Достапни линкови

Вести

Одбраната на Мерко бара да не му се суди за автомобилот поради застареност на случајот

Рамиз Мерко, градоначалник на Струга
Рамиз Мерко, градоначалник на Струга

Денеска, 8 јули, во Основниот суд во Струга се одложи рочиштето за главна расправа во судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ вреден 67 илјади евра. Причината за одложување на рочиштето е што на судот му е потребно време да ги разгледа предлозите што ги дале обвинителот и одбраната.

Јавниот обвинител од Основно јавно обвинителство Струга Никола Јолески побара судот да ги одбие предложените докази од одбраната со образложение дека се нејасни и нецелосни и оти ќе придонесат за одолговлекување на постапката.

Адвокатот на Мерко, Игор Петкоски, пак, побара судот да го отфрли обвинителниот предлог, бидејќи, според него, рокот за обвинение изминал.

„Обвинителниот предлог од страна на Јавното обвинителство е поднесен на 28 февруари 2024 година до Основен кривичен суд Скопје, со кој обвинетиот се товари за дејствија од 2018 година, што значи изминале повеќе од пет години и судот требало согласно член 337 од Законот за кривична постапка, да донесе решение со кое ќе го одбие обвинителниот предлог“, рече адвокатот Петкоски, пренесе МИА.

Судијката Надица Митреска рече дека како суд треба да ги проверат околностите, особено за барањето на одбраната која предлага да се донесе решение дека е настапена застареност на кривичното гонење.

Следното рочиште треба да се одржи на 2 септември.

Обвинението за набавката на „аудито“ беше поднесено на 1 март. Покрај за него, тоа опфаќа набавка на уште три автомобили. Вредноста на сите возила е околу 114.000 евра. Според обвинителството, Мерко како градоначалник го оштетил општинскиот буџет спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка.

Мерко во предметот се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Инаку за името на Рамиз Мерко, кој во три мандати управува со општина Струга, досега се врзуваа афери и обвинувања за корупција, но ниту една не доби судска завршница. Дел од нив, веќе и застареа.

Неговото име пред една година се најде и на американската црна листа.

види ги сите денешни вести

Трамп го претстави планот за реципрочни царини, се залага за враќање на Русија во Г7

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп на 13 февруари го претстави патоказот за воведување реципрочни тарифи за секоја земја што има царини за увоз од САД и рече дека би сакал Русија да се врати во Групата 7 индустриски развиени земји.

Трамп рече дека е грешка што Москва била исфрлена од Г7.

Русија беше членка на клубот Г7 на индустријализираните демократии, тогаш познат како Г8, додека Москва не беше протерана по анексијата на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

„Би сакал да ги вратам. Мислам дека беше грешка да бидат избркани. Видете, не е прашање дали ви се допаѓа Русија или не ви се допаѓа Русија. Тоа беше Г8“, рече Трамп во Белата куќа додека ги објавуваше новите реципрочни американски царини.

Белата куќа вели дека реципрочните царини ќе ја зајакнат економската и националната безбедност на САД.

„Сакаме еднакви услови за игра“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, разговарајќи за тарифните мерки.

Тарифите не стапуваат на сила во четврток, но би можеле да почнат да се воведуваат за неколку недели бидејќи трговско-економскиот тим на Трамп ги проучува билатералните царини и трговските односи, изјави за новинарите претставник на Белата куќа.

Хауард Лутник, кандидатот на Трамп за министер за трговија, рече дека администрацијата ќе се занимава со секоја земја поединечно. Тој рече дека студиите на администрацијата за ова прашање ќе бидат завршени до 1 април.

Трамп, кој водеше кампања на ветување за намалување на цените, рече дека цените може да се зголемат на краток рок како резултат на тие потези. „Царината е одлична“, рече тој.

Официјален претставник на Белата куќа, зборувајќи за новинарите пред објавувањето на Трамп во Овалната соба, рече дека администрацијата прво ќе ги испита, како што ги нарече, „најбезобразните“ прашања, вклучително и земјите со најголем трговски суфицит и највисоки царини.

Реципрочните тарифи на Трамп ќе одговараат на повисоките тарифи што ги имаат другите земји, рече тој. Тие, исто така, треба да се спротивстават на нетарифните трговски бариери како што се оптоварувачките регулативи, даноците на додадена вредност, владините субвенции и политиките на девизниот курс што може да го попречат протокот на американски производи на странските пазари.

Изгледа дека објавата е дизајнирана барем делумно да ги поттикне разговорите со другите земји за намалување на тие бариери. Официјалниот претставник рече дека Трамп би бил среќен да ги намали тарифите доколку другите земји ги намалат нивните.

„Значи, претседателот ќе биде повеќе од среќен да ги намали тарифите ако земјите сакаат да ги намалат тарифите. Но, исто така, да признаеме дека тарифите, повисоките царини, не се најголемиот дел од проблемот во многу, ако не и во повеќето случаи“, рече претставникот.

Целите ги вклучуваат Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Европската унија. Тарифите би го избегнале пристапот „една мерка за сите“, рече тој, иако не исклучува рамна глобална тарифа.

Официјалниот претставник рече дека недостатокот на реципрочни царини во САД придонесе за големиот и постојан трговски дефицит на САД.

Индискиот премиер Нарендра Моди, кој требаше да се сретне со Трамп, ја предводи земјата која наметна највисоки царини за американскиот извоз од кој било друг голем трговски партнер на САД. Трамп го истакна ова во четвртокот.

Последната рунда тарифи на републиканскиот претседател ги засили стравувањата од ширење на глобалната трговска војна и се закани да ја зголеми инфлацијата во САД.

Трговските советници на Трамп во средата ги финализираа плановите за реципрочни тарифи што американскиот претседател вети дека ќе ги воведе на секоја земја што воведува царини за увоз од САД.

Трамп, кој ја презеде функцијата на 20 јануари, веќе најави царини за целиот увоз на челик и алуминиум почнувајќи од 12 март и воведе царини од 10 отсто за стоки од Кина. Тој се закани и со царини за стоки од соседните Канада и Мексико, но ја одложи таа одлука за 30 дена.

Американскиот претседател во понеделникот рече дека размислува и за посебни царини за автомобили, полупроводници и фармацевтски производи. Во четвртокот, тој рече дека тарифите за автомобилите ќе следат наскоро.

Трговските експерти велат дека структурирањето на реципрочните царини што ги сака Трамп претставува голем предизвик за неговиот тим, што може да даде објаснување зошто најновите царини не беа објавени претходно оваа недела.

Сиарто вели дека гледа „обиди за дестабилизација“ на Србија

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на 13 февруари во Белград изјави дека неговата земја го следи развојот на настаните во Србија и дека гледа „обиди за дестабилизација“.

„Сакам да кажам апсолутно јасно дека во интерес на Унгарците е да има стабилност и мир во Србија“, рече Сијарто, алудирајќи на протестите што траат во Србија по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

Нив ги предводат студенти кои бараат надлежните да одговараат за несреќата.

Надлежните одговараат дека се поднесени обвиненија против 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ и дека се исполнети сите барања на студентите, кои тие ги негираат.

На конференцијата со српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, Сијарто рече дека Будимпешта ги почитува напорите на властите во Белград за развој на српско-унгарските односи.

Европа, додаде тој, е во „тешка ситуација“ и има потреба од нов поттик од Западен Балкан.

„Срамно е што институциите во Брисел сè уште го блокираат процесот на интеграција на Србија“, рече Сијарто, додавајќи дека Унгарија ќе продолжи да му дава поддршка на Белград со цел да се забрза процесот на европска интеграција.

Србија е во застој на патот кон членство поради, меѓу другото, одржувањето врски со Москва и одбивањето да се приклучи на европските санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Украина и Русија разменија напади со дронови, нарушен воздушниот простор на Молдавија

Последици од нападот со руско беспилотно летало врз регионот Одеса ноќта на 13 февруари.
Последици од нападот со руско беспилотно летало врз регионот Одеса ноќта на 13 февруари.

Украина објави дека уништила два радарски системи Валдаи во близина на Москва во бран ноќни напади со беспилотни летала. Молдавија соопшти дека две руски беспилотни летала експлодирале на нејзина територија, а членката на НАТО Романија изјави дека нејзиниот воздушен простор најверојатно бил нарушен.

Главната управа за разузнавање на Украина (ГРУ) во соопштение на 13 февруари наведе дека нападите биле насочени кон воена единица во рускиот град Долгопрудни, која е одговорна за безбедноста на воздушниот простор над Москва.

„Експлозивна направа уништи два руски радарски системи „Валдаи“, дизајнирани за 24-часовно автоматско откривање и сузбивање на беспилотни летала. Ова е најновиот развој на рускиот воено-индустриски комплекс - првиот модел од својата класа што ќе го усвои армијата на државата агресор Русија“, се вели во соопштението на ГРУ.

Русија не ги коментираше тврдењата на ГРУ.

Москва започна сопствен масовен напад во раните утрински часови на 13 февруари, насочен кон јужниот украински регион Одеса.

Олех Кипер, началник на воената администрација на областа, рече дека нападот ја оштетил пристанишната инфраструктура и неактивна образовна институција.

Додека локалните жители снимаа видеа од нападот, на ноќното небо над регионот беа забележани повеќе летечки објекти. Украинските власти прогласија тревога за воздушен напад во градот Измаил, во југозападна Украина, во близина на нејзините граници со Романија и Молдавија.

Молдавската претседателка Маја Санду изјави дека две руски беспилотни летала Шахед го нарушиле воздушниот простор на Молдавија и експлодирале на нејзина територија, додека романското Министерство за одбрана соопшти дека најверојатно два дрона влегле во нејзиниот воздушен простор.

„Русија не ги почитува границите, напаѓа цивили и шири терор. Нејзината војна против Украина е криминална. Оставете не нас, мирољубивите народи на мир“, напиша Санду на социјалната платформа Х.

Михаи Попсои, министер за надворешни работи на Молдавија, рече дека рускиот амбасадор ќе биде повикан поради инцидентите.

Последните напади со беспилотни летала ја истакнуваат ескалацијата на воздушниот конфликт меѓу Украина и Русија, при што двете страни започнаа прекугранични напади. Украина се повеќе ја гаѓа руската територија со беспилотни летала, додека Русија продолжува да ја бомбардира украинската инфраструктура, често напаѓајќи цивилни области.

Во украинскиот град Херсон, руското гранатирање оштети висококатна станбена зграда, при што беа ранети две лица, изјави Олександр Прокудин, гувернер на областа Херсон.

Преку границата во Русија, регионот Липецк беше погоден од украински беспилотни летала, предизвикувајќи привремен прекин на електричната енергија во административниот центар, исто така наречен Липецк.

Гувернерот на Липецк Игор Артамонов ја пријави заканата со беспилотно летало на Телеграм и подоцна потврди дека е вратена струјата во неколку погодени области.

Артамонов рече дека остатоци од еден од дроновите паднале на вентилациона станица, при што е повреден еден вработен. Дополнителни остатоци од дрон биле пронајдени во две приватни резиденции, иако нема извештаи за жртви.

Запленети 188 килограми марихуана, спречен меѓународен канал за шверц на дрога

Царинската управа на Северна Македонија спречи меѓународен канал за шверц на дрога. 13.02.2025.
Царинската управа на Северна Македонија спречи меѓународен канал за шверц на дрога. 13.02.2025.

Царинската управа и Бирото за јавна безбедност спровеле заедничка акција во која се запленети 188,6 килограми марихуана, со што спречен меѓународен канал за шверц на дрога. Двајца возачи се лишени од слобода, а против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Како што информираше директорот на Царинската управа Бобан Николовски, дрогата била пронајдена во камион натоварен со рециклирана хартија на граничен премин Богородица. Запленетата марихуана била скриена меѓу бали отпадна хартија, а нејзината проценета вредност на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.

„Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничен премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција.Случајот го следиме подолго време, што на крај успешно резултираше со откривање на криминалната мрежа која требало да оперира низ неколку држави“, рече Николовски.

Николовски додаде дека оваа акција била резултат на долготраен оперативен процес, кој ја открил криминалната мрежа што работела во неколку држави. Според него, заедничката акција на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност е пример за успешна координација во спречување на меѓународниот шверц на дрога.

„Спречувањето на оваа криминална мрежа покажува дека заеднички можеме да ја зајакнеме борбата против криминалот и да ги заштитиме граѓаните од последиците на таквите активности,“ изјави Николовски.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, истакна дека акцијата е дел од пошироката стратегија на институциите да го сузбијат криминалот и корупцијата на сите нивоа. Тој нагласи дека нема место за криминал во Македонија и дека заедничката работа на институциите е клучна за напредокот на државата.

Јавниот обвинител од ОЈО Гевгелија веќе поднел предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, на возраст од 43 и 41 година. Обвинителството наведува дека постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе побегнат, ќе ги уништат доказите или ќе влијаат на сведоците во постапката.

Акцијата на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност продолжува, а истрагата се проширува и на други лица поврзани со овој меѓународен канал за шверц на наркотични дроги.

ДУИ започна процес на реформи и ветинг во партијата

Али Ахмети на собир на ДУИ пред Уставен суд каде има расправа за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
Али Ахмети на собир на ДУИ пред Уставен суд каде има расправа за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) попладнево соопшти дека започна сеопфатен процес на реформи и ветинг, предводен од претседателот на партијата Али Ахмети и раководството.

Според соопштението, оваа иницијатива ја истакнува посветеноста на ДУИ за добро владеење и интегритет, со цел поставување нови стандарди за политичките партии во регионот.

„Пратениците од ДУИ го започнаа процесот со проценка на ризик од корупција и потпишување на Кодексот за добра пракса и интегритет, кој е усогласен со Резолуциите на Венецијанската комисија и Парламентарното собрание на Советот на Европа,“ информираат од партијата.

ДУИ планира проширување на ветинг процесот кон сите високи партиски функционери, членовите на Претседателството и локалните ограноци.

„Со стратешкиот акциски план целиме не само да ја зајакнеме борбата против корупцијата, туку и да поттикнеме култура на интегритет во политичките процеси,“ истакнал претседателот Ахмети.

ДУИ нагласува дека нивниот пристап е сеопфатен и насочен кон поединци со силен интегритет, кои ќе ја движат антикорупциската агенда. Со оваа иницијатива, партијата има за цел да изврши значајни промени во партијата и во националната рамка на владеење.

Калас: Ќе се обидеме да го направиме функционален дијалогот меѓу Косово и Србија

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас .
Шефицата на европската дипломатија Каја Калас .

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас најави можност за преиспитување на форматот на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, наведувајќи дека слушнала критики за пристапот кон досегашниот процес.

Во интервју за „European desk“ за кое се собраа новински агенции од околу 20 европски земји, таа изјави дека во март ќе разговара со новоименуваниот специјален претставник за дијалогот Косово-Србија, Питер Соренсен, за тоа како дијалогот да продолжи.

„Затоа што е јасно дека нормализацијата на односите е неопходна за двете земји. Ако мислат дека можат да тргнат по европскиот пат без нормализирање на односите, според мене, тоа не е можно. Во исто време, слушам и критики за овој формат. Значи, навистина сакам да видам како можеме да го направиме овој процес функционален“, рече Калас.

Високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија потврди дека за тоа веќе разговарала со шефот на српската дипломатија, кој, според неа, ја потврдил подготвеноста за напредок во процесот на нормализација.

Сега, како што рече, се очекува формирање на нова влада на Косово, а потоа европската страна ќе види како ќе продолжи во овој процес.

Во текот на изминатата година немаше средба меѓу лидерите на Србија и Косово во рамките на дијалогот.

Изборите во Косово се одржаа на 9-ти февруари и сега се очекува да биде формирана нова, најверојатно, коалициска влада во Приштина.

Дури по формирањето на владата и под услов да не се распишат избори во Србија, европската страна може да смета на евентуално започнување на процесот кој практично е закочен од 2023 година, кога лидерите на Косово и Србија постигнаа, а не потпишаа, договор за патот кон нормализација на односите.

Ниту една од страните досега не спроведе ниту еден член од овој договор.

Граѓани со тапани и свирежи опструираа седница на Владата на Црна Гора

Блокада пред Владата на Црна Гора во Подгорица.
Блокада пред Владата на Црна Гора во Подгорица.

Црногорските граѓани ја опструираа владината седница во Подгорица на 13-ти февруари со сирени, тапани и свирежи за да го изразат своето незадоволство од начинот на кој институциите се справуваат со масовното убиство во Цетиње.

Опструирањето на седницата е дел од шестчасовната блокада на булеварот кај Владата, организирана од неформалната студентска група „Камо шутра“.

Имено, во моментот на убиствата во Цетиње на 1 јануари, полицијата речиси шест часа трагаше по Ацо Мартиновиќ, кој се самоуби откако на повеќе локации во градот уби 13 лица.

„Камо Шутра“ од почетокот на годинава одржува протести и блокади со кои бараат премиерот Милојко Спајиќ да ги разреши вицепремиерот за безбедност Алекса Бечиќ и министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ поради, како што рекоа, полициските пропусти на денот на масовното убиство.

Претставничката на „Камо Шутра“ Хана Растодер на 13 февруари за Радио Слободна Европа изјави дека сакаат „носителите на одлуки да научат одговорност и граѓанска критика“.

Спајиќ, сепак, го отфрли барањето на студентите, наведувајќи дека „оставката е чин на морална и објективна одговорност“ и дека сите членови на Владата „се предмет на промена по анализа на нивниот настап“.

Покрај оставките на министрите, тие бараат реформи во полицијата, конфискација на нелегалното оружје, подобра грижа за менталното здравје и враќање на граѓанското образование како задолжителен предмет на училиштата.

Владејачките демократи тврдат дека зад протестите и блокадите со кои се бараат оставки од нивните функционери Бечиќ и Шарановиќ стојат криминални групи и сили блиски до Мило Ѓукановиќ, поранешниот лидер на опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС).

Неформалната студентска група „Камо шутра“ го демантираше ова.

„Живееме во земја која не е безбедна и тоа, за жал, се покажува од ден на ден, во која никогаш на прво место не е професионалноста, туку партиската посветеност. Затоа сме лути и тој гнев некаде треба да го покажеме“, вели Растодер.

Тој се надева дека затоа граѓаните ќе имаат разбирање за нивната неколкучасовна блокада во строгиот центар на Подгорица.

Блокадата започна во 11 часот и се планира да трае до 17 часот и 26 минути - симболично време кога беа пријавени првите убиства во Цетиње на 1 јануари.

Зградата на Владата ја обезбедуваат полициски сили.

24-годишен Авганистанец осомничен за намерно влетување кон група луѓе во Минхен

Аавтомобил влета во толпа луѓе во Минхен. 13 февруари 2025.
Аавтомобил влета во толпа луѓе во Минхен. 13 февруари 2025.

Неколку часа по инцидентот, 24-годишен авганистански државјанин е осомничен дека со автомобилот влетал во луѓе во Минхен при што повредил 28 од нив. Полицијата на 13 февруари соопшти дека некои од нив се тешко повредени, при што дел се во критична состојба.

Автомобилот пред да удри во луѓето се приближил до полициските возила на местото на настанот и потоа забрзал накај луѓето, соопшти полицијата.

Премиерот на Баварија, регионот во кој се наоѓа Минхен, рече дека сообраќајната несреќа се третира како „можен напад“.

„Нападот покажува дека треба да промениме нешто во Германија – и тоа брзо“, рече премиерот Маркус Седер.

Министерот за внатрешни работи на регионот рече дека осомничениот ѝ бил познат на полицијата во врска со инциденти со дрога и кражби.

Се верува дека инцидентот не е поврзан со Минхенската безбедносна конференција, која започнува во петок, а на која
ќе присуствува и американскиот потпретседател Џ. Венс и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во близина на централната железничка станица во тек е голема полициска акција.

Полицијата на мрежата Х наведе дека успеала да го приведе возачот и дека не верува дека тој претставува дополнителна закана.

Во инцидентот се чини дека се повредени луѓе кои учествувале во протести поврзани со штрајкот организиран од синдикатот на Верди, објави локалниот медиум БР.

Обвинителство нареди вонредни инспекции за воздухот во Скопје

Илустративна фотографија - загаден воздух во Скопје.
Илустративна фотографија - загаден воздух во Скопје.

По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска се спроведуваат координирани вонредни инспекциски надзори на подрачјето на главниот град. Во акцијата учествуваат Државниот инспекторат за животна средина, општинските инспектори од скопските општини и Градот Скопје, Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување.

Овие информации произлегуваат од официјален извештај на Јавното обвинителство.

„Дејствијата се преземаат во рамките на предмет поврзан со загадувањето на воздухот во Скопје, а сите надлежни институции се задолжени да изготват соодветни извештаи од извршените контроли и да ги достават до обвинителството“, велат од Обвинителството.

Во соопштението се вели дека сите надлежни институции се задолжени да изготват извештаи од извршените контроли и да ги достават до обвинителството.

Државните инспектори за животна средина вршат проверки на инсталациите кои имаат А интегрирана еколошка дозвола и одобрен Елаборат за заштита на животната средина, а кои се под надлежност на Министерството за животна средина. Надзорот е насочен кон инсталациите кои користат мазут или нафта за загревање и може да влијаат на амбиентниот воздух.

Инспекторите при Град Скопје вршат проверки на објекти со Б интегрирана еколошка дозвола и вршат контроли на возилата кои излегуваат од градилишта, палење на оган на отворено и одлагање отпад на јавни површини.

Министерството за внатрешни работи проверува дали се почитува посебниот сообраќаен режим за тешките товарни возила со цел намалување на сообраќајот во урбаните зони.

Дирекцијата за заштита и спасување врши контроли на субјектите кои користат мазут или нафта за загревање, со посебен акцент на редовното одржување на горилниците и чистење на димоводните канали.

Скопје со години е меѓу градовите со најголемо загадување во Северна Македонија каде мерните станици често покажуваат високи концентрации на честичките PM2,5 кои се меѓу најопасните загадувачи.

Зеленски: Украина не прифаќа договори меѓу Вашингтон и Москва без Киев

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 13 февруари изјави дека Украина нема да прифати никакви билатерални договори за нејзината судбина постигнати од Москва и Вашингтон во нејзино отсуство и ја повика Европа да има место на преговарачката маса на крајот на војната.

„Денес е важно сè да не оди според планот на (рускиот претседател Владимир) Путин, во кој тој сака да стори сé за неговите преговори да бидат билатерални (со САД)“, рече Зеленски, јавува новинската агенција Ројтерс.

Претходно американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал „долг и многу продуктивен“ телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин.

„Разговаравме за Украина, Блискиот Исток, енергијата, вештачката интелигенција, моќта на доларот и разни други теми“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Вистина.


„Договоривме тесна соработка, вклучително и меѓудржавни посети. Исто така, се согласивме нашите тимови веднаш да почнат со преговори, а ќе почнеме така што ќе го повикаме украинскиот претседател Зеленски за да го известиме за разговорот, а тоа ќе го направам токму сега“, стои во објавата на Трамп.

Кремљ објави дека Русија е подготвена да прими американски претставници на разговори за Украина.

Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, Трамп „изразил поддршка за итен прекин на непријателствата и мирно решавање на проблемот“.

„Претседателот Путин, од своја страна, ја спомена потребата да се елиминираат причините за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне со мирни преговори“, рече Песков.

Песков рече дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва и дека Русија е подготвена да прими американски претставници на разговори.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG