвинети бидејќи делата злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања им застареа благодарение на измените на Кривичниот закон од 6 септември.

За нив деновиве писмено се изготвуваат решенијата за застареност и во текот на неделава судот ќе ги достави до странките. Во овие решенија, велат од Кривичен, судот ќе се произнесе и за поуките до отштетените.

А, дали воопшто отштетените ќе добијат обесштетување и од кого, е прашањето кое отвори полемика откако стана јасно дека судскиот процес за прислушувањето нема да дочека правосилна пресуда.

Политичари од власт и опозиција, новинари, бизнисмени беа на листата сведоци кои најавија дека ќе бараат отштета. Речиси сите во судницата во Кривичен посочија дека обесштетувањето ќе го бараат во парница пред Основниот граѓански суд.

35 од новинарите кои беа „таргети“ во прислушувањето како едни од жртвите ги застапува адвокатската канцеларија на адвокатот Филип Медарски. Тие ја прекинаа граѓанската постапка додека да заврши кривичната, но сега кога таа застари, адвокатот најавува продолжување.

„По правосилноста на решението со кое се констатира застареност, ќе бараме продолжување на граѓанската постапка во која што бараме отштета за прислушуваните лица. Сметам дека фактот што во кривичната постапка не е утврдена одговорност нема да има влијание на граѓанската постапка и штетата би требало да биде досудена“, вели Медарски за Радио Слободна Европа.

Повреда на приватноста

Дека сите отштетени, во ситуација кога нема правосилно осудени за следењето на комуникациите, би можеле да бараат отштета, сметаат и од невладината Коалиција „Сите за правично судење“. Но, тоа ќе биде од државата.

„Во ваквиот случај бидејќи на голема група на граѓани им е повредено правото на приватност, а нема правосилна судска пресуда со која се осудуваат конкретни лица за прислушувањето, отштетените ќе можат да бараат надомест на штета за повреда на правото на приватност од страна на државата. Во таквиот случај, доколку судот оцени дека е повредено правото на приватност и констатира дека треба да се обесштетат отштетените, штетата ќе биде надоместена од буџетот на Република Северна Македонија“, вели Ивана Петковска од Коалицијата.

Со оглед дека стануваше збор за активен предмет, нема прецизна бројка на лица кои пријавиле отштетно побарување до Кривичен. Во првиот судски процес кој траеше три години, писмено барање за отштета поднесоа 177 лица, од кои дел беа сослушани, а другите поднесоа писмени изјави. Меѓутоа Апелација ја укина осудителната пресуда и го врати случајот на повторно судење.

Праксата од „Големото уво“

По ваквиот расплет на настаните, „таргетите“ во аферата со прислушувањето, сепак, очекуваат дека ќе добијат отштета. Новинарката Валентина Вурмо, која е меѓу оние што писмено побараа отштета, нагласува дека тоа што ќе нема виновници со судска тапија, не значи дека прислушувањето не постоело.

„Веќе се коментира дека без пресуда нема ни отштета, но судската пракса со ’Големото уво‘, покажува дека постои начин како тоа да се изведе. Обесштетувањето воопшто не треба да се доведе во прашање, туку неправдата во случајот е што тоа ќе падне на товар на државниот буџет, бидејќи наместо да платат оние кои прислушувале, парите ќе се одлеат од народното чекмеџе. Или самите, со наши пари, ќе си ја залечиме душевната болка од незаконското прислушување. Но, нема да ме изненади и доколку и за ова прашање, наместо правно, се најде политичко решение, како што тоа беше сторено со скандалозните измени на Кривичниот законик“, вели Вурмо.

Аферата „Големото уво“ во 2000 година ја обелодени тогашниот лидер на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, презентирајќи транскрипти од следените комуникации на политичари, новинари, дипломати, бизнисмени … За случајот, поранешниот претседател Борис Трајковски ги аболицираше тогашните министерка за внатрешни работи Доста Димовска и началникот на Петтата управа во МВР Александар Цветков, кои беа осомничени како нарачатели. Сепак, по седум години судење, група од 17 новинари успеаја пред граѓанскиот суд да се изборат за обесштетување од по шест илјади евра. Подоцна, поради судење во неразумен рок и Европскиот суд за човекови права во Стразбур определи да им се исплати отштета.

Правната битка за отштетените тогаш ја водеше адвокатот Димитар Дангов, кој смета дека и денес, основите за тужба се исти.

„Мое мислење е дека има основ. Правните основи на кои се заснова тужбеното барање денес, се идентични како и тие пред 20-тина години. Тоа е нелегалното прислушување“, вели адвокатот Дангов.

Се бараа отштети и до 10 милиони евра

Финансиските импликации врз државниот буџет од застарувањето на најважниот предмет што произлезе од аферата со масовното прислушување, ќе се гледаат дополнително. Но, тие не се занемарливи што беше посочено и од обвинителката Ленче Ристоска која го застапува обвинението за „Таргет-Тврдина“.

„Трошоците за кривичната постапка, што би рекла, трошоците што ги имале обвинетите за нивните адвокати, трошоците што настанале по повод вештачењето итн., сето тоа паѓа на товар на Буџетот и она што е најважно и лицата кои биле отштетени од незаконското прислушување и трошоците за нивно обесштетување повторно паѓаат на товар на државата“, посочи Ристоска во првата реакција откако на судско рочиште беше констатирано делумно застарување на предметот.

Според обвинението што Ристоска заедно со нејзините колеги го бранеа во судница, директно и индиректно со прислушувањето од 2008 до 2015 година биле опфатени околу 20 000 граѓани. Незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На други 1. 541 број, пак, комуникацијата била следена и пред и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле следени 5.827 телефонски броеви.

Дел од овие „таргети“ сведочеа во судница. Новинарите во најголем дел ја потенцираа штетата на професионален план. Сведочеа дека биле предупредувани да не објавуваат нешто за што претходно зборувале на телефон, дека добивале деманти на уште необјавени телевизиски прилози, како и дека по избивањето на аферата изворите на информации се плашеле да разговараат со нив … Повеќето од нив, без да наведат конкретни суми најавија дека ќе бараат отштета во граѓанска постапка.

Сведочеа и бизнисмени, а некои нив истакнаа и конкретни побарувања. Еден од нив беше и Нухи Алиу кој побара отштета од 10 милиони евра тврдејќи дека против него и неговата фирма „Еуро Актива“ се водел монтиран судски процес „благодарение“ на следењето на комуникациите.

Сведочеше и сопственичката на туристичката агенција „Орфеј“, Снежана Јовановска-Трајковска која рече дека „знаела оти ја прислушуваат бидејќи и ги раскинувале сите тендери“. Побара отштета од три милиони евра.

Како директор на Комерцијална банка за потенцијалните штети зборуваше и Хари Костов кој рече дека тоа што бил прислушуван можеби не му нанело лично штета, но можело да нанесе на фирмите клиенти на банката.

На листата отштетени од прислушувањето бараше да биде додадена и ексминистерката Гордана Јанкулоска, која заедно со Мијалков седеше на обвинителна клупа во „Таргет-Тврдина“, но таа не се гонеше за делот за нелегалното прислушување туку за уништување на опремата за следење на комуникациите.

Овие два дела, поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) првично ги водеше како посебни истраги, но со поднесувањето на обвинението го спои во еден предмет.

По застарувањето на делот за прислушувањето („Таргет“), како што објасни и обвинителката Ристоска, Јанкулоска е една од оние за кои нема застарување и остана меѓу обвинетите за уништувањето на опремата („Тврдина“). Со неа се и поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, како и двајцата поранешни разузнавачи кои се во бегство во Грција, Никола Бошковски и Горан Груевски. За фалсификување на исправа обвинета останува и Валентина Симоновска.

Овде, рече обвинителката Ристоска, сè уште не е застапена застареноста, но секако измените од Кривичниот законик ќе имаат импликации, бидејќи рокот е скратен и консеквентно и за тоа се заканува можност од застарување.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG